Весна Петрушевска: Имам рак

Весна Петрушевска со одличен текст на нејзиниот портал, мојсајт мк во кој дава исповед од нејзина пријателка која имала рак на дојка, прочитајте го првиот и вториот дел од текстот кој завршува со продложува:

Вторник попладне , како и секој ден претходно вратена од работа ,уморна и грижлива за проблемите кои станаа моја рутина . Не знам зошто се допрев за едната дојка . На 45 години ние девојчињата не се пипкаме така често , претпоставувате проблеми , маж , дете , пари , кредити ….. Седев и ја движам дланката од еден крај на другиот . Тврда ми е градата , си велам не е можно да ми се случува нешто . Во истиот миг ми пролетаа разни мисли : Колку време не си била на преглед ? Мамографија ? Нели си едуцирана ? За сите имаш време за себеси не , така ? Ништо не ми е …ништо не ми е… Грабнав лаптопот и отидов во купатило . Почнав да барам , да читам за првите знаци . Сите симптоми беа мои , сите ! Се јавувам на сестра ми да ми закаже на мамографија , има врски знам . Си мислам овде без врски не можеш ни да умреш . Не спијам добро ноќта , се вртам го гледам маж ми и си мислам ако е она најлошото му го ебав животот и нему и на син ми . Пак мислам на другите … Мисли на себе , мисли на себе …

Не ми успева ! Очите ме пецкаа од неспиење , а срцето ми лупаше како ненормално . Одам сама на преглед , попатно му кажувам на сопругот дека одам да се проверам , редно е… Одам на мамографија во прекрасниот клинички во градов (знаете дека се зезам,така ? ) и не можам да се изначудам како има толку болни . Мисли на себе ,мисли на себе !

Прегледот е многу непријатен , кога ќе ти ги стиснат градите ти трнат очите и мозокот ти се замрзнува . Болка од која само можеш да ги стегнеш забите . Чекам резултати , во меѓувреме се јавувам кај другарка ми ,втората сестра . Сите како навиени : Ништо не ти е !

Мене ми врти умот триста на саат . Знам дека имам нешто закачено .

Конечно ми ја соопштуваат дијагнозата : Едната радикално малигна , другата треба дополнително испитување . Вауу , значи и овие две мои гради исполитизирани , една радикална , другата така така . Како и се друго околу мене , се е така така . Ти се мочам во среќата , ти се наебам на животот . Се ми беше виновно тој момент . Не ми се дишеше воздухот . Се вратив дома и тој ден имавме сенароден конгрес за мојот рак . Сите нешто слушнале , прочитале , вадење линкови на маса , гугл им беше верен доктор . Не зборував многу . Молчев и ги гледав . Сите сетила ми беа отапени . Ги гледав од страна како да не сум присутна . Ми трепереше душава . Кога бев сама ноќта плачев . Си реков , па и јас да бидам слабак барем малку . Следниот ден баравме торакалец , модерно звучи . Мене како некој кој се бави со астрономија , а богами кога ќе ти стане јасно што треба да ти направи навистина броиш сателити , млечен пат и мечки .

Повторно фамилијата , треба едната или двете ?! Како за фудбал да разговараат , сега со едната ќе се загреваме или и друга да пуштиме на терен . Јас одмолчев и ги пуштив да зборуваат . Јас веќе одлучив двете да ги снема . Не размислував како понатаму без нив , сакав само да го извадам тој монструм од себе . Се чувствував како машина на која и е потребен ремонт . Само што резервни делови немам . Како и со животот кој се сведува на резервна доза живеачка . Тогаш ми се разбистри дека целиот живот ми помина во грижа за се друго освен за себеси . Се сетив на татко ми , умре млад , задолжи многумина на кои помогнал во животот . Го почуствував неговото присуство како ме гали по главата , ас сум мало девојче кое се топи во неговата прегратка . Имаше малку повеќе години од мене кога тој почина . Не смеам да умрам си реков ,си забранив поточно ! Го погледнав син ми , има само 12 години . Како да умрам ?

Ме прегледаа двајца торакалци астрономи ,еден постар и еден помлад .Во роднинска врска се . Блиска роднинска врска . Што ли прават муабет по дома ?

“Јас денес извадив наааа , толкав тумор …оној другиот помладиот за да се докаже сигурно му раскажува како неговиот тумор е поголем …”

Фамилијарно ме пипкаат сега . Толку многу зачестено фаќање на градите не се сеќавам кога сум имала последен пат . Двајцата како договорени : “Едната сигурно да се вади , за другата да видиме .”

