Распаѓањето на бракот не се случува преку ноќ. Воглавно станува збор за бавно акумулирање на незадоволство. Но, донесувањето на одлука за развод никогаш не е лесно, објави американското списание „Хуфингтон пост“.

Истражувањето на адвокатската канцеларија „Слатер и Гордон“, при што биле набљудувани илјада разводи, покажува дека просечно лице 24 месеци и 12 денови размислува за разводот пред да се одлучи, а 18 месеци се обидува да го поправи својот брак. Речиси 36 проценти од лицата разводот го доживуваат како личен неуспех, додека 53 отсто разговарале за разводот со трети лица, пред се барале совети од пријатели, мајка, адвокати или сестри. Приближно 36 проценти за разводот разговарале со адвокат, а 77 отсто изјавиле дека разводот влијаел на нивните деца.
Околу 28 проценти од мајките истакнале дека децата не се доволно блиски со татковците по разводот, иако 47 отсто од двојките се обиделе да ги решат проблемите и да останат во брак поради децата. Резултатите од истражувањето покажуваат и дека речиси 76 проценти од двојките се обиделе да го решат проблемот пред да се одлучат за развод, а 24 отсто не се ни обиделе.
Од разведените двојки 53 проценти имале пријателски развод, 45 отсто и потоа останале во пријателски односи, а 31 процент немаат никаков контакт.
Како најчести причини за разводот се наведуваат:
1. Прељуба;
2. Биле несреќни;
3. Имале премногу караници;
4. Исчезнала љубовта;
5. Повеќе не комуницирале;
6. Сакале различни работи;
7. Партнерот се променил;
8. Повеќе не чувствувале дека се партнери;
9. Партнерот бил насилен;
10. Имале проблеми со парите