Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по суви коловози.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

ВНИМАТЕЛНО: АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

СЕЗОНСКИ РЕЖИМ НА СООБРАЌАЈ: Патниот правец Охрид - Ресен, преку националниот парк Галичица е отворен за сообраќај до 01.10.2022 за возила со вкупна маса до 3,5 тони.

РАБОТИ НА ПАТ:

СТРАБАГ АГ известува: Врз основа на Одобрение за времена измена на режим на сообраќај на државен пат А1 – делница Велес – Неготино, издадено од Министерство за транспорт и врски со број 11-уп-46/4, од 21.07.2022 година, кое се однесува за изградба на новата клучка Градско (како дел од автопат А1), на гореспоменатата делница ќе се изведуваат градежни работи и во следните 12 месеци, а ќе се применува времената измена на режим на сообраќај.

Времениот режим ќе се применува во двата правци на автопатот Е-75, во зоната на изградба на новата клучка Градско и тоа во правец кон граничен премин Богородица и во правец кон граничен премин Табановце. Сообраќајот ќе се одвива по возната сообраќајна лената, додека нема да може да вози по сообраќајната лента за претекнување.

ГД Гранит АД Скопје известува дека согласно издаденото одобрение за времен режим на сообраќај за време изведба на Aвтопат А4, делница ГП “Блаце” - Скопје (клучка “Стенковец”) Подделница 1 - проширување на постоен пат А4 од ГП “Блаце” до с. Блаце до ниво на автопат и изградба на дел од автопат со клучка за поврзување со локален пат до с. Блаце, на 2км пред Граничниот Премин “Блаце” од 17.06.2022 г. на местото на изведување на градежните работи се одвива дополнителен времен двонасочен режим на сообраќај со поставена соодветна сообраќајна сигнализација. Сообраќајот се одвива континуирано без застој. Препорака до возачите за прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.

Според информација од Друштво за градежништво Пелагонија АД Гостивар, од вторник 05.04.2022, ќе започнат градежни активности за санација на свлечишта на км 19+500 (кај село Глобочица) и 24+000 (кај село Луково) на регионалниот пат Р1201 делница Струга - Дебар и ќе има комплетно затворање на овој дел од патот, секој ден од 10 - 14 часот во следните 6 месеци. Градежните активности ги изведува Друштво за градежништво Пелагонија АД Гостивар.

Ве известуваме дека поради изведување на санациони работи од 07.03.2022 година, мостот на река Кумановка на Р1204 делница Куманово – Свети Николе во наредните 6 месеци ќе биде затворен за сообраќај.

”Стентон градба ДОО” известува за времена измена на режим на сообраќај на државен пат крак А1 ,делница Градско – Прилеп (Фариш-Прилеп), поточно после мостот на р. Раец кон Плетвар заради градежни активности од 02.03.2022 г. во врска со проект Рехабилитација на државен пат А1,Делница Фариш-Прилеп и ќе трае во наредните 12 месеци. Поради изведување на градежните работи ќе има пренасочување на сообраќајот по две коловозни ленти, возачите треба да ја следат поставената патна сигнализација и да возат со намалена брзина при поминување на работната делница.

ДГ Бетон АД - Скопје известува дека се изведуваат градежни работи за рехабилитација со проширување на Државен пат А1, делница Петровец - Катланово (во двата правци). На местото на изведување на градежните работи се одвива времен двонасочен режим на сообраќај со поставена соодветна сообраќајна сигнализација. Сообраќајот се одвива континуирано без застој. 

На патниот правец А2 Кичево - Охрид, поради градежни работи на повеќе делници, сообраќајот се одвива со девијации. Поставена е соодветна сообраќајна сигнализација и затоа препорачуваме строго почитување на истата и прилагодена брзина на движење.

Учениците од понеделник на пролетен распуст, наставата ќе продолжи на 7 мај

Учениците од основните и средните училишта од понеделник, 29 април, заклучно со 6 мај 2024, ќе бидат на пролетен распуст кој е воведен во оваа учебна година.

Првпат има промена и во календарот за настава, така што 2023/2024 за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни. 

Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од Претседателските избори и Парламентарните избори 2024. 

Ден претходно, вторник 7 мај, скратени часови и работно време до 11 часот ќе имаат оние училишта каде што утредента ќе се организира гласањето.

Како што информираше Министерството за образование и наука, наставата од двата дена кои поради изборите се неработни ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови.

Скопските ученици треба да надоместат и за пропуштеното од наставата на 30 ноември 2023 кога во главниот град беше организиран Советот на министри на ОБСЕ. 

За планирањето и организирањето на дополнителните часови, МОН ги задолжи директорите на училиштата. 

-Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, соопшти МОН откако по реакции во јавноста и од синдикатите ја повлече претходната одлука пропуштената настава да се надомести во саботи.

Со лажен сертификат за англиски јазик аплицирала за директорка и добила работа, сега ќе одговара кривично

Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал (ОСОСК) на 25.04.2024 до ОЈО Велес поднесе кривична пријава против М.В.(44), од Велес, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“, согласно член 380 ст.1 од Кривичниот законик.

