И Пендаровски сака да се дистанцира од СДСМ

На првиот митинг во Охрид пораките на Ѓорге Иванов ги слушнаа 50000 граѓани, на Конвенцијата во Универзална сала Стево Пендаровски го слушнаа 1500 луѓе. На интернет во живо според статистичките податоци, митингот на владејачката коалиција го следеле околу 300.000 граѓани.

Stevo-Pendarovski-1

Иванов испрати пораки за исполнетите ветувања, Пендаровски со критики за актуелниот претседател во изминативе 5 години. За името, Иванов вети дека ќе решава народот на референдум, Пендаровски најави план. По првите претставувања пред граѓаните, познавачите ги коментираат пораките испратени од двете најголеми партии.

Претседателот Иванов покажа дека знае и може да го одржи ветувањето и успеа да го исполни она што го вети во 2009 година, велат експертите по одржувањето на првиот митинг во Охрид.  Политикологот Владимир Божиновски нагласи дека е многу тешко да ветиш, а уште потешко да исполниш и токму затоа е потребна отчетноста за да можат граѓаните да проценат, пишува Вечер.

-За да направиш компарација од она што некој го ветил за време на кампањата и што исполнил по завршување на мандатот е токму отчетноста. Таа може да придонесе граѓаните да видат дали она што е ветено е остварено и колку може да имаат доверба во политичарите, посочи Божиновски.

Најголемата опозициска партија, изборниот караван го започна од Универзалната сала во Скопје. Наместо митинзи, Пендаровски во кампањата ќе се фокусира на средби со граѓани. Централен митинг нема ни во Скопје, што за познавачите е многу ризичен потег.

-Ако сакаш да покажеш масовност и поддршка од граѓаните не може да се избегне централен митинг во Скопје, бидејќи така се мотивира членството и граѓаните, но и неопределените. Средбите со граѓани се многу ризичен потег за СДСМ. Стево Пендаровски не е многу познат за македонската јавност, ретко кој го памети како шеф на кабинет на Бранко Црвенковски и на Љубчо Георгиевски и допрва треба да се промовира пред членството, а и пред граѓаните, коментира Божиновски по одлуката на СДСМ да нема митинзи, туку само средби со граѓани.

За познавачите, симптоматично е и тоа што на Конвенцијата не се обрати ниту еден претставник од раководството на СДСМ.

-Со овој потег, Пендаровски како да сака да се дистанцира од партијата, бидејќи говореа само тој и неговата сопруга, додава Божиновски.

Кампањата за претседателските избори ќе трае до 12 април. Првиот круг на претседателските избори закажан е за 13 април. Доколку во првиот круг не биде избран претседател, тогаш граѓаните ќе гласаат уште еднаш на втор круг од претседателските избори кој предвидено е да се одржи на 27 истиот месец.

Извор: Вечер

Коментари

Популарно