Пак ми се сврте , ми врие во мозокот . Не слушам , не гледам , не сум присутна . Не ,не ова не сум јас . Ми вивна една мисла која тврдам дека сите ја поминале , а тоа е дали имаш пари за раков што ти наминал или немаш . Без пари не смееш ни да умреш . Гледаш клиничкиот пред очи ти се распаѓа , сакаш достоинствено да умреш да му се плукнам .

Како и секоја друга фамилија одиме на второ мислење , највеќе за да се утешиме и да си мислиме по патот дека овие што се во роднинска врска згрешиле , не догледале како што треба . Влегувам во приватната болница , бели ходници и троа прошарале со некоја боја за да разбијат , ама болница е болница . Овој торакалец дециден : “ Двете мора , а ти како сакаш … шест лимфни јазли зафатени сигурно . “

Му велам ок само да е побрзо , оти имам милион работи да завршам .

Во тој момент си се крепам дека тоа е минливо , рутина и ќе ми помине . Пак јас ! “Колку пари докторе ? “ Тој вели : “2626 евра . “

Со зборови : двеилјадишестодваесетишестевра …..Подголтнувам , немам пари и немам каде да се задолжам , оти сите покрај мене се заглавени за три животи однапред . Прашувам дали може на рати , попуст нешто . Ме загледа , јас се насмевнав демек ќе го шармирам . Среќа ! Имаме роднина во болницата и тој ќе ми помогне. Преку него на рати .

145,8 евра рата ,па прекрасно . Имам приватен бизнис само што јас го работам , нема врска ќе се оперирам , па ќе си продолжам да си заработувам за ракот и ратата . Не ни претпоставив дека од тој ден мене животот нема да ми биде како претходно . Вечерта повторно не можев да спијам , мислев на моето тело . Вежбав , се качував на Водно , се хранев здраво , пушев цигари , не пиев алкохол , освен кога ќе излезев со друштво и не се дрогирав никогаш . Ова со дрогава е посебно важно , затоа што ми донесоа масло од канабис сите другари . Дојде денот на операцијата …. се разбудив со завој околу моите гради . Бев кастрирана!

Се разбудив од операција. Немам гради, само еден завој преврзан како да сум некоја жртва од некој фронт. Бев жртва на мојот стрес, на мојот живот кој го расфрлав наоколу, претпоставувајќи дека тоа мое условно давање ќе ми се врати еден ден. Ми се врати! Во тој момент сфатив дека немам гради, немам еден дел од мене. Мојата женственост, плодност ми ги снема за неполни два часа. Знам само дека плачев над самата себеси. Си мислев, ќе одам да се оперирам и се ќе биде исто.

Беа можеби мали,ама мои се. Другарка ми често знаеше да ми каже кога излегувавме во град : “Пак си ги заборавила дома, оди да си ги земеш! ” Сега навистина не само што ги заборавив, ми ги земаа. Сите како навиени ми зборуваа да не се секирам, ќе си ставам нови поголеми, ќе ми се остварела желбата. Што е најстрашно, навистина мислев дека тоа така оди, ќе ми донесат нови гради и се ќе биде како порано. Чекав биопсија! Само чекам нешто ,ти се намочам во животот. За да умреш треба да почекаш. Претпоставувате, сите господ го спомнуваат. Никогаш порано немав слушнато толкав број на реплики во кои се содржи зборот бог, господ. Почнав да јадам здрава храна, пушев цигари и си викав дека не се страшни.

Ми кажуваат дека морам да си најдам онколог, затоа што ми се зафатени и лимфните жлезди. Најдов онколог кој на првото видување ме праша дали верувам во хемотерапија. Како од пушка, му одговорив дека верувам. Тој одговор беше резултат на исцрпни читања од страна на целиот фамилијарен конгрес, со бројка од 95 проценти преживеани од рак на дојка.

Сега следува испитување на срце се со една цел, да бидеш подготвен за првата хемотерапија. Не спиев пред првата хемотерапија. Колку и да веруваш на онколози, на наука, на проверени факти, разни проценти, нешто ти вика одвнатре дека можеби не е баш така. Се раздени конечно и тргнавме со маж ми на првата хемотерапија. Пак давам крв. Си мислам колку крв дадов последниве неколку дена, чудо едно. Ме сместуваат во еден кревет и ми кажуваат кои се последиците од таа течност. Бело-портокалова содржина. Секоја капка која ти протекува низ телото е страв, се чувствував грдо, беспомошно, сама со себеси, збунета. Кога ми рекоа дека е возможно да ми се лоши, ќе имам нагони за повраќање им одговорив : ” Не сум јас од тие. Мене не ми се лоши.” Колку само бев во заблуда. Мислите ми летаа со брзина на светлината, нешто ќе ми се случи, нешто лошо ќе ми се случи. Во тие моменти се што имате прочитано за јакнење на потсвеста и духот, нема значение. Како да не сум јас таа врзана за апаратов! Портокалова боја, можеа и некоја друга, посуптилна боја да измислеа. Агонијата ми траеше два часа. Стигнав дома и сите чекаа нешто да ми се случи. Чекам да повратам, не повраќам. Уф, добро е! Доаѓа седум часот и почнува да ме боли глава. Ме стегнува јако, жестоко и незадржливо чувство дека ќе ми потече крв од нос. Преживеав ноќта, ништо не ми се случи од она што ме предупредуваа.Се јавив на мојот онколог кој ми кажа да одам да шетам. Си викам за време на прошеткава, па и не е така лоша оваа првата хемотерапија, само паника да се кревало. До првата хемотерапија сите ме прашуваа како сум. Ги охрабрував да не се грижат. Добра сум, супер сум! Веројатно сами си изведоа заклучок за мојата храброст и борбеност, па оттаму да не се јават никогаш повеќе. Кога си болен и разведен никој не те сака! Така се зафркававме со другарка ми.

