Реквизитот од филмот „Титаник“ продаден за 718.000 долари

За познатата сцена од филмот „Титаник“, се води дебата меѓу обожавателите дали дрвената врата била доволно голема да на неа легне Џек, и така да се спаси од ледената смрт.

Дрвениот дел, кој и овозможи на Роуз да го преживее бродоломот, беше продаден на аукција за 718.750 долари.

Оваа разгорена дискусија се одвива уште од периодот кога филмот беше премиерно прикажан во 1997 година.

Во филмот, Џек (игран од Леонардо ди Каприо) вели дека таблата – дел од рамката на вратата – е доволно голема само за жената која ја сака, Роуз (играна од Кејт Винслет). Потоа, Џек умира во ледениот Атлантски океан, а неговото тело потонува на дното.

Во епизодата на телевизиската емисија „Разоткривање на митови“ од 2012 година, режисерот на „Титаник“, Џејмс Камерон, откри дека добива десетици мејлови во кои се тврди дека Роуз е „себична“, а Џек е „идиот“ поради оваа сцена. Камерон, меѓутоа, ја заврши дискусијата со забелешка дека според сценариото, Џек мораше да умре. „Можеби малку згрешивме со пропорциите и можеби таблата требаше да биде малку помала, но момчето мораше да потоне“, додаде тој.

Реквизитот, кој често се смета за врата, е направен според парче од останките на вистинскиот Титаник, откриен по неговата трагедија во 1912 година. Според аукциската куќа Heritage Auctions, реквизитот е приближно 2,4 метри долг и 1 метар широк.

Оваа продажба на реквизити и костими, која заврши во неделата, вклучуваше предмети како костимот на Спајдермен кој го носеше Тоби Мегваер (125.000$), секирата од филмот The Shining (125.000$), како и познатиот камшик на Индијана Џонс (525.000$) вкупно вредни 15,48 милиони долари.

Коментари

Популарно