Скопје влезе во историјата, само 25 автобуси се обраќаат во град со големина од над 800 илјади жители

Катастрофалната ситуација со ЈСП продолжува и денес. Од вчера попладне на градските улици се обраќаат само 25 автобуси – оние кои се движат на гас, додека останатите се паркирани во автобазите на ЈСП „Скопје“ во Автокоманда и Ѓорче Петров поради недостиг на гориво.

Африм Муча, претседател на Независниот синдикат на возачите во ЈСП „Скопје“ за МИА синоќа изјави дека состојбата е многу сериозна, дури и алармантна бидејќи, како што рече, речиси 70 проценти од возилата се паркирани.

„Одговорот е едноставен, нема нафта. Возачите беа повикани да дојдат на работа, но тие се во базите во Автокоманда и во Ѓорче Петров заедно со автобусите бидејќи нема нафта и ТНГ. Во моментов мислам дека околу 70 проценти од автобусите на ЈСП се паркирани во базите. Низ градот сообраќаат мал број двосменски автобуси кои имаат наточено нафта пред два дена, како и возилата со ТНГ. За нормално функционирање на ЈСП на дневна основа се потребни 25 тони нафта, што не ја добиваме. Нафтата вообичаено ни ја доставува „Пуцко Петрол“ во базите на ЈСП „Скопје“, но бидејќи должиме поголема сума на пари, деновиве не ни доставуваат нафта. Во ЈСП „Скопје“ работат 1.200 луѓе и нема да дозволиме некој да си поигрува со нивните судбини“, рече Муча.

И Миќо Стојановски од ССМ ЈСП Скопје потврди дека проблемот со јавниот градски превоз во Скопје и малиот број на автобуси кои сообраќаат низ градот е поради недостигот на гориво. Нема дистрибуција на нафта од „Пуцко Петрол“ за ЈСП „Скопје“ поради голем долг.

„Причина за тоа е меѓусебниот однос меѓу градоначалничката Данела Арсовска, претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славески и Советот на Град Скопје и одлуките кои ги носат. Имаше најава од Град Скопје дека ќе се нормализира дотурот на нафта за ЈСП, но тоа не се случува. Проблеми со нафта има и ЈП „Комунална хигиена“ Скопје поради што само дел од камионите собираат смет. Затоа сите синдикати на јавните градски претпријатија планираме од понеделник да одржиме заеднички состанок на кој ќе одлучиме какви мерки ќе преземеме“, изјави Стојановски за МИА.

Според приватните превозници, за да биде во целост исполнет зимскиот возен ред по одлука на Совет за линиски превоз на патници во Град Скопје потребни се 352 автобуса или со резервни вкупно 444 автобуси. Наведуваат дека во моментов на дневно ниво недостасуваат од 160 до 200 автобуси.

Коментари

Популарно