Шарените бараат аболиција за себе!

Во обид да не сеам негативна енергија и да не пишувам текстови полни со критики, се одалечив од татстатурата подолго од планираното. Велат дека човек кој нема што позитивно да каже за себе, ќе зборува негативно за другите. Не дека немам што да ви се фалам, ама не сме толку блиски. :D Кога веќе најавив дека ќе критикувам, може да почнеме.

maxresdefault

Не верувам дека сите мои критики ќе ги собере во еден тест, па ќе плукам во етапи. Денеска ќе им се посветам на шарените револуционери.

Прво, под итно да смените име. Револуција не праат 1.000 луѓе. Па во Илинденско востание официјално имало 26.500 борци! Вие во Скопје на раскрсница искачате 30 души и се именувате Револуција?!!! Дај нешто „Шарена дружина“, „Шарени катапултери“, „Шарени џаболебари“, „Шарени силеџии“, „Шарени шамарачи“ ... Ајде еден конкурс на Отворено општество за најдобро име со фонд од 50.000 евра. Одма ќе најдете име.

Второ, имате барање до Владата да седнете рамноправни во преговорите за нови избори. Кого тоа вие ќе преставувате? Кој од вас ќе седне на маса? Имате статут? Адреса? Изборно собрание? На кого му одговарате? Кој сте бе вие, алоооо!!!?

Трето, имате барање да се сопре со прогонот на оние кои протестираат. Значи барате да се суспендира правната држава и тоа само за вас. Као барате аболиција?!!! Од една страна гледам секој ден пароли „Правда за сите“, а сега нешо ми забегувате. Двојни стандарди? Или идејава е дека вие смеете да фарбата и кршите затоа што се борите за подобро утре? Утре кога вие ќе бидете на власт, тогаш ли ќе важат законите за вас?

Четврто, на двапати досега блокиравте раскрсници и два пати инцидент. Првиот пат татко не можеше да го однесе своето дете во болница, а вчера скопјанец на веспа изеде шамар. Читам денеска дека тој провоцирал, се гледало на видеото дека пцуел. Еххх, ама не се гледа зошто почна да пцуе и од каде знае дека на типот што му се обраќа е Албанец. Али, ете и сам така нека почнал да пцуе, кој тоа ви даде право да го удрите? Сега и суд ли станавте? Зарем провокацијата го опрвдува физичкиот напад? Видете, половина град смета дека вие провоцирате со блокирањето на Скопје, значи ли тоа дека треба да ве изгазат со авотмобили? Или тоа го чекате? Налутена толпа да ве избрише од улица, за да се жалите дека ВМРО стои зад тоа. Исто како што се обидовте партиски да ги обоите и човекот од вчера и таткото на детенцето што мораше на лекар од пред некоја недела. Пред десетина дена читам Фејсбук статус на еден од вашите лидери кретени и типчево храбро (парафразирам): „Доста се мислиме што ќе речат другите. Веќе ич к*р н ме боли. Кој не е со нас е против нас“. Озбилно? Па чекај, јас мислев за нас се борите? Нели вие за народот ова? За оние исплашените, па вие пошо храбри? Ама, не а?! Не е за мене, не е за народот, за нас, за Македонија. И оној човек вчера е Македонија, па изеде шамар. Цела Македонија (барем 80%) не го оправдува боењето на институции и споменици, ама... Глеам вчера едно од лидерите (исфрустрирана тетка) стои на раскрсница на Црвен крст и вели: „Тие што свират од автомобилите се подржувачи на режимот“. Абе тетке, ти ако си средила во живото финансико прашање и немаш деца за носење у Школо или градинка, ние другите ете имаме. Ич не ми е гајле дали си шарена, зелена или само глупа, ама ај што стоиш на улица и ме блокираш, па уште и политички ме боиш ако свирнам?!

Исто не ми е гајле дали шамарачот од вчера е Албанец, Македонец, Индиец, Турчин, абе Кинез нека е, сакам денес да е во затвор! И сакам да скапе едно 2-3 години. Да се дружи малку со Тони Манџа. Да му проверат хомосексуални апетити, па тогаш пак да искочи да мава шамари по улица. Ок?

