Утре и задутре локални врнежи, во недела стабилно и потопло

Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, освен во недела кога ќе биде претежно стабилно и потопло. Утре, како што информира УХМР, особено во источните делови, на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град.

Утре ќе биде променливо облачно, особено претпладне ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Температурата ќе се движи од 5 до 22 степена.

И во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне во делови од котлината нестабилно, со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на краткотрајно невреме.

Според УХМР, во сабота ќе дува засилен северен ветер, а температурата ќе достигне 21 степен. 

Повторно одложен судскиот процес за Пендиков

Не се одржа денешното рочиште од процесот што пред Основниот суд во Охрид се води во врска со физичкиот напад врз Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот културен клуб во Охрид.

Причина за тоа беше напојавувањето на двајца сведоци на Обвинителството, уредно поканети за денешното рочиште.

Според кажаното во судницата, причина за нивното непојавување било што биле на неодложно деловно патување, на што судијата Бојан Мартиновски што го води процесот реагираше со најава дека ќе побара нивно приведување и стражарно спроведување за наредното рочиште.

Стефан Камишевски, застапникот на оштетениот оцени дека непојавувањето на сведоците е несериозно, притоа забележувајќи дека ваквите појави укажуват дека потфрлаат институциите.

- Секое нефункционирање на било кој државен орган претставува повреда на нашит права како граѓани, во било каква постапка. Тоа доведува до непотребни одлагања, рече Камишевски.

Адвокатот на одбраната, Димитрија Цобоски, од своја страна рече дека недоаѓањето на сведоците е неспроведување на законските одредби од страна на полицијата.

Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19 јануари пред угостителски објект на Кејот на езерото во Охрид. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје. Пендиков беше префрлен на лекување во Бугарија, каде доби и бугарско државјанство кое му беше врачено од потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.

Наредното рочиште од преоцесот е закажано за 12 јуни.

Запленети 4,8 килограми злато при влез на ГП Богородица

Царински службеници запленија 4,8 килограми златен накит со проценета вредност од 20,4 милиони денари, по контрола на автобус на граничниот премин Богородица при влез во државата.

Имено, царинските службеници на граничниот премин Богородица селектираа автобус кој сообраќал на линија Истанбул - Гостивар, при што е извршен детален претрес.

Во пределот за багаж е пронајдена црна торба, во која во 9 пакетчиња обвиткани со најлон е откриено злато со тежина од 4,8 килограми. Возачот кој првично изјавил дека нема ништо за пријавување по откривање на златото потврдил дека торбата е негова.

Нашите царински службеници се грижат за забрзан транспорт на легална трговија, но истовремено ги штитат приходите на државата спречувајќи шверц и криминал. Во случајот е спречено избегнување плаќање увозни давачки во износ од 5 милиони денари.

Случајот е преземен од страна на инспекторите од Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги при што против возачот ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија. Златото согласно закон ќе биде предадено во Народна банка. 

ОЈО Скопје прибавува и анализира докази за Палчо, истрагата за останатите петмина осомничени во завршна фаза

Обвинителството презема истражни дејствија на прибавување и анализа на докази за првоосомничениот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски Палчо, кој вчера беше екстрадиран од Турција.

Како што соопштија од ОЈО Скопје, за петмината други осомничени во оваа постапка, истрагата е во завршна фаза.

- За петмина осомничени, од кои тројца соизвршители во тешките кривични дела – две грабнувања и две убиства на свиреп начин, еден осомничен за помагање при грабнувањето на малолетно лице и еден осомничен за помагање по извршеното кривично дело, истрагата е во завршна фаза, стои во соопштението од Обвинителство.

Оттаму дополнуваат дека продолжуваат да преземаат истражни дејствија во предметот.

Палевски, кој минатата година на 6 декември беше уапсен во Баликесир, Турција, синоќа со конвој од пет возила на Интерпол беше спроведен во Истражниот затвор Шутка. Во затворот тој е под специјален безбедносен режим, без контакт со други притвореници.

Тој е осомничен за убиство на малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември 2023, а пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје на 3 декември.

За соучество за убиството се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Во домашен притвор од неодамна е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето.

Со мерки на претпазливост за овој случај е и Стефан Димовски, возачот на Палчо, кој е осомничен за помагање при бегството. 

Популарно