СЈО играриите со притворот на Мијалков може скапо да не чинат сите, а најмногу судот кој одработува

Специјалната јавна обвинителка Лиле Стефанова може да има многу желби! Желби рој, ама, за тие желби да станат реалност, некој треба и да ги исполни, да ги реализира. Во случајот со новоопределениот притвор на Сашо Мијалков, желбите на Лиле ќе не чинат сите скапо, а посебно судот, кој „одработи“ без приговор.

Да ве потсетам, Лиле Стефанова е истата обвинителка, која, откако дојде од Радовиш во Скопје, ја запозна јавноста по неколку бомбастични случаи, како „Ликвидација“, „Шпион“, по еден помалку познат со неутврден идентитет за еден мигрант, за кој си играа пинг-понг со тоагаш судечката судијка Весна Димишкова, со која сега гледаме дека се во „љубов“.

Не ви ја споменувам Лиле случајно, зашто за „Ликвидација“ во кој беше притворен новинарот Томислав Kкежаровски, поминавме значајни денови на протести, маршеви, на еден колку што се сеќавам, дојдоа и Зоран Заев, Радмила Шеќеринска, Тито Петковски или цел тогашен СДСМ, а сега Влада. Но, не протестиравме за поддршка на Лиле Стефанова, туку напротив за нејзините (не)законски постапки. Обвинителката стефанова, која сега е дел од СЈО, деновиве пак е во фокусот на вниманието, со постапки кои се граничат помеѓу правното и здраво-разумското расудување, а се се сведува на калкулантство, кое само може да му штети на македонскиот правен систем, каков и да е тој.

На 9 ноември, на предлог на Стефанова, беше определен притвор за 5 лица во случајот „Империја“, каде што второобвинет е Сашо Мијалков. Таа ноќ, која заврши околу 3 часот наутро со определените притвори, Сашо Мијалков не беше ниту повикан на распит, а не пак да му биде определен притвор.

Се сеќаваате, во деновите подоцна и Катица Јанева и Лиле Стефанова, не уверуваа дека нема потреба за притвор кај Мијалков, бидејќи има доволно гаранции (јавување во суд и одземен пасош). Но, 10 дена подоцна, Саш Мијалков заврши во затвор поради „опасност од бегство“ и затоа што имал имот од 8 милиони во земјава и 3 во странство, на сметки на други лица, блиски до него!?

Во 21 век, со цела апаратура на истражни органи, агенции и меѓународна помош од домашно и меѓународно финансиско разузнавање, да дојдете со ваков предлог дека „парите на комшиите се на Мијалков“, секој сериозне судија треба на клоци да ги исфрли обвинителите преку прозор, за да не им текне втор пат да се осмелат да предложат нешто слично.

Посебно што, притворот го бараат на судење кое е во тек и каде што сите мерки за претпазливост се почитувани.

Тука, судијката Џенета Бектовиќ, која 2 години не го почнуваше судењето, зашто чекаше да узреат „црешите во Грција“ паралелно со екстрадицијата на Горан Грујевски и Никола Бошковски, преку ноќ го прифати предлогот и оцени дека ќе бегал, небаре парите Мијалков ги стекнал „вчера“ а не кога било познато обвинението и тоа било познат факт.

Против Мијалков е покренат обвинителен предлог, но бидејќи Таргет и Тврдина се споени, малку похрабри правници имаат дилема дали судијката Бектовиќ, која суди во Совет, можела сама да го донесе решението, вон претреес, на непроменети околности, а плус на крајот под решението да се потпише пак како Претседател на совет?!

За оваа правна дилема можеби ќе гукнеше нешто Кривичниот совет на Апелациониот суд до кого Бектовиќ му даде право на жалба на Мијалков, но вчера му го ускрати тоа право.

Во овие 10 дена, адвокатите на Мијалков поднесоа жалба, предметот стигнал во апелациониот суд, бил даден на милење во СЈО кај самата Лиле Стефанова (најголемиот дефект во Законот за СЈО, немање на двостепеност во постапувањето од различен обвинител) и кога се очекуваше на почетокот на оваа седмица да биде закажана јавната седница и да се разгледа жалбата Џенета Бектовиќ, на предлог на Лиле стефанова го укина решението за притвор, но Мијалков не излезе на слобода, макар и формално на 1 минута помеѓу едно и друго решение, зашто се побара негов притвор, по повеќе основи за „Империја“.