Има за вас шарени да се пишува уште многу. На пример ја слушам тетка Најчевска, како вели дека „Ги фативме во криминал“! Кој се тоа ние? И како тоа „ние“ ги фативме? Еве јас не знам. Па уште излегува од полициска станица и ја прска со боја. Дај бе некој цајкан од Титово време, па тука еден пендрак у бубрег. Онака воспитен!

Ај доста е за еден ден, се читаме скоро, многу скоро

Автор: Пацифист

Не е само „Албанската платформа“, проблемот е што веќе не постојат правила

Кога опозицијата пред неколку години се обиде да го блокира собранието и носење на буџетот  на Македонија, пишував дека тоа не е демократија, туку узурпација на демократијата. Потоа СДСМ реши да истапи од парламентот и преку протести и бомби да издејствува нови избори, за што напишав дека така се руши уставниот поредок. Следуваше „Пржино“ под притисок од истите протести и бомби, со што како што пишував се згази Уставот. Сепак и покрај моите ставови, СДСМ го доби она што го бараше, времена влада и предвремени избори.

Изборите поминаа, а СДСМ ги загуби, но сепак тие се оние кои успеаа да се договорат со албанските партии и заедно да имаат мнозинство во собранието на Македонија. И точно кога очекуваа да добијат мандат за да формираат Влада, играта се сврте против нив. Правилата кои тие ги кршеа, сега не ги штитат. Правила веќе нема!

Секоја игра, спорт, општествено општење мора да има правила, инаку истите не би постоеле. Без правила ништо не може да постои. Замислете кошаркарски натпревар без правила. Без чекори или двојно водење, без аут или фаул! Кој ќе победи и која ќе е целта на играта? Или фудбал без „енц“ и без картони! И двата спорта би потсетувале повеќе на рагби, но и во тој спорт има правила. Замислете партија шах во која играчите ги движат фигурите како ќе им дојде. Кој ќе победи? Шах ли ќе биде тоа? Ако игрите и спортовите не можат да функционираат без правила, зарем една држава може? Или во СДСМ мислеа дека само тие смеат да играат со рака во фудбал и да скокаат со топот како со коњ, да трчаат со топката во раце и да даваат тројки од под кош? Детски зар не?

Но, и за ова сум пишувал. СДСМ и својот елитистички став. Не ми е јасно зошто мислат дека се елита, во однос на боли кој друг, но дека тоа е така е факт, кој вчера ни го потврди и Мирослав Грчев во емисијата на Васко Ефтов. Професорот кој е Претседател на советот во СДСМ, вчера неколку пати на новинарот му порача дека СДСМ и ВМРО ДПМНЕ не подлежат на исти критериуми. За нив не важат исти правила. На пример, протестите на СДСМ со „шарената револуција“ било уметничко изразување, додека протестите на „Заедничка Македонија“ се дел од режим! Искрено, професорот кажа уште еден куп глупости во интервјуто, но срам ми е да пишувам за тоа. Метафорично или не! Однсно, срам ми е што овој човек е професор и работи со студенти.

Кога пред 2-3 години пишував дека на улица не смее да се бара власт, бев обоен во ВМРОвец. Кога пишував дека со Пржино се гази уставот, дека СЈО е неуставна институција, дека не смееме да имаме министри од опозиција, симпатизерите на СДСМ се обидуваа да ме дискредитираат со тоа дека сум уште еден „режимски мегафон“. Сега кога истото им се случува нив, кога Претседателот Иванов го крши уставот, ВМРО ДПМНЕ го блокира собранието, а на улица имаме луѓе кои не сакаат да видат формирање на Влада чиј мандатор не се откажува од Албанската платформа/декларација, сега не им чини?!!!! Па луѓе вие почнавте! Вие ги искршивте правилата, а ВМРО ви дозволи. Ваша вина е! Тоа што ВМРО ДПМНЕ  ви дозволија, го платија на изборите. Токму затоа добија само 51 пратеник (сепак 2 повеќе од вас). Колку и да викате и плачете, да се прогласувате за победници (иако по ниту една логика не сте), ПОБЕДНИК НЕМА!!!! Кога нема правила, никој не победува. Има само поразени. Сите ние сме во таа група, а вие не ставивте таму! Кога нема уставен поредок, нема држава! Вие ја срушивте, а ВМРО ДПМНЕ ви дозволи!

