Вардар доби завршен натпревар

26-26 по 30 минути игра во Кале. Вардарци кои имаа и плус 7 во второто полувреме, ја загубија предноста  на 40 секунди до крајот. Последниот напад го играа со играч помалку, и не изградија позиција за удар. Добија девет метри со истечено време. И кога целата публика во Кале и пред малите екрани очекуваше поделба на бодовите, Прибак погоди низ живиод ѕид на Металург. Завршница достојна за најголемото ракометно дерби на Балканот.

Би сакал да можам да го кажам истото и за судиите а посебно за публиката. Кога ли ќе научиме дека во сала се оди за да се бодри својот тим а не да се тепаат фановите на противникот? Но да не се задржуваме на негативните страни на мечот.

Како и во многу претходни меѓусебни дуели, Вардар почна многу посилно и создаде предност. можеби овој пат на тоа влијаеше и црвениот картон за Дарко Станич, за кој не сум сигурен дали беше оправдан. Сепак Металург заигра подобро кон крајот на првото полувреме и фати резултатски приклучок, па на полувреме се отиде сои само три позитива за црвено-црните. На почеток на второто полувреме фантастична игра во одбраната на Вардарци. Скоро 10 минути го оставија противникот без постигнат гол, па разликата се искачи на највисоките плус седум.

Но Металург не се откажа, можеби и вардарци малку се опуштија во нападот па по неколку грешки, брзиот Манасков во контри постигна 3 гола, а Металург дојде на 3 негатива.  Следеа неколку сомнителни одлуки и на едната и другата страна, можеби најсомнителна онаа за 7 метри над Георгиевски. На минута и 20 секунди до крајот Вардар имаше напад, гол предност но и играч помалку. Повторно брзоплети во нападот кој не траеше ни 20 секунди. Украдена топка и гол од контра за Гергиевски, десното крило на Металург кое претходно од 3 слични ситуации не погоди.

На триесетина секунди до крајот на натпреварот Вујович викна тајм аут, веројатно за да ги советува своите ракометари која воиграна комбинација да ја изведат, но напразно. Ништо од Вардаровата акција, само девет со истечено време на семафорот. 26-26 нерешен исход. И тогаш БОМБА од Прибак! Гол низ целата шесторка на Металург и голманот Митрески. Прекрасен крај за едно дерби. Или барем ќе беше, ако "комитите" не влетаа на паркетот со цел да се пресметаат со фановите на Металург. За среќа полицијата брзо интервенираше, па се се среди многу брзо.

Коментари

Популарно