Саманта Ват (31), мајка на 4-годишно дете од Лондон, е првата жена во Велика Британија осудена на затворска казна поради објавување на експлицитни фотографии од својата поранешна девојка на Фејсбук.

Станува збор за многу интимни фотографии од периодот додека биле заедно во врска, а на некои од нив имало и сцени од секс. Покрај фотографиите пишувала и дека нејзината поранешна девојка е вплеткана во педофилија и проституција. Тоа го направила за да ѝ се одмазди за раскинувањето на врската, а ја осудиле на затворска казна во траење од 18 недели, пишува Daily Mail.
Тоа што ја осудиле на затворска казна, не ѝ помогнало многу на жртвата. Фотографиите се распространети на интернет и никој повеќе не може да ги избрише, а чувството на срам и осудување од другите ќе ја следат уште долго време, иако за ништо не е виновна.
Луѓето имаат сексуални односи и во тоа нема ништо лошо. Но, со снимањето и фотографирањето на интимните моменти треба да се биде внимателен, особено ако сте во врска со некој во кој немате целосна доверба или не се познавате долго време. Додека сте во врска се` е во ред и никој не може да си замисли дека саканиот партнер може да направи такво нешто. Но, луѓето се менуваат после раскинувањето на врската, особено ако нивното его е повредено, а и онака се склони кон одмазда.
Жената од почетокот на приказната е добар пример за тоа како одмаздата му е непријател токму на оној кој ја смислил. Завршила во затвор, нејзиното дете останало без мајка, а сето тоа само за да му го уништи животот на некој друг.
Некои луѓе едноставно не можат да прифатат дека врската завршила и се обидуваат да ја понижат другата страна колку што тоа е возможно. Објавувањето интимни фотографии во јавност врз жртвата може да остави сериозни психички проблеми, а исто така може да создаде и несигурност и недоверба во луѓето. Затоа, пред да одлучите да се снимате во интимни моменти, добро размислете со кого го правите тоа.