Заев: Договорот е рамен на капитулација, но јас подобро не можам

Пред седум дена пишував дека Мицкоски не е од материјал за лидер на Македонија, а вчера дека за одбрана на уставното име не се доволни само празни фрази, туку стратегија и дела. Здосадено ми е да се повторувам, но претседателот на ВМРО ДПМНЕ и синоќа, како на 2ри Јуни, имаше шанса да покаже дека сум згрешил, но....

Лесно му е на Мицкоски да каже дека договорот со Грција е капитулација. ТАКА Е! Заев даде се што Грција побара, а народот кај нас можеби и може да го свари. Иако, договорот официјално не сме го виделе, а премиерот не е сигурен извор (со други зборови, многу лаже!), засега ќе се водиме по она што струмичанецот го кажа. Јазикот и нациналноста остануваат речиси не променети, но болката е во Ерга Омнес и менувањето на уставот. Да, Заев даде се што досега ниту еден наш политичар не помислил да жртвува. Даде нешто што не е негово, ниту нешто за што има било какво право да преговара. Нешто за што вети дека нема да преговара, но веќе спомнав, човекот многу лаже. Да, секако дека има простор за критики, но доколку истите се без соодветно понудено подобро решение се само техника за собирање политички поени. Тоа ли е целта на Мицкоски? Затоа ли и денеска побара предвремени избори, без да каже што ако ги добие. Што ќе понуди тој? Во ред е да кажеш „нашиот став е дека не менуваме устав со цел промена на уставно име“, ама треба да ни кажеш и каде ни е иднината со тој став. Еве ние, граѓаните, 27 години ве гласаме, ве плаќаме да не водите. Да го браните името, јазикот, идентитетот, но и да ни овозможите услови за достоинствен живот. Името го сакаме. Го сакавме и во 1991 година кога ни закачивте привремена референца. Си го сакавме и знамето, но... Го бранеме уставот и во 2001 година, но вие ни потпишавте Рамковен. И во 2004 година, но „некои прашања не заслужија одговор“. Го сакаме веќе 27 години и го браниме, но многу изгубивме. Мајки живеат далеку од  своите деца. Татковци лажат дека имаат бугарски корени за да ги пратат чедата далеку од себе за поднослив живот. Деца ни умираат по болници, зошто здравството се распаѓа. Најголема смртност на новороденчиња. Се е тоа крв! Не сте бе браќа ништо поарни од Турците/Османлиите. Само што вие сте демек наши. Затоа НЕ, не е доволно да се критикува Заев. Тоа можам јас, како анунимус, како обичен граѓанин! Ти Мицкоски таков луксуз немаш! Кажи ни ајде, што ако падне договорот? Што ако ВМРО дојде на власт? Како во ЕУ без договор со Грција? Или ќе понудите сојуз со Кина, Русија, Индија... Куба?!! Еве не чини договорот, ама што ако го скинеме? Или можеш да ни ветиш договор со Грција без Ерга Омнес? Ок, еве Заев е неспособен, но вие бевте на власт 11 години пред него, зошто не го донесовте тој договор тогаш? Без одговор на овие прашања не барајте избори, не барајте народ, не глумете патриоти.

12 Јуни 2018 година ќе остане запишан во македонската и светската историја. Денот на кој за прв пат една држава менува има по надворешен притисок на соседна држава. Денот на кој повторно се откажуваме од малцинство. Денот кога Македонија се откажува од дел од својата историја! Сето ова доброволно, па дури и триумфално. Заев со славенички говор го презентираше договорот, но мораше да лаже што тоа попуштила/изгубила Грција со договорот. Не дека му е проблем да лаже (веќе мислам дека има таква потреба, нешто во него бара да лаже), но Македонскиот јазик за кој се пофали дека Грција „конечно“ ни го признала е премногу плитка лага. Смешал малку брзини Зоки, па заборавил дека Бугарија имаше проблем со нашиот јазик, не Грција. Ама ок, тешко му е да памти на кој што му дал. А што да прави премиерот, мора да лаже. Ако е искрен, неговата прес конференција ќе требаше да започне и заврши со:

- Во преговорите за името со Грција изгубивме дел од историјата, малцинството во Грција и уставното име. Договорот е (речиси) рамен на капитулација, но јас подобро не можам. Грците се многи стратегиски поспремни и немаат што да загубат ако преговорите пропаднат. Ако народот го прифати овој договор како решение, Северна Македонија ќе влезе во НАТО и можеби ќе почне преговори за влез во ЕУ. Ако референдумот на помине... јас немам друг план. Немам визија, ниту тим со капацитет да изградам држава од рунита во која ја претворивме Македонија.

На ова, час и половина подоцна Мицкоски на својата прес конференција ќе требаше искрено да каже:

- Договорот е капитулација и Заев нема легимитиет да преговара за менување на уставот без изграден национален консензус. Сепак, да потсетам и ВМРО ДПМНЕ го правеше истото и преговараше на своја рака во минатото. Разликата е што ние никогаш не прифативме „Ерга омнес“, па затоа и не дојдовме до договор. Очигледно е дека Грција никогаш нема да прифати промена на име само за меѓународна употреба, па реално со нашиот став Македонија никогаш не би влегла во НАТО или ЕУ. Јас немам храброст да ги повикам граѓаните да се откажат од членство во ЕУ и НАТО, бидејќи немам што друго да им понудам, па затоа само ќе побарам избори. Не затоа што ВМРО ДПМНЕ има план за подобро утре без ЕУ, туку затоа што СДСМ го даде она што ние не го дадовме.

Речиси и ми е срам што текстов посветен на „лидериве“ ќе го завршам со цитати од вистински Македонски ЛИДЕР и што неговото име ќе стои на иста страна со Зоки и Христијан.

„Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание. Кој мисли инаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себеси и другите.“

„Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови - изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа.“

Гоце Делчев

Автор: Пацифист

Ставот изразен во текстот е на авторот и не мора да се совпаѓаат со ставовите на редакцијата на Засе.мк.

Коментари

Популарно