Денеска се слави Св. Апостол Јован Богослов

Празник во чест на чудата на Свети Јован Богослов

Со името на светиот апостол и евангелист Јован се поврзани два празника. Празникот на 21/8 мај, е востановен во чест на чудата што се случувале над неговиот гроб. Имено, покрај многуте чуда што ги направил за време на животот (воскреснал мртви, исцелил болни, ја скротил бурата на морето, а кога патниците на бродот немале вода за пиење солената вода ја претворил во слатка итн.), секоја година на 8 мај (с.с.) од неговиот гроб излегувала прашина од која оздравеле многу болни. Песните што на тој ден се пеат во црквата во негова чест главно се составени од Јован Дамаскин и од цариградскиот патријарх Герман во VIII век.

Роден е во Витсаида, град на брегот на Галилејското Езеро и е помлад брат на апостолот Јаков, според татко му наречен Заведеев. Татко му се викал Заведеј, а мајка му Саломија и била ќерка на Јосиф, старателот на Богородица, кај кого што живеела по напуштањето на божјиот храм.

Јован бил рибар и заедно со брат му и со татко му ловеле риби на езерото. Еднаш кога ги крпеле мрежите кај нив наминал Исус и ги повикал Јована и Јакова. Тие веднаш го напуштиле татка си, бродот и мрежите и му се придружиле. Исус му бил посебно наклонет на Јована поради што овој присуствувал на сите поважни настани од неговиот живот. Заедно со Јаков и Петар присуствувал на Преображението на Исус на планината Тавор, тројцата биле заедно и кога Исус ја воскреснал Јаировата ќерка, а близу до Исус биле и кога тој се молел во Гетсиманската градина непосредно пред страдањата. Исус му укажал посебна чест кога на Тајната вечера го седнал до него и токму нему го претскажал предавството на Јуда. Кога Исус кажал дека ќе биде предаден од еден од апостолите само Јован се осмелил да го праша кој ќе биде тој што ќе го предаде.

Кога Исус бил фатен сите ученици се разбегале само Јован одел по него и додека го воделе кај првосвештениците и подоцна кон Голгота. Присуствувал и на распнувањето и сочувствувал при овој чин, заедно со Богородица и Марија Магдалена. По погребот на Исус и по воскреснувањето кога жените соопштиле дека го нема телото во гробот Јован прв се сетил дека Исус е воскреснат. Сепак, најголема чест Исус му направил кога во претсмртниот час му ја оставил мајка си да ја чува. „А Исус, штом ја виде мајка си и ученикот кого го љубеше, како стои, и рече на мајка Си: ʼЖено ете ти син!ʼ Потоа му рече на ученикот: ʼЕте ти мајка!ʼ И од тој час ученикот ја зеде при себе“. (Јован 19/26,27) Јован ја зел Богородица кај себе и се грижел за неа како за вистинска мајка сè до нејзиното успение.

По Вознесението на Исус, додека била жива Богородица тој проповедал во Палестина, а потоа низ Мала Азија. Најдолго престојувал во Ефес. И подоцна Исус му се јавувал на Јована, а еднаш му раскажал за иднината на неговата црква. Според ова јавување Јован го напишал своето дело „Откровение“ со коешто завршува Светото писмо (Библијата). Напишал и други дела, а најпознати се трите посланици. Од неговите дела се гледа дека бил талентиран писател и дека имал моќ да ги разјасни најдлабоките тајни на Христовата наука, поради што е наречен Богослав. Со своите проповеди многумина пагани обрнал кон христијанство поради што од царот Домицијан бил многу мачен. Му дале да испие отров, потоа го фрлиле во жешко масло, а кога и од тоа немал никакви последици плашејќи се дека е бесмртен царот го протерал на островото Патмос до брегот на Мала Азија.

