Иванов: Секогаш бев меѓу народот, и народот доаѓаше кај мене

Каква Македонија градиме, таква ќе ја имаме. Ние знаеме каква Македонија сакаме и каква ја градиме. Градиме успешна, напредна и почитувана Македонија, порача вчера на митингот во Чашка кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓе Иванов.

ivanov-miting

Барајќи ја поддршката од жителите на Чашка, нагласи дека во 2009 година ја побарал и ја добил нивната доверба и оти денес повторно стои пред нив со чист, образ и повторно ја бара довербата со цел, како што рече, да продолжиме да ја градиме Македонија.

- Бев вашиот глас, каде и да одев. Остварив преку 450 средби со претседатели, премиери, министри, државници. Остварив повеќе од 100 официјални, работни и неформални посети и учества на меѓународни настани. Бев домаќин на над 40 официјални и работни посети на шефови на држави на Република Македонија. Целиот мандат го посветив на отворањето нови можности за македонската економија, образование, спорт, за младите. Секогаш бев меѓу народот, и народот доаѓаше кај мене. Преку 5.000 граѓани дојдоа кај мене, во мојот кабинет. Со сите се сретнав, сите ги слушав, разговарав со нив и секогаш за нивните предизвици дознавав од прва рака. Имаше многумина што бараа помош. Се трудев да им помогнам во рамките на моите надлежности, истакна Иванов.

Иванов нагласи дека се донесени речиси 2 милијарди евра странски инвестиции, отворени се 120.000 нови работни места и спроведени се реформи во речиси секоја област од животот.

- Со реформи станавме привлечни за странските инвестиции, а Македонија стана еден од најдобрите реформатори во светот и најдобар во ЈИЕ, рече Иванов.

Наведувајќи дека се прави многу за земјоделството, за исплатените субвенции, за инвестициите во патиштата, за обнова на железничката станица во Чашка, истакна дека е потребна нивната поддршка за да се продолжи на ист начин и со уште посилно темпо.

- Чашка има одлични потенцијали за развој на планинскиот туризам. Веќе се уредени 40 километри патеки на планинарска инфраструктура на планините Даутица и Јакупица. Заслужувате достоинствен и квалитетен живот, порача Иванов и наведе примери на конкретни проекти преку кои, како што рече, покажавме како треба да се гради Македонија.

Коментари

Популарно