Професорката Билјана Ванковска на својот Фејсбук профил, уште еднаш го искажа ставот за евентуалното донесување на Законот за јазици во собранието и целата процедура околу истиот.
- Законот за јазиците, доколку биде донесен како што се најавува (а работите така стојат во моментов), ќе остане запомнет како епитаф на (правната) држава во Македонија: предложен и процесиран во флагрантно неправна постапка, со материјални одредби кои се неприменливи и противуставни, и со изгласување по истекот на рокот од 30 дена од првото изгласување, по што Претседателот стави суспензивно вето. Ова треба/ше да биде аларм за сите што имаат макар елементарно правно знаење или барем правна култура. Но, не е така: си молчат или спинуваат (дека критичарите на законот се само обична сурија, прасиња, примитивци,националисти и албанофоби). Правната битка ќе продолжи, колку и да изгледа бесполезна, но политичките и општествените последици ќе бидат катастрофални. Безбедносните прогнози стануваат се' полоши. Не знам кому ќе му донесе добро закон со кој се газат елементарните претпоставки на правната држава? Се прашувам: дали Албанците во Македонија се толку кусогледи за да не ја видат оваа проѕирна националистичка манипулација, која сите заедно не' чини скапо и во смисла на елементарните демократски претпоставки, и во финансиска смисла, но и во социјална и безбедносна.