Заев: За нас е се прифатливо во рамките на Уставот (ВИДЕО)

Претседателот на СДСМ Зоран Зоран Заев коментирајќи ги материјалите што ги добиле синоќа од ДУИ од каде бараат потписи за мандат за формирање влада, нагласи дека е прифатливо се што е во рамките на Уставот и практична потреба на граѓаните од албанската заедница имајќи го предвид и аспектот на потребата на граѓаните од другите малцински заедници.

Прашан дали СДСМ од ДУИ добиле нов предлог закон за употреба на јазиците или само забелешки на законот којшто тие го подготвиле, Заев рече дека материјалите стасале доцна синоќа, лично не ги видел, но оти нивни работни групи ги разгледуваат и ќе излезат со одговор во најбрзо време.

– За нас е се прифатливо што е во рамките на Уставот и сето она кое што претставува практична потреба на граѓаните од албанската заедница секако имајќи го предвид и аспектот на потребата на граѓаните од другите малцински заедници. Тие две рамки уставно да биде издржано и одржливо и практична потреба на граѓаните сето тоа ја претставува рамката на разговорите и јас верувам дека ќе успееме да најдеме решение, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања, на одбележувањето 95 години коморско организирање во Македонија.

30 дена притвор за градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко

Триесетдневен притвор за Едмонд Темелко одреди Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 на барање на Специјалното јавно обвинителство.

Како што информираат од скопскиот Кривичен суд, мерката притвор од 30 дена ќе важи од денот на неговото наоѓање.

Градоначалникот на општината Пустец во Албанија Едмонд Темелко е обвинет во случајот „Титаник“ за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година. Темелко е еден од осомничените на СЈО за кривични дела против изборите и гласањето.

МВР ќе ви го смени матичниот број доколку го смените....

Управата за водење на матичните книги треба да го поништи матичниот број, а МВР да му издаде нов на лицето што претходно го променило полот, вакво решение донел Управниот суд, информираат од Здружението на младите правници. Оттаму велат дека првпат е донесено вакво решение од страна на Управниот суд, со кое правно се утврдува промената на полот во матичната евиденција.

„По промената на податоци во матичната евиденција, Управниот суд го задолжи Министерството за внатрешни работи на РМ во рок од три дена да издаде нов матичен број, кој е соодветен на извршената промена. Ова е прво решение на Управниот суд на РМ каде што со полна јурисдикција е одлучено за правото за промена на податоците во матичната евиденција според фактички извршената промена на полот кај трансродово лице“, се вели во соопштението од Здружението.

Оттаму велат дека постапката за промена на полот во матичната евиденција на трансродово лице е подржана во рамките на проектот „Заштита на човековите права на маргинализираните групи во РМ“ спроведуван од страна на македонското Здружение на младите правници. Постапката пред Управниот суд ја водел адвокат Жарко Хаџи Зафиров како дел од тимот на адвокати на МЗМП.

Користејќи го стратешкото застапување пред надлежните судови и други државни органи, МЗМП продолжува да се залага за ефективна заштита на човековите права преку создавање позитивна пракса која води кон општествени промени, велат од Здружението на младите правници.

Македонија ќе го регулира фрлањето храна со закон

Македонија фрла по 5.000 тони храна годишно, количини кои може да снабдат 13.000 луѓе со три оброка дневно.

За надминување на ваквата состојба се изготвуваат законски измени кои, како што беше речено денеска во Стопанската комора, ќе бидат готови најдоцна до почетокот на идната година, а предвидуваат наместо да се фрла, храната да се донира во хуманитарни цели.

Со регулирањето на фрлањето на храната најпрво ќе бидат опфатени маркетите, добавувачите и производителите по што, во втората и третата фаза ќе бидат таргетирани и рестораните, кетеринг службите и домаќинствата.

– Македонија е седма во светот по фрлање храна, а штетата од тоа достигнува 10 милиони евра. Најмногу храна фрлаат домаќинствата, дури потоа се рестораните, производителите и добавувачите. Бројките се многу сериозни и веројатно достигнуваат 10 илјади тони годишно, количина која би можела да биде однова за една цела нова социјална програма за загрозените, истакна Блаже Јосифовски, претседател на Асоцијацијата за чиста животна средина „Ајде Македонија“ која е иницијатор на законските измени.

Според него, иницијативата е поддржана од бизнис секторот, коморите и Владата и веќе е формирана работна група која работи на предлог- текстот.

Со законското решение ќе се бара бизнисите да бидат ослободени од данокот на додадена вредност за храната што ќе ја донираат, но и од кривична одговорност при евентуални незгоди или злоупотреби ако доследно ги почитуваат правилата за безбедна храна.

– Ќе треба да се обезбедат и едноставни, брзи административни процедури, за компаниите да не бидат оптоварени и да не се откажат од определбата да донираат храна, истакна Јосифовски и посочи дека засега во земјава 445.000 граѓани имаат по само еден оброк дневно.

Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија информира дека прва во светот Франција го регулираше прашањето со фрлањето храна, а примерот веќе го следи Велика Британија која годишно фрла по 15 милиони тони. Во Европската унија, пак, отпадот од храна достигнува 90 до 100 милиони тони годишно што е сума од неколку милијарди евра. Од регионот, Хрватска веќе има донесено Правилник за донирање на вишокот храна од маркетите, а фрла 400.000 тони годишно.

Согласно Програмата „Хоризонт 2020“ ЕУ планира да го намали отпадот на храна до 2025 година за 30 отсто.

Популарно