Компанијата „Мајкрософт“ неодамна тестираше четиридневна работна недела

Компанијата „Мајкрософт“ неодамна тестираше четиридневна работна недела во своите канцеларии во Јапонија и откри дека работниците не само што биле посреќни, туку и значително се зголемила нивната продуктивност.

Во август, „Мајкрософт“ го започна проектот со кој на своите 2300 вработени им даде пет слободни петоци без намалување на платата. Скратените работни недели довеле до поефикасни состаноци, посреќни работници и зголемена продуктивност до 40 проценти.

Како дел од програмата, компанијата планира да ги субвенционира семејните одмори на вработените до 920 долари.

„Работи кратко време, одмори добро и научи многу“, изјави претседателот на „Мајкрософт“ во Јапонија Такуја Хирано.

„Сакам вработените да размислат за тоа и да искусат како тие може да го постигнат истио резултат со 20 отсто помалку работа“.

Покрај зголемената продуктивност, позитивна работа е што користењето на електрична струја се намалила за 23 отсто. Вработените испринтале 59 отсто помалку хартиени листови во пробниот период. Најголем дел од нив, 92 проценти, изјавиле дека им се допаѓа скратената работна седмица.

Ова не е првпат да се тестира скратена работна недела во корпоративниот свет. Во 2018 година, компанија во Нов Зеланд испроба четиридневна работна недела во рок од два месеци со своите 240 вработени. Нивото на стрес се намалило за 7 отсто.

Сепак, тестирањето на „Мајкрософт“ во Јапонија е само пилот проект. Се уште не е јасно дали овие промени ќе бидат воведени во канцелариите насекаде и на подолг рок.

Коментари

Популарно