Во тие моменти остануваат оние вистинските другари и другарки. Колку една рака, но и тие ми се доволни. Знаеш барем со кого си имаш работа. Си работев, ги извршував работните обврски, се однесував како да сум примила инекција за реума. Не сакав да ми се разбистри во умот, одбивав!

Ми рекоа докторите дека ќе ми падне косата. Јас читав дека ова е можеби најстрашниот момент во болеста, те фрустрира допонително небаре косата е важна, гледаш да спасиш жива глава, ама сепак…Ме советуваа да ја скратам косата и јас тоа го сторив. Убаво ми стоеше тоа кратко фризурче. Кога ќе ме прашаа зошто, им одмавнувам со раката велејќи дека имам нов имиџ, промена. Не чувствував потреба да кажувам секому што ми е. Отидов до МНТ, таму беа Игор и Весна, играа претстава. Игор ми се врти и ми вели : “Да не се секираш, исто како кога ќе се напиеме малку повеќе. Не се потресувај, гледај и светла страна, природна депилација. Знаеш ли колку ќе ти олесни?” Го гледам, се смеам и во тој момент Весна му се врти : “Ти дека се знаеш.” Ако ги фатите Игор и Весна пред претстава, имате впечаток дека се во брак 30 години и постојано се расфрлаат со мисли и досетки. Нема крај тоа нивното. Кога ми зборуваа, јас знаев дека сакаат да ме утешат, да се утешат и самите себеси.

Имам син, тој има само 12 години. После првата хемотерапија му објаснив што ми се случува, но мислам дека одбиваше да разбере. Кога поминаа две недели од првата хемотерапија почна да ме боли темето. Во рака ми остануваше коса, почна да ми паѓа она што го имав на глава. Кожата ми се менуваше, ми се расцепуваше на средина, мојата кожа стануваше груба, распукана, како бразда низ мене што минува. Земав воздух! Неподносливо ми беше, како сноп влакна заглавен во гркланот. Си реков, еве го дојде по мене. Се ишишав! Искрено, се почуствував полесно и некако ми беше ладно првиот миг. Страв. Јад. Болка . Си купив марама по пат накај дома. Да не ги исплашам, да не го исплашам син ми. Само тој ми се вртеше во глава. Имав јас и некоја перика обезбедено и знаев дека никогаш нема да ја ставам на глава. Не сум Душко Локин! Тој па пустиот, 50 години носи перика, како сафра не го фати. Читав некаде, никогаш не ја симнувал. Будала!

Влегов дома, син ми беше во дневната соба, ја симнав марамата од глава и во тој момент ме гледаше долго, со неверување. Тогаш му се разбистри во главата од што сум навистина болна. Почна да плаче, јас не смеев да плачам. Ми се сруши светот. Вие можете да си се залажувате, како се ќе помине, ќе биде како никогаш да не било, ама имате рак! Го гушкам, го тешам, го стискам не сакам да го пуштам, ќе го задавев од љубов и беспомошност. Собрав некако сила и му реков: “Јас ќе го исплашам ракот, ќе видиш. Тој ќе побегне од мене.”

Следниот ден почнаа да ме викаат Коџак. Кој знае, знае!

