Кривичната истрагата, која ја отвори кумановското Основно јавно обвинителство по тешката сообраќајна несреќа во која загина директорот на Фудбалската федерација на Македонија, Петар Милошевски, и натаму останува отворена. Единствената причина поради која кривичната истрага се’ уште не е затворена и не е изготвено обвинение е тоа што недостига уште еден од доказите – а тоа е сообраќајното вештачење, на кое веќе подолго се чека, пишува Утрински весник.

„Нема ништо ново во однос на доказите. Ние и натаму чекаме да биде изготвено сообраќајното вештачење, а кога тоа ќе биде готово и ќе ни биде предадено ќе имаме многу појасна ситуација“, вели кумановскиот јавен обвинител, Горан Пешевски.
Во кумановското Обвинителство веруваат дека вештачењето наскоро ќе биде завршено и дека дури по приемот на стручниот наод и мислење тие ќе знаат дали и против кого ќе биде поведена кривична постапка. Оттаму еднаш веќе беше потврдено дека од видеоснимките, симнати од безбедносните камери, не може да се види моментот на ударот поради што не може со сигурност да се утврди кој ја предизвикал сообраќајната несреќа.
Од досегашниот тек на истрагата во која животот трагично го загуби ексрепрезентативниот голман на фудбалската репрезентација Македонија, Петар Милошевски, може да се заклучи дека несреќата се случила на 14 март, околу 22,30 часот на неосветлена делница на патот Куманово – Крива Паланка.
На местото каде што се случи сообраќајката брзината на движење на моторните возила е ограничена на 60 километри на час. Истрагата не пронајде алкохол во крвта ниту кај претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиески, кој го управувал службеното „пежо 508“, ниту кај 62-годишниот Живко Бојковски, од село Малотина, кој го управувал возилото „УАЗ“.
Според првичната варијанта, која беше пласирана во јавноста, до несреќата дошло откако возилото „пежо“ удрило во возило што се вклучило на главниот пат. Од ударот, со смртни повреди се здоби Петар Милошески, а тешки повреди им беа констатирани на други двајца во службеното возило, но и кај Бојковски. Повредените, по несреќата, беа пренесени во Клиничкиот центар во Скопје, а претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, по лекарски третман беше дома. Критичната вечер Милошески и Ѓорѓиески се враќале од хуманитарен фудбалски натпревар.