Агенцијата Камелија Турс презеде одговорност за сообраќајната несреќа во Србија. Чувствуваме одговорност и жалиме за настанот што се случи вчера на пат кон Копаоник, ијави Ивана Јакимовска, менаџер на туристичката агенција „Камелија турс“, чиј автобус се преврте на патот Блаце - Прокупље кај местото Белољин во соседна Србија.
„Агенцијата презеде одговорност да ги однесе и врати патниците. Во случајот ние само организатори на патувањето, а превозник е 'Амиго компани' од Гевгелија. Сите патници се безбедно вратени во своите домови, освен еден кој е задржан во Општата болница во Ниш. Во автобусот имаше вкупно 50 патници кои користеа дводневен аранжман. Сите патници ќе бидат обесштетени од „Камелија турс“ согласно правилата и македонските закони“, изјави Јакимовска за 24 вести.
Српската полиција и обвинителството уште ги истражуваат причините за несреќата и деновиве треба да излезат со официјален извештај.
А од „Амиго компани“, пак, за МТВ изјавиле дека патот, иако бил тампониран, тој не бил добро разгазен, а како причина се наведува и лошата сигнализација. Тој пат е во реконструкција, и таму и доколку некој сакал, не можел да вози брзо. На патот имало работници, а автобусот најверојатно сакал да избегне судир со кола.
„Автобусот е понов, а возачите се со долгогодишно искуство. Таму не може да се вози брзо и да се сака, дури и автомобилите не можат да возат повеќе од 40 километри на час“, изјавиле од „Амиго компани“.
Сите повредени патници се добро и се вратени во земјава, освен патничката која беше потешко повредена и беше префрлена во Болницата во Ниш, на одделението за неврохирургија. Таа не е во загрозувачка состојба, а од Македонската амбасада во Белград изјавиле дека постојано се следи нејзината состојба.