300.000 НАТО војници во состојба на висока воена готовност

Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, исто така потврди дека сојузниците ќе распоредат трупи во земјите на НАТО најблиску до Русија.

Одлуките ќе бидат претставени на значајниот самит на НАТО оваа недела во Мадрид.

„Ќе ги трансформираме силите за одговор на НАТО и ќе го зголемиме бројот на нашите сили со висока готовност на повеќе од 300.000“, изјави Столтенберг.

Во моментов, силите за одговор на НАТО брои околу 40.000 војници, морнари и воздухопловни трупи. Ќе се смени и нивното име и силите отсега ќе се нарекуваат „Сојузничките сили за реакција“, пишува Sky News.

Столтенберг најави дека во новиот стратешки концепт што сојузниците ќе го усвојат во Мадрид, Русија ќе биде дефинирана како „најголема и најдиректна закана за нашата безбедност“.

Во последниот Стратешки концепт усвоен во 2010 година, Русија беше дефинирана како стратешки партнер на НАТО.

„Тоа нема да биде случај во стратешкиот концепт за кој ќе се договориме во Мадрид. Очекувам сојузниците јасно да кажат дека Русија претставува директна закана за нашата безбедност, нашите вредности, меѓународниот поредок заснован на правила“, рече Столтенберг.

За прв пат во Стратешкиот концепт ќе се спомене и Кина и предизвиците што Пекинг им ги поставува на членките на НАТО.

Се уште не е јасно дали ќе се реши прашањето за турската блокада на Финска и приемот на Шведска во НАТО. Столтенберг рече дека на тоа интензивно се работи, дека ќе има средби и во Мадрид, но дека „не може да вети дека блокадата ќе биде отстранета“.

Тој најави дека утре во Мадрид ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, со финскиот Саули Ниинисто и со шведската премиерка Магдалена Андерсон.

Во меѓувреме властите во Романија бесплатно делат таблети со јод во случај на нуклеарен напад

Таблетите со јод бесплатно ќе се делат во општинските аптеки кои се објавени на веб-страницата на Министерството за здравство. Властите предупредуваат дека таблетите калиум јодид треба да се применуваат само во случај на нуклеарен испад или инцидент. Информативните материјали за правилна употреба на овие таблети ќе бидат достапни бесплатно во аптеките.

Информативниот прирачник наведува дека 65 mg калиум јодид треба да се користат само според упатствата од здравствените власти и само во случај на нуклеарна несреќа. Властите ќе ја информираат јавноста преку радио, телевизија, печат и сирени за цивилна заштита.

Коментари

Популарно