Автор: Пацифист

Албанската платформа е решение за кризата во Македонија!

Утре се точно 4 месеци по последните предвремени парламентарни избори во Македонија. Денеска на програмата е 10то продолжение на конститутивната седница во собранието на Република Македонија. Таму ништо ново. ВМРО ДПМНЕ го кочи формирањето на нова Влада од парламентарното мнозинство на СДСМ, ДУИ, Беса и партијата на Зијадин Села. Од спротивната страна, СДСМ и понатаму одбива да дебатира и образложи што точно од Албанската Платформа прифатиле за да ги добијат потписите од албанските партии. Терминот „процедурално“ никогаш не бил употребен повеќе пати, а деловникот на собранието волку анализиран. Но, реултат НЕМА!

Пред собранието секојдневно голем број на луѓе протестираат во име на „Заедничка Македонија“ против албанската палтформа, но и за нив парламентарските партии имаат различен став. За ВМРО ДПМНЕ тоа е народ загрижен за својата држава, а за СДСМ изманипулирани граѓани од страна на политичкиот опонент. Резултат, повторно НЕМА!

Народот никогаш волку поделен. Политичкото лудило во последниве 2-3 години, успеа да го раскара народот и политички да го спротистави, па иако сите анкети покажуваат дека Македонците се за отфрлање на албанската платформа/декларација, за дел од нив некои други работи имаат приоритет. Ако ваков ултматум од албанскиот политички блок беше испорачан пред кризата во државава, истиот ќе беше осуден во еден ден и целата приказна веднаш ќе завршеше. Не велам дека кризава е формирана токму за да се создаде амбиент во кој платформата заверена во Тирана ќе има некакви шанси да биде имплементирана, но јасно е дека во нормални политички услови ваков ултиматум немаше да се појави.

Сепак, како што кажа и пратеникот Ферид Мухиќ од собраниската седница, албанската платформа/декларација, ултиматумот на албанските партии не се коси со демократијата. Токму како што кажа професорот Мухиќ, секој има право да се бори за своите права и правата на гласачите кои ги преставува во собранието. Не постои лимит, граница на барањата на било која политичка партија или етничка група во уставот на Македонија или во уставот на  било која демократкса држава. Терминот „доста им дадовме“ вели пратеникот не е демократски со што јас потполно се сложувам. Дали собранието ќе се сложи или ќе ги одобри овие барања, е одлука на мнозинството во собранието (просто или 2/3 мнозиснтво во зафисност од законот). Така функционира секоја демократија во светот. Но, професорот заборава да спомне дека албанската платформа се коси со Рамковнот договор, односно е обид за негово редефинирање. Не велам дека редифинирањето на Охридскиот договор е кршење на демократијата, напротив мислам дека токму тоа е излез од бинационалната држава во која сме втурнати.

