Денеска Вардар на мегдан со Унгарски Веспрем

Ракометната екипа на Вардар денеска од 17:30 часот во СЦ „Јане Сандански“ излегува против унгарски Веспрем во меч од 12 коло во Лигата на шампионите од групата „А“.

„Црвено-црните“ се сигурен патник во осминафиналето, но важно е да се задржи второто место и разликата во однос на Веспрем, Киелце и Рајн Некар, за евентуален полесен противник во елиминациската фаза.

На првиот меч со Веспрем во Унгарија, Вардар победи со 27:25, што беше и нивна прва гостинска победа против Унгарците.

Тренерот на скопскиот тим, Роберто Парондо на пресот пред мечот изјави дека очекува тежок натпревар, но дека играчите се подготвени за она што претстои.

Сакаме многу бодови во последните три средби. Ќе ни биде навистина тешко бидејќи Веспрем е квалитетна екипа во која играат многу добри ракометари. Сакаме да победиме и победата е најважна за нас, изјави Шпанецот.

Во однос на повредените ракометари, тој додаде дека Борозан и Мораеш тренираат со тимот, но денеска ќе се реши дали ќе бидат подготвени за настап, додека Горбок ќе биде достапен дури за еден месец.

На три кола пред крајот на групната фаза, вардарци се втори на табелата со 15 бода, три помалку од Барселона, а бод повеќе во однос на Веспрем и Киелце. Рајн Некар е петтопласиран со 12 бода.

Натпреварот во Скопје е прогласен од ЕХФ за меч на колото во Лигата на шампионите.

Поради големиот интерес на фановите, во продажба беа пуштени дополнителен број на билети за дуелот.

Македонија има нов светски шампион

Македонија има нов светски шампион! Бобан Илиоски го победи Берк Дузенли во првата професионална битка за појас во „ВАКО Про АФН 9“ и по аматерските трофеи, се закити со признание и во професионалните води. Илиоски во борбата во дисциплината К1 успеа да ја исполни зацртаната цел и стана професионален кик-бокс шампион. 

Илиоски во пет рунди беше подобар од турскиот ривал на големиот светски настап кој се одржа во СЦ „Јане Сандански“. Македонецот имаше проблеми против Дузенли кој беше расположен во првите неколку рунди, меѓутоа потоа успеа да воспостави контрола. Илиоски добро се бранеше, го одби противничкиот налет и со удари од дистанца собра доволно бодови. 

Откако немаше нокаут во петте рунди, одлуката остана на судиите, а спикерот го прогласи Илиоски за победник на одушевување на присутните во салата. За македонскиот кик-боксер ова е најголем успех во досегашната кариера, откако претходно стана светски и европски првак во ВАКО аматерските натпреварувања. 

Пред одлично пополнети трибини во скопската сала Македонија доби нов првак на професионално ниво. Во поддршка на својот другар Бобан Илиоски дојдоа и навивачите на Вардар, верните „Комити“ во солидна бројка. 

Лазаров доби нов помошник во репрезентацијата

Поранешниот репрезентативец Стојанче Стоилов ќе биде дел од стручниот штаб на машката репрезентација на Македонија.

Тој и претходно беше дел во неколку наврати од подготовките на националниот тим откако ја заврши репрезентативната кариера, но сега ќе биде во улога на асистент.

Ова е четврти екс репрезентативец кој влегува во стручниот штаб на селекторот Кире Лазаров по Бранко Ангеловски, Ацо Јоновски и Филип Миркуловски.

Машката репрезентација ја очекува двомеч со Фарски Острови за пласман на СП 2025 година во Хрватска, Данска и Норвешка.

Првиот натпревар се игра во Торшавн на 8 мај од 20:00 часот, додека реваншот е во Скопје на 12 мај од 19:00 часот

ФК Вардар: Историјата ќе памети кој не избрка од Градски

Oд редовите на Вардар денеска преку социјалните мрежи ја информираа јавноста дека клубот до крајот на сезоната своите натпревари ќе ги игра на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари.

Соопштението кое е објавено на социјалните мрежи на клубот ви го пренесуваме во целост.

„Поради потценувачкиот однос на ПУИГ кон Вардар, нашиот клуб до крајот на оваа сезона нема да настапи на Градскиот стадион во Скопје. И покрај фактот што уредно испративме допис во кој јасно наведовме дека сумата за изнајмување на стадионот ќе ја исплатиме во целост, добивме негативен одговор по однос на нашето барање. Да напоменеме дека покрај се, понудивме и механизам преку кој можевме да постигнеме заеднички договор, но сепак и во однос на тоа бевме категорично одбиени.

Ние ниту го создадовме, ниту го продлабочивме долгот на Вардар, а згора на тоа континуирано се трудиме истиот да го намалиме. Вие, ,,господа” од ПУИГ, денес ја затворивте вратата за најтрофејниот македонски фудбалски колектив и одлучивте да не бидете дел од една искрена приказна која ја создаваме. Никогаш нема да го заборавиме ова и никогаш нема да ви го простиме!

Вашите имиња ќе стојат засекогаш на столбот на срамот, во вашите удобни фотељи никогаш повеќе нема да седнете мирно.

За крај, би сакале да Ви порачаме дека Вардар вам ништо не ви должи. Од денес вие сте тие кои должите. Вашиот понижувачки чин скапо ќе го платите, а Вардар ви ветуваме дека кога-тогаш повторно ќе заигра во својот дом…дом во кој вие никогаш нема да се почувствувате како домаќини!

Вардарци, наши верни навивачи, утре го играме најважниот натпревар. На нашите фудбалери им е потребна поддршка повеќе од било кога. Затоа, масовното присуство на стадионот ,,Борис Трајковски” е неопходно за победа!“,објави Вардар.

Популарно