Кога на римскиот престол дошло до значајни промени, кога бил убиен Домицијан, а на негово место дошол Нерво, христијаните добиле извесни слободи. Тогаш и Јован се вратил во Ефес од прогонство каде што минал 25 години. Христијаните го пречекале со голема радост и со зборовите: „Благословен е оној што доаѓа во името Господово“. Кога се појавиле разни ереси што го нагрдувале вистинското христијанско учење овдешните епископи го замолиле тоа што го проповедал усно и да го напише. Еден ден го зел со себе ученикот Прохор се искачиле на една висока планина и, по три дена минати во пост и молитви, Јован по волја на Светиот Дух започнал да зборува, а Прохор да запишува: „Во почетокот беше Словото и Словото беше во Бога, и Бог беше Словото…“ Бидејќи ги знаел содржините на трите евангелија според Лука, Марко и Матеј, Јован ги запишал оние моменти од животот на Исус што не биле опишани или доволно објаснети. Така настанало евангелието напишано според Јован Богослов. Има различни мислења за времето кога е напишано ова евангелие. Според едни тоа е напишано околу 90-95 година, а според други многу порано, околу 40-65 година.

Евангелието по Јован започнува со зборовите: „Во почетокот беше Слоовото и Словото беше во Бога и Бог беше Словото.“ (Јован 1:1) Ова евангелие е многу поразлично од другите три, како според материјалот што го вклучува, така и според неговата обработка. Исус е претставен како месија уште од самиот почеток

Според божјата волја доживеал длабока старост. Починал на 105 годишна возраст и е единствен од дванаесетте христови апостоли што умрел од природна смрт. Кога си го почувствувал крајот зел со себе неколкумина од своите ученици меѓу кои и неговиот постојан придружник Прохор, ги одвел надвор од градот, ги замолил да ископаат гроб, а потоа, откако им ги дал последните упатства легнал во гробот и ја предал душата на Бога. Споменот на смртта на Светиот апостол и евангелист Јован Богослов се празнува на 26 септември по стариот, (или на 9 октомври по новиот) календар.

Овие светители се празнуваат денес

Преподобен Висарион

Роден и воспитан во Мисир. Рано се предаде на духовен живот и не ја извалка духовната одежда во којашто се облече со Светото Крштение. Го посети Свети Герасим на Јордан и го чу Свети Исидор Пелусиот. Го победуваше своето тело со голем пост, со бденија, но колку што можеше го криеше својот подвиг од луѓето. Еднаш четириесет дена стоеше на молитва, не јадејќи и не спиејќи. Имаше голем дар на чудотворство. Постојано место на пребивање немаше, туку до длабока старост живееше по шумите и долините. Исцелуваше болни и вршеше многубројни чуда за полза на луѓето, а во слава на Бога. Се упокои мирно во 466 година.

Тропар

На твоето име, Господи, на Твоето име воздај Му слава – повикуваше о ти, Висарионе отче наш преподобен. Бог преку тебе чудата на Мојсеја, Илија, Елисеја и Исуса Навина ги повтори, со твоето смирение на небесните сили се вподоби, раце и поглед кон небото подигна, молејќи се за спасение на родот човечки. Со молитвени солзи во рацете Божји се предаде, во неискажлива радост премина, моли Го сега Спасителот на сите, да ги помилува душите наши.

Преподобен Иларион Нови

Игумен на Далматската обител во Цариград. Ученик на Григориј Декаполит и подражавател на животот на Иларион Велики, чиешто име и го зеде. Силен во молитвата, истраен и храбар во страдањето. А страдаше многу за иконите за време на злите иконоборечки цареви, Лав Ерменин и другите. Потоа царот Лав го исекоа со меч неговите сопствени војници во истата онаа црква во којашто ги исмеа Светите икони и од каде што ја тргна првата икона. Тогаш Свети Иларион беше пуштен од затвор. Повторно беше мачен и држен в затвор с ѐ до правоверната царица Теодора. Имаше дар на проѕорливост. Ги виде ангелите Божји кога ја однесоа на небото душата на Св. Теодор Студит. Откако Му угоди на Бога, се упокои во Царството небесно 845 година, во својата седумдесетта година.

