Во Македонија има патентирано изум кој за 15 минути растерува магла и го намалува загадувањето, но 24 години некој го држи во фиока

Мал број на граѓани се сеќаваат дека во Македонија има изум кој за 15 минути растерува магла но од неразбирливи причини веќе 24 години седи во нечија фиока и никако да го види светлото на денот.

Се работи за патент на тројца македонски иноватори, др. Стефан Стефанов, др. Владо Спиридонов и Чало Чаловски, кој за 10 до 15 минути може целосно да ја растера маглата, веќе со години е заборавен низ фиоките на државата.

Оваа иновација Министерството за економија ја прогласи во 2000 година за Патент на годината, а работата на тројцата македонски иноватори истата година освои златна медалка ЕУРЕКА во Брисел, за две години подоцна да добие и Гранд при во Будимпешта. И покрај сите овие признанија, растерувачот на магла, кој повеќе пати успешно е тестиран, остана заборавен, иако Скопје и останатите градови, посебно во периодот кога настапи зимата, се гушат во магла и смог.

Еден од иноваторите др. Стефан Стефановски, кој веќе долги години е во пензија, пред неколку години во интервју ќе кажа дека добивката од оваа алатка за растерување магла би било и намалување на аерозагадувањето, а тоа значи почист воздух.

Нивниот изум е едноставен и не толку скап, а работи на принцип распрскување течен CO2 кој ја менува агрегатната состојба на маглата, односно ја кристализира и спушта на земја.

Оваа алатка може да се постави на возила и со неа да се третираат поголеми градски површини, а може да работи и како стационарен уред. При создавање на патентот, тројцата иноватори тој уред го поставија на возило и со него „обработија“ цела десна страна на реката Вардар во Скопје, а маглата беше растерана за десетина минути.

За да би биле целосно сигурни во ефикасноста на својот патент, тие го тестирале во рудникот Суводол, во Рударско-енергетскиот комбинат во Битола, а последен пат во 2002 година на скопскиот аеродром. Резултатите секаде биле исти.Маглата исчезнала во многу краток рок и тоа во радиус од дури 1,5 километри од местото на праскање.

И покрај тоа, државните институции не беа заинтересирани за примена на овој патент, а сега во правец на намалување на загаденоста се преземаат мерки кои не се олку ефикасни, барем не можат веднаш да придонесат за чист воздух. Македонија важи за една од најзагадените земји во Европа, а Скопје е редовно помеѓу првите десет места по загаденост на воздухот.

Коментари

Популарно