Рамковниот договор потпишан во 2001 година и неговата имплементација, требаше за секогаш да ги реши сите несогласувања во однос на правата на Албанците во Македонија. Во него е дефиниран односот на државата кон најголемото малцинство во Макеоднија и неговоите права. Догоровот потпишан во Охрид, по воениот конфликт во Македонија, реши многу проблеми во државава, за кои претходно никој немаше храброст да разговара, но отвори и многу нови. Најголемиот проблем кој произлезе од истиот е дефинирањето на Македонија како бинационална држава. 16 години откако тогаш лидерите на политичките партии ги ставија потписите на „решението“ за сите меѓуетнички проблеми во државава, денеска, конечно е јасно дека тој договор е далеку од решение, туку извор на проблеми. Токму затоа и се слагам со пратеникот Ферид Мухиќ, дека демократски е во собранието а се бараат измени на закони за подобрување на Македонија како демократска држава. Апсолутно се слагам дека албанские партии смеат да побараат исполнување на платформа/декларација, иако тоа значи редефинирање на Рамковниот договор. Всушност со тоа ДУИ, БЕСА и партијата на Зиједин Села, покажаа дека Охридскиот повеќе не е РАМКА, не е СВЕТ, туку несовршен договор на кој треба да се работи. И тие се свесни дека дури и да помине платформата во новата влада со СДСМ, за кратко време таа влада ќе падне, а новата, во која повторно доминантна партија ќе биде носител на најголемиот број гласови на Македонците во Македонија, ќе го има секое право да го смени Рамковниот договор, како што сега тие се обидуваат да го сменат.

Ултиматумот заверен во Тирана, под код „декларација“ или „платформа“ има за цел да ги изедначи Македонците и Албанците во Македонија, во име на демократијата и еднаквоста. ИЗЕДНАЧУВАЊЕ и ЕДНАКВОСТ се сосема различни зборови! Кога едната заедница е најмалку 3 пати побројна од другата, изедначувањето не значи еднаквост, туку узурпација од помалата заедница. Никој во Македонија нема против Албанците да го користат својот мајчин јазик во средините каде постои реална потеба за тоа, или како што уврдува Рамковниот договор и Уставот, онаму каде се повеќе од 20% од населението, НО барањето Албанскиот јазик да се изедначи со Македонскиот јазик во Македонија, не е чин на демократија, ниту на еднаквост. Барањето за промена на националните симболи и за осуда на ГЕНОЦИД врз Албанците на оваа територија во период од 1912 до 1956 година, исто така немат никаква допирна точка со ЕДНАКВОСТ. Формирање на „тркалезна маса“ на парламенарните албански партии во Македонија, која ќе служи како платформа за усогласување на политичкото дејствување, нема допирна точка со демократија и Унитарност, туку е сепарирање на Албанците од државата и формирање на паралелна институција надвор од државата.

Токму затоа мислам дека Албанскта платформа/декларација е најдоброто нешто што албанските партии можеа да го направат за Македонија. Нивниот обид за рдефинирање на Рамковниот договор е навистина и решение за бинационалната криза во која сме влезени од 2001 година. „Решението“ кое тие го нудат е апсолутно неприфатливо, но прифатливо е редефинирањето на Охридскиот договор и редефинирањето на Македонија како унитарна, место бинационлна држава. Време е да ја поправиме грешката потпишана под принуда на тогашната ситуација и изградиме темели за реална мултетничка Македонија.

Автор: Пацифист

Албанската платформа засекогаш ќе ги смени работите во Македонија

Најпрво да му се заблагодарам на пратеникот на ДУИ, Ејуп Халими, што конечно ја реши дилемата. Платформа на Албанските партии во Македонија ИМА! Тој го користеше зборот декларација, но тоа во суштина не менува ништо. УЛТИМАТУМ си е ултиматум, па какво име сакате да му закачите.

(Тука можете да го погледнете неговот обраќањ во Собранието на Република Македонија, а ако сакате да ја прочитате целата платформа/декларација кликнете ТУКА)

Сега конечно можат да завршат сите дискусии и лаги, дали имало платформа и што во неа пишува. Толку е! Нема потреба повеќе од СДСМ да слушаме за владина програма, која никаде не е потпишана или подржана од трите албански партии кои им ги дадоа потписите за парламентарно мнозинство. НЕ, владина програма нема! Има ПЛАТФОРМА/ДЕКЛАРАЦИЈА, има ултиматум од албанските партии во Македонија. Ултиматум од малцинството, кон мнозинството и кон сите други малцински етнички групи во Македонија. Тоа е ВИСТИНАТА! УЛТИМАТУМ!

