Многу дожд и опасност од поплави

За денеска  имаме прилично „интересна“ метеоролошки прогностичка состојба. Имено, нè очекува ден за кој се прогнозира релативно голема количина на врнежи. Ова пред се важи за западниот дел од земјата, особено за планинскиот дел на самата западна граница.

Дел од нумеричките прогностички модели прогнозираат 24 часовна вкупна количина на воден талог над 70 литри на метар квадратен, додека за реканскиот  и дебарскиот крај прогнозираат околу 40 литри на „квадрат“. Има реална можност кон крајот на денот овие врнежи да бидат со пороен карактер.

Охридскиот, преспанскиот и пелагонискиот крај очекуваат позначајни врнежи во втората половина од денот, иако во овие региони ќе биде врнежливо речиси во текот на целиот ден.

Источниот крај очекува дел од земјата очекува доста послаби врнежи. Интензивирање на врнежите во овој крај ќе има во ноќта кон среда.

Она што треба да се напомене е дека во текот на денот ќе имаме и адвекција (транспорт) на значително потопол воздух од југ, што ќе допринесе да имаме доста висока висина на нултата изотерма, нешто под 3000 метри, што во комбинација со врнежите ќе услови нагло тоење на снежната покривка која се формираше во текот на викендот. 

Треба да се има в предвид дека до височина од околу 1700 метри во текот на викендот паѓаше прилично влажен снег, со релативно голем воден еквивалент, чие топење во комбинација со врнежите со сигурност ќе допринесе за зголемување на нивото на планинските водотеци во крајниот западен регион.

Логично е да се размислува за потенцијален ризик од појава на одрони, особено на патот долж Радика.

Ќе биде и прилично ветровито, на пониските места пред се во источната половина од земјата, а насекаде на повисоките места. Ќе дува умерен југоисточен ветер.

Минималната температура ќе има вредности помеѓу 3°С и 7°С.

Дневната температура ќе има максимална вредност помеѓу 8°С и 11°С во најголем дел од котлините. Потопло, со максимална околу 13°С ќе биде во југоисточниот крај.

Коментари

Популарно