Канје Вест повторно исфрлен од Твитер

Во петокот Твитер повторно го суспендираше профилот на американскиот рапер Канје Вест поради кршење на правилата на платформата за социјалните медиуми.

„Дадов се од себе. И покрај тоа, тој повторно го прекрши нашето правило против поттикнување насилство. Профилот ќе биде суспендиран“, изјави сопственикот на „Твитер“, Елон Маск.

Пред да го суспендира профилот на Вест, Твитер го ограничи и бројот на негови објави.

Во октомври популарниот рапер, кој законски го смени своето име во Је, начелно се согласи да ја купи социјалната мрежа Парлер, само неколку дена откако Твитер и Инстаграм му го суспендираа профилот поради неговите антисемитски коментари на социјалните мрежи.

Меѓутоа, двете страни се договорија да се откажат од купувањето.

Вест беше широко критикуван откако даде серија отворени антисемитски изјави во последните недели, вклучувајќи го и пофалувањето на Хитлер во телевизиско шоу.

„Сакам сè. Завршив со класификациите. Секое човечко суштество има нешто вредно да донесе на масата, особено Хитлер. Не ми се допаѓа зборот ‘зло’ покрај нацистите. Ги сакам Евреите, но ги сакам и нацистите“, рече раперот за време на интервјуто.

Коментари

Популарно