Секој од нас може да ја прочита Платформата (ТУКА) и да донесе свое мислење и заклучок. Можеби ќе ви се допадне, можеби не, но едно е јасно. ПЛАФОРМАТА ПОСТОИ и во моментов е најважната политичка тема во државава. Од прифаќањето или неприфаќањето на истата ќе зависат многу работи во иднината на Македонија. Токму затоа, секој пратеник треба да се изјасни за истата. Албанските пратеници се на чисто. За нив платформата е императив. Затоа во излагањето за декларацијата користата зборови како „рамноправност“, „еднаквост“, „соживот“... иако, истите никогаш и никаде не биле добиени со ултиматум. Албанскиот политички блок се обидува на сила, во погоден момент, да издејствува нешто за кое знаат дека не им следува и кое апсолутно не води кон соживот со доминатното население во државава, со Македонците. Платформата не е документ за еднаквост и рамноправност, туку националистички, фашистички ултиматум кон Македонците во Македонија. Токму затоа ниту еден албански политичар, 3 месеци по појавувањето во јавноста на овој документ, не се обиде да го образложи. На пример да ни објасни кој тоа вршел геноцид од 1912 до 1956 година врз Албанците на територија на денешна Македонија. Каде тоа во уставот пишува дека Албанците во Македонија се државотворен народ? Зошто ова знаме, химна и грб не ги преставуваат Албанците од Македонија? Дали би се сложиле со Македонска платформа или истата би ја сфатиле како кршење на нивните права во Македонија? Дали и македонските партии треба да формираат „тркалезна маса“ на која ќе ја преиспитуваат секоја државна одлука? Нели е тоа паралелен систем во државата? Од друга страна слушнавме дека Македонците не постоеле пред 100 години! Слушавме дека ова парче земја не се вика Македонија, туку дел од Илирида! Слушнавме како Македонци ќе летале од работа за да се вработат Албанци! Ова ли таа рамноправност? Вака ли ќе бидеме еднакви? Истите оние кои секојдневно зборуваат дека ДПМНЕ води националистичка политика, не можат да најдат ниту една изјава на македонски политичар кој ги навредил Албанците и го довел во прашање нивниот идентите или постоење. Слушам деновиве албанските политичари повикуваат да не се предизвукуваат меѓуетнички тензии, а изворот на тензиите се од нивната Платформа! Но, ова не е ништо ново. Принципот е ист веќе 25 години. Како што реков, албанските политичари се изјаснија за платформата. Се изјаснија и пратениците од ДПМНЕ. Останува сега да слушнеме што за платформата мислат и пратениците од СДСМ. Јасно ми е дека на нив многу помило им е да зборуваат за (засега недокажаниот) криминал ВМРО, но за тоа има време. Зборуваа за тоа во последниве 2 години и ќе зборуваат и во иднина. Легитимно право! Но, сега е моментот тие да се изјаснат за Платформата, ако навистина сакаат да формираат влада.

На сите кои ги следат седниците на собранието овие денови им е јасно дека ДПМНЕ го блокира избирањето на претседателот на собранието со долги дискусии. Ова е уште една причина СДСМ да се изјасни за Платформата и да стави крај на сите дилеми. Нема потреба да трошат енергија да ни објаснуваат дека тие имаат 67 пратеници и дека ДПМНЕ го крши деловникот. Доволно време потрошија сите политичари во Македонија зборувајќи за противникот, со цел да ја избегнат својата одговорност. И денеска во собранието СДСМ зборува за хашките случаи, за двојазичн возачки дозволи во врмето на ВМРО, за двојазични табли... итн... се со цел да не се зборува за платформата. Зарем уште не ви е јасно? Што и да има направено ВМРО ДПМНЕ, не го пере она што вие сте го прифатиле или сакате да го прифатите! Исто како што приватизацијата во 90тите години од страна на СДСМ не ги пере грешките на ВМРО во последниве 10 години! Секој си носи одговорснот за својот потег, без разлика што другиот направил! ВМРО ќе одговара за своето владеење, вие за вашата одлука околу фашизоидната платформа!

Автор: Пацифист

Популарно