Како што соопштува МВР, пријавената, на функција директор во општинска јавна установа за деца - детска градинка во Велес, прибавила меѓународно признаен сертификат за познавање на англиски јазик со нејзино име, издадена од училиште за јазици од Пловдив, Р Бугарија.

- Иако знаела дека исправата е со невистинита содржина, М.В. ја употребила како доказ дека поседува меѓународно признаен сертификат при нејзиното аплицирање на Јавен оглас за избор на директор на детската градинка, по што и била именувана на функцијата, соопшти МВР.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила на Македонија

Кралството Норвешка денеска ѝ ја предаде донацијата од 76 неборбени моторни возила на земјава. На предавањето на возилата во касарната „Илинден“ во Скопје свои обраќања имаа министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски, амбасадорката на Норвешка за Северна Македонија, Кристин Мелсом и командантот на логистика на Вооружените сили на Кралството Норвешка Андрес Јернберг.

Министерката за обрана Петровска во своето излагање посочи дека Армијата минува низ сеопфатен процес на модернизација и секоја дополнителна поддршка од сојузниците е добредојдена. Таа истакна дека донацијата ќе придонесе за зголемување на борбената готовност на Армијата.

– Нашиот одбранбен буџет континуирано расте, но секоја дополнителна поддршка од нашите сојузници е добродојдена. Оваа норвешка донација од 76 неборбени моторни возила значително ќе придонесат за зголемување на транспортните можности на единиците на Армијата односно за нивната борбена готовност, рече Петровска.

Министерката се осврна на бројните проекти кои се реализираат со поддршка на Кралството Норвешка. Со поддршка на Кралството Норвешка, Петровска вели, земјава го изгради Регионалниот центар за односи со јавност, кој во моментов е во фаза на интензивен развој во НАТО школа за односи со јавност, за кој рече, придобивки ќе имаат двете земји, но и НАТО сојузниците.

– Со ваша поддршка го изградивме Регионалниот центар за односи со јавноста кој во моментов е во фаза на интензивен развој во НАТО школа за односи со јавност од кој придобивка ќе има и Македонија и Норвешка, но и нашите НАТО сојузници. Вие сте земја партнер во рамките на Балканските медицински сили чие постојано седиште е во Република Северна Македонија, рече Петровска.

Амбасадорката на Кралството Норвешка за Северна Македонија, Кристин Мелсом, истакна дека дипломатските врски меѓу двете земји се зајакнуваат последните 30 години, особено по приемот на земјава во НАТО Алијансата во 2020 година.

– Во последните години уште повеќе ја зајакнавме нашата врска со посетата на Командантот на Гардата на Неговото височество кралот и нашиот началник за одбрана г. Ајрик Кристоверсен, распоредувањето на македонскиот хируршки тим во Авганистан, меѓусебната размена на кадети, посетите на ваши офицери и на нашата бригада Север и на Здружениот оперативен штаб и уште неколку други проекти, рече Мелсом.

Дополнително ја истакна програмата за размена на кадети како еден од поважните заеднички проекти и посочувајќи на посветеноста на Северна Македонија кон Алијансата.

– Ја видовме посветеноста што ја покажавте кон Алијансата. Ја гледаме не само воената опрема што ја дадовте на Украина, туку и зголемениот број војници што ги имате распоредено во различни мисии. Вашата цел да распоредите 10 проценти од вашата армиска структура е импресивна, истакна Мелсом.

Бригадниот генерал Андрес Јернберг рече овој ден е од историско значење, бидејќи ја одбележува најголемата донација на воена опрема што Кралството Норвешка воопшто ја има направено за земја од Западен Балкан.

– Точно е дека 36-те лесни пешадиски возила и 40-те камиони од Норвешка кои штотуку пристигнаа во Северна Македонија ќе ги зајакнат вашите вооружени сили, но тие исто така се и доказ за нашата заедничка посветеност на поддршката на Украина и на сојузничкото одвраќање и одбрана. Всушност ова е одличен пример за тоа како треба да се врши одвраќање и одбрана преку логистичка соработка во рамките на НАТО, рече Јернберг.

Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, во своето излагање истакна дека во Алијансата не се членува само заради придобивки и бенефиции, туку заради вредности и принципи. Ѓурчиновски истакна дека земјава ја поддржала вистинската страна во војната во Украина, и како што рече, тоа го препознала Норвешка.

– Бевме конкретни и јасно детерминирани и се определивме и ја поддржавме вистинската страна во војната. Свесни бевме за одговорностите. Не се членува само заради придобивките и бенефиции, туку заради вредности и принципи. Кралството точно ги воочи нашите заложби, направивме координација со ГШ и со началникот во мојата официјална посета на Норвешка и во седиштето во Брисел и како што беше истакнато ова е голем историски ден за нашите вооружени сили каде што сме сите сведоци и можеме да ги воочиме 76-те возила кои од утре ќе бидат на македонските патишта за потребите на вооружените сили, меѓутоа и за сите граѓани на нашата татковина, истакна Ѓурчиновски. 

Популарно