ТРЕТ ДЕЛ

Имам рак трет дел

Поминав седум хемотерапии или во бројка 7. Три дена пред секоја терапија се спремам како да ќе одам на олимпијада за чисти мисли. За време на терапијата која трае околу пет часа не смеам да заспијам. Дека се утепав од спиење месециве што изминаа, па сега да не за задремам. Искрено баш во тие моменти ми се спие. Дежураат до мене и да, замисли имам маж кој ме чува и не ме напушта…оти ова не само што трае туку е и своевиден засебен дел од пеколот. Ви кажав дека престанаа да ме бараат? Веројатно да не ги префати….ама сигурно сум ви спомнала. Така сега ми помина низ мислите, не оти е важно за човештвото. Јас знам дека ова е само едно камче во чевелот што ќе ме потсетува некогаш подоцна. Ќе преживеам? Секој мочан ден ми почнува со таа мисла, па ја оставам на некое друго место како кога ја оставате крпата за прашина, па потоа се враќате да добришете. Не успевам да ја истерам таа мисла потполно, тоа е невозможно. Кога имаш рак, освен што имаш борба да преживуваш како оние кечерине, има и еден друг проблем за кој никој не отвара уста. Страшно е да си болен и да немаш пари! Немаш друг избор освен да работиш иако душата ти плаче за мир и спокој, ама во ова ебено нехумано општество кога ќе се разболиш немаш екслузивитет на постојана здрава храна затоа што имаш и дете да пораснеш и струја да платиш. Колку ти е неважна рекламата за добра чанта или некои хит сандали. Ги гледаш оние занесени фотографии од Бали, Малдиви и си викам барем таму да умрам еден ден. Некако небото ми е посветло и без облаци натаму. Смешни ми се сите обиди за хумано општество во овој наш систем, оти процентот на морталитет е се поголем од бебиња до возрасни. Сосема ми стана природно дека немам гради и кога си велам дека ќе ставам гради, ми текнува дека имам уште една хемотерапија и уште 15 радиотерапии.

Уште ја тешам другарка ми, не се секирај тие се по пет минути. Се замислувам себеси како на тие зрачења ме потпекуваат и горат како прасе на ражен. Ги замислувам своите потемнети клетки во бели и како сум ги уништила со сите оние отрови кои ги примив. Се враќам во реалноста, ми отекуваат нозете во рок од пет минути, ме болат препоните, се чувствувам тешка и многу изморена. Во тие моменти ми исчезнува сонот за тоа дека ќе го видам син ми дипломиран, оженет и како ќе се радувам на моите внуци. Кога го отворам оној мочан фејсбук и како сите гракаат за референдуми, промена на име, Европа, азик и идентитет, толку многу ме прави сето тоа несреќна како да ме отруле повторно. Знаете колку ви е важно сето ова кога се борите за да преживеете? Сакате да знаете? Воопшто! Во тие моменти станувате свесни за ерозијата на ова општество и како се се распаѓа . Се фаќам себеси како на детето му кажувам дека можеби е подобро да си го гледа животот некаде надвор од оваа земја, ви оставам да ја наречете како сакате. Повторно другиот ден станувам и се јавувам по телефони ако може да заработам некој динар, пишувам меилови….. Семејството околу вас е исто така оболено од рак. Кога ја примам јас терапијата и тие го примаат отровот заедно со мене. Мајка ми….најмалку на целиот свет сакав да ја повредам и да и го создадам пеколот во нејзините пензионерски денови. Таа сама во станот и се слошило, почнала да повраќа едвај се јавила на сестра ми.. кога побарале брза помош им рекле дека најверојатно се отрула. Претпоставувате, така малку почекале, доволно хумано за да не умре жената така распослана во дневната соба. Ја носат на клиника дијагнозата е мозочен удар. Мислам дека целиот свет ми се сруши. Си викам ако е до Господ не мора баш толку да ме проверуваш колку сум силна жити се најмило, доста беше. Почна се да ме боли повторно, толку многу ме вртеа коските што мислев дека некој на менгеме вртелешка си игра со мене. Умот ми се смрачи, главата почна неподносливо да ме боли. Онаа мантрана – сакај се себеси, сакај се себеси ја отерав во мајчина. Сите желби за подобар свет ги заборавив во истиот момент. Постојано си го поставуваш прашањето зошто баш мене и искрено да ви кажам си станав досадна самата на себе. Уште кога ќе се јават оние од банка за некој кредит си велам во себе ,елајте си слободно земете тоа што ми остана.

На почетокот кога ми падна косата мислев дека е тоа најстрашното нешто …сега не ми е ни важно како и кога ќе порасне. Мојата борба од борба за живот се претвори во преживување. Нешто слично кога ќе ве фрлат во една бездна, а во бездната лавови околу вас. Можам да ги слушнам нивните крици, можам да ги почуствував нивните заби на мојот врат и нивниот смрдлив здив околу мене. Секој ден си велам дека ќе почнам да пишувам и да водам дневник за да може еден ден син ми да прочита нешто мое и немам време.Јас се борам секој ден во ова болно општество како здрав човек. Болно и корумпирано општество во кое сите човечки вредности се загубени, а животот се претвори во ништожност.

(продолжува)

Превземено од мојсајт мк/ Весна Петрушевска

Коментари

Популарно