(ВИДЕО) „Труст“: Затворски казни и конфискација на имотот за Кочан и Авировиќ

Бизнисменот Сеад Кочан, сопственик на фирмата „Трансмет“ е осуден на шест години затвор и забрана за вршење на дејност во траење од три години затоа што со лажни документи учествувал и добил тендери за ископ на јаглен и јаловина во РЕК „Битола“ на АД ЕЛЕМ со што се здобил со имотна корист од 17 милиони евра, одлучи денеска Кривичниот суд Скопје 1. За истото кривично дело на три години затвор и забрана за вршење на дејност во траење од три години е осуден и застапникот на фирмата „Силекс Неметали“, Василије Авировиќ. Со ова по девет месеци заврши првостепената постапка за случајот „Труст“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Во образложението на пресудата, судијката Лидија Трајковска Зимбовска рече дека обвинетите свесно ги повредиле законските одредби, заради остварување имотна корист. Меѓу другите докази, Трајковска Зимбовска се повика и на еден од прислушуваните разговори помеѓу тогашниот директор на ЕЛЕМ, Влатко Чингоски и генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски.

„И покрај сето договарање за условите за тендерот за работата да ја добие овие конзорциум сепак истиот поднел тендерска документација со невистинита содржина што покажува дека обвинетиот Сеад Кочан знаел за тоа. Со тоа што Авировиќ потпишувал документи во името на „Силекс Неметали“ тој добил статус на овластено лице иако не бил вработен во фирмата. И ако судот го прифати тврдењето на одбраната дека тој не бил свесен што потпишува тоа значи дека Авировиќ има дефект во свеста што не ја исклучува неговата одговорност“, рече Трајковска Зимбовска.

Специјалниот јавен обвинител Гаврил Бубевски генерално е задоволен од пресудата во случајот „Труст“ но остава простор дека СЈО може да се жали во делот на пресудата што се однесува на висината на затворските казни.

Дробилката на Ватиќ не била пресудна за добивање на тендерот

Третиот обвинет Сафет Ватиќ, еден од сопствениците на фирмата „Вато“ доби ослободителна пресуда. За него судот утврди дека нема докази дека со својата работа Ватиќ им помогнал на Кочан и Авировиќ во извршување на кривичното дело. За неговата фирма судот не донесе пресуда затоа што претходно СЈО го повлече обвинението за фирмата „Вато“.

„Судот утврди дека е неспорна неусогласеноста на договорот напишан на турски јазик и фактурите и царинската декларација напишани на англиски јазик со кои Ватиќ купил машини потребни за завршување на работата. Но ова не предизвикало промена во квалификувањето на конзорциумот во следната фаза од тендерската постапка. Покрај тоа со вештачењето се утврди дека договорот што го склучил Ватиќ за купување на потребната дробилка не бил одлучувачки за тоа конзорциумот да добие повеќе поени при оценувањето на понудата“, рече во образложението на пресудата судијката Трајковска Зимбовска.

Мујо Ватиќ, роднина на ослободениот Сафет Ватиќ и еден од сопствениците на фирмата „вато“ рече дека со новата власт правдата е достижна за секого.

„Респект на судот. За нас правдата е постигната. Гледаме со новата власт правдата е достижна за секого. Ова е праведна пресуда за нас, не збориме за другите, туку само за нашата фирма, изјави Мујо Ватиќ по изрекувањето на пресудата.

Од семејството Ватиќ рекоа дека нема да бараат оштета од државата за неосновано гонење на нивниот роднина Сафет Ватиќ.

Специјалниот обвинител Гаврил Бубевски не коментираше дали ќе поднесат жалба за ослободителната пресуда за Ватиќ, бидејќи, како што рече, ќе почекаат да ја добијат пресудата на писмено и да видат дали се согласуваат или не со аргументите на судот.

Сите казни за „Трансмет“ и „Силекс Неметали“

Освен затворските и паричните казни за сопственикот на „Трансмет“ Сеад Кочан и застапникот на „Силекс Неметали“, Василије Авировиќ, судот ги казни и двете фирми кои здружени како конзорциум го добија тендерот за ископ на јаглен во РЕК Битола.

Фирмите ќе треба да платат казни од по околу 32.000 евра, а ќе им се конфискува и имот во иста вредност како направената штета, околу 17 милиони евра.

„Фирмите „Трансмет” ДОО Скопје и „Силекс неметали СТ” кривично се одговорни за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, па Судот ги осудува на парична казна во износ од по два милиони денари, сума што треба да се плати во период од еден месец од правосилноста на пресудата. Судот ќе им се конфискува и имот во иста вредност од направената штета од една милијарда и шеесет милиони денари“, рече при изрекувањето на пресудата Трајковска Зимбовска.

Адвокатот на фирмата „Силекс Неметали“, Јован Јоанидис вели дека според денешното образложение на пресудата не е јасно што точно ќе им биде одземено на казнетите фирми.

„Судијката не кажа што точно ќе земат. Кога се конфискува имот во пресудата треба да се наведе што точно се конфискува. Таквиот имот ќе мора да оди на јавна продажба зашто поинаку не може. Не знам точно како ќе ја наплатат штетата што беше пресудена но ова секако значи дека фирмите ќе им бидат затворени. Веројатно тоа ќе го има во деталното образложение на судот кое дополнително треба да го добиеме“, вели во телефонски разговор за НОВА ТВ, Јоанидис.

Доколку нема да може да се наплати казната од овие две фирми тогаш ќе се бараат пари од фирмите што се наследнички на „Трансмет“ и „Силекс Неметали“. Доколку не може ниту така да се наплати штетата што ја направиле тогаш ќе се наплаќа од имотот на сопствениците на фирмите во зависност од тоа колкав е уделот на секој од нив при основањето на фирмата.

На претходните рочишта еден од предлозите на СЈО беше да се бара наплата од имотот на двајцата браќа на Кочан.

По изрекувањето на пресудата обвинителот Бубевски рече дека е изненаден од одлуката на Судот да им се конфискува имотот на обвинетите во износ на вкупната сума за која се обвинети.

„Ова е првпат да се конфискува имот по бруто принцип. Ваквиот начин најверојатно ја прави најголемата превенција од идни вакви кривични дела. Се работи за принцип што го имаат сите поразвиени правни системи. На овој начин се прави директен удар по економската добивка на кривичното дело. 90 отсто од сумата која треба да се конфискува е веќе привремено обезбедена“ рече Бубевски.

Како што објасни Бубевски, во конфискацијата не влегуваат само парите како подвижна ствар туку и друг недвижен имот.

СЈО нема да бара притвор за Кочан

По изрекувањето на пресудата СЈО нема бара притвор за Сеад Кочан, затоа што, како што рече специјалниот обвинител Бубевски, доволна била гаранцијата дека нема да побегне

„По однос на изрекување мерка притвор за Сеад Кочан до правосилност на пресудата,  мерката притвор не е задолжителна, а Кочан претходно достави гаранција дека нема да се даде во бегство“, изјави Бубевски.

И одбраната и СЈО имаат право на жалба на првостепената пресудата во рок од петнаесет дена.

Коментари

Популарно