Преподобните маченички Архелаја, Текла и Сузана

Како монахињи, чисти и девствени, се подвизуваа во еден незабележлив манастир во околината на Рим. Но кога настана гонењето на христијаните под злобниот цар Диоклецијан, тие побегнаа во Кампанија и таму се населија во близината на градот Нола. Нивниот свет живот не можеше да се скрие од луѓето и оние од околните места почнаа да доаѓаат кај нив за совет, поука и помош во маките и во болестите. Но најпосле беа фатени од незнабожците и ги изведоа пред суд. Тие јавно и слободно ја исповедаа својата вера во Христа. Кога судијата Леонтиј ја запраша Света Архелаја за верата во Христа, таа одговори: „Со силата Христова ја уништувам силата ѓаволска, ги учам луѓето на разум, да Го познаат едниот вистински Бог, а со името на мојот Господ Исус Христос, Единородниот Син Божји, преку мене, слугинката Божја, им се дава здравје на сите болни.“ Сите три девици беа биени, поливани со врела смола, морени во затвор со глад и најпосла исечени со меч. Кога ги изведоа на губилиштето, им се јавија ангели, коишто беа видени и од некои од џелатите. Таков страв ги спопадна, што не смееја да подигнат меч врз Светите девици. Но овие ги охрабрија да си ја извршат должноста. И така, беа заклани како јагненца во 293 година и отидоа во Царството Христово за вечно да почиваат и да се насладуваат гледајќи го лицето Божјо.

Тропар

Архелаја девственичке света, душата твоја со благодат оросена, изли Христово благоухание над Текла и Сузана, и сите заедно поитавте кон светлината незалезна, со светила запалени и елеј непотрошлив, од кого ние денес молиме да се подаде пред Господа, за спасение на нашите души.

На денешниот празник Свети Еразмо Охридски овој извор е најлековит во Македонија

Денес се празнува Свети Еразмо Охридски кој поради неговата мисионерска дејност и големите заслуги за ширењето на христијанството свети Еразмо во нашиве краишта бил сликан заедно со Седмочислениците.

Овој светител, од Бога даруван со чудотворна моќ, е роден во Антиохија и живеел за време на царевите Диоклецијан и Максимилијан. Како архиереј патувал и го проповедал Евангелисто па така стигнал и во Охрид.

Откако го воскреснал синот на некој човек по име Атанас, крстил многу луѓе, а идолските жртвеници ги разурнал. Поради тоа бил обвинет кај царот Максимилијан, кој му наредил да му се поклони на бакарниот кип на Зевс и да му принесе жртва.

Но, Еразмо направил од статуата да излезе ламја и да го исплаши народот. По овој настан св. Еразмо крстил 20 000 луѓе, но по наредба на царот сите биле исечени, а Еразмо бил затворен. Но тогаш се јавил ангелот и го ослободил од затворот, како што многу порано го ослободил св. Петар. Св. Еразмо пред смртта се повлекол во една пештера и во молитви го минал животот. Починал во почетокот на IV век.

Во близината на Охрид има пештерска црква посветана на св. Еразмо Охридски, а во близина на црквата има вода за која се верува дека е лековита, особено на денот на светителот.

Култот на свети Еразмо бил раширен и во западните земји: Италија, Шпанија, Франција, Германија и др.

„Во земјите на византиската и словенската културна сфера, според сегашните сознанија, неговиот култ пушти корења само во охридскиот крај каде што се одржа во долг хронолошки распон, подолг отколку на кој и да било друг светител во македонските краишта“.Споменот на св. Еразмо во Македонија се празнувал уште во времето на свети Климент, прифаќајќи го неговиот култ втемелен многу порано. Во текот на 19 век, за време на македонската преродба зографите мошне често кај композицијата на Седмочислениците ја сликаат и фигурата на св. Еразмо заради неговата мисионерска дејност и заслуги во ширењето на христијанството.

Денеска е Духовден – Слегување на Духот Свети (Трет ден)

Овој празник се смета за роденден на Христовата црква. Имено, пред вознесението Христос им порача на апостолите да останат во Еруса¬лим и да го чекаат слегувањето на Духот-Утешител.

На десеттиот ден од Христовото вознесение, на еврејскиот празник Педесетница, Светиот Дух слезе врз апостолите во вид на пламени јазици, а овие се исполнија со сила и добија дар да зборуваат на разни јазици.

Тоа е конкретниот настан. Но, за црквата овој настан има посебно значење затоа што Светиот Дух од тоа време па се до денес не ја напушта црквата. Духот е критериум за се што се случува во црквата и на општ и на личен план.

Во таа смисла, Духот од оној ден во Ерусалим непрестано слегува врз црквата на Литургијата, во молитвите, во сите дела. Тој е оној Дух по кој христијанскиот живот се нарекува духовен.

Популарно