Предметот, за кој реков дека и Јанева и Стефанова не убедуваа дека е покриен со мерки, но, сега покрај опасноста од бегство, притвор е определен и за влијание врз сведоци. Што би рекол еден избеган политичар, да сакал Мијалков да влијае на сведоците, ич немал време да го стори тоа од 9 до 20 ноември, па моорал да падне во затвор, за да се сетат дека може да влијае на сведоци?!

Но, да ги разгледаме желбите и честитките што Лиле ги испорачала, а судот, иако не смеел своерачно ги прифатил и потпишал.

Во време кога предметот е по жалба пред Апелациониот суд, и кога нема списи пред себе, судијката Џенета Бектовиќ ниту можела, ниту смеела да носи решение со кое го укинува притвор. Посебно што и таа и Стефанова знаеле дека судот во краток рок ќе одлучува по жалба и на ваков начин му ги врзале рацете и направиле жалбата да биде беспредметна.

Но, сега Апелациониот суд треба да најде сили, да одлучи мериторно, да ги констатира повредите во решението на кои се повикува одбраната, бидејќи тие се важен сегмент за евентуална постапка во Стразбур.

На ваков начин, се минира работата на Апелациониот суд, се покриваат сопствените грешки, па излегува дека секој може да биде притворен за било што, а тоа решение да не биде контролирано во судска постапка (задолжителен втор степен) што е класична злоупотреба и основ за одговорност и за судијката и за обвинителката. Правото на жалба е неприкосновено, истото не може да се ограничи, но во овој случај, Џенета Бектовиќ го сторила токму тоа.

И сетоа тоа се случувало во саботатта, на речиси 5 минути пред очекуваната одлука на Апелациониот суд.

Па, откако Мијалков бил на фиктивна слобода, ама чуван со специјалци во судот, на ново барање на СЈО, преку истата Стефанова бил изведен и распрашаан пред судијката на претходна постапка Весна Димишкова, која доцна по полноќ, во саботата кон неделата му определила притвор за „Империја' поради опасност од бегство и влијание на сведоци.

Значи, во Таргет-Тврдина веќе нема да бега, ама ќе бега во Империја?

И двете судијки и двете решенија се донесени во сабота, во нерабтен ден и време, иако ништо не укажувало на итност, ниту истекувал притворот со час и датум, ниту имало потреба да се изведат било какви дејствија, што би оправдале итност во постапувањето (итноста во постапување по притворски предмети овде не може да биде императив за преземање на вакви дејствија).

Фалелео само уште да свикаат и Кривичен совет ноќта кој ќе ја потврди одлуката за се да биде наместено, подмачкано, па дур пропеат први петли, да бидат спакувани сите решенија.

Да сме на чисто, секој треба да одговара за тоа што го направил, ако го направил. И мене ми се исправа коса на глава кога ќе го слушнам името на Сашо Мијалков. бидејќи сум еден од дузината новинари кој многу месеци незаконски, без никаков налог сум бил прислушуван од УБК под негово водство, но тоа не значи дека не треба да реагираме и да се бориме за почитување на процедурата до остварување на правдата.

Без процедура како светост, не може да има правда!

Затоа, апелациониот суд во Скопје, сега треба да се одважи и со мериторна одлука да им одржи една „воспитна“ лекција на судиите од единица, бидејќи ваквата злоупотреба на правото не може да се толерира. Овој преседан може да стане правило, бидејќи сега СЈО си најде судии сојузници кај кои им поминува дека и „магарето лета“, но токму тоа треба да биде аларм дека треба итна и поширока реакција од стручната фела за враќање на правото преку процедура. а Судскиот совет, еве му идеална шанса, по службена должност да испитува нестручност и несовесност кај судиите.

Сведок.орг.мк

Коментари

Популарно