Костовски: Ништо не е невозможно за тој што ќе се осмели, благодарен сум за наградата „8 Септември“

Спортскиот работник, тренер и претседател на Таеквондо федерацијата на Македонија, Борче Костовски, е добитник на годинашната награда за животно дело „8 Септември“.

Најголемиот успех Костовски го постигна како тренер на олимпиецот Дејан Георгиевски, кој го освои сребрениот медал на Олимписките игри во Токио во 2021 година.

На свеченоста по повод доделувањето на наградите што се одржа денеска во во Собранието, Костовски истакна дека ништо не е невозможно за тој што ќе се осмели.

- Една мала група на одбрани се осмеливме да направиме чекор од Скопје до Токио, чекор кој трае седум години. Се осмеливме да освоиме олимписка норма, да ги погледнеме најсилните противници во нашиот спорт во очи и да ги победиме. Се осмеливме да стигнеме во олимписко финале на олимписки игри, сето тоа резултираше со сребрен медал и со поставување на нашето знаме на олимпискиот медал, истакна тој. 

Костовски се заблагодари и наградата ја посвети на својот татко и целата, како што рече, „чесна работничка класа“.

Министер за спорт и млади, Борко Ристовски, на настанот истакна дека сите пријавени кандидати биле заслужено на листата. 

- Би сакал да порачам ова да биде само еден поттик за уште повеќе да имам следната година пријавени, ние како држава и министерство да имаме уште повеќе награди да доделуваме. Како министерство секогаш ќе бидеме на страна на спортистите и спортските работници. Овие награди кои ги добивате се огромна чест, но и огромна одговорност, да ги носите со гордост и со достоинство и да бидете достојни претставници на македонското општество кое врз база на вашите дејствувања ќе гледа во вас идоли и ќе се градиме како општество, рече министерот.

Признанија за остварувања во областа на спортот денеска им беа доделени и на Мирко Димчевски, Рамадан Шабани, и Димитар Јованов од борење, како и на првиот стрелец за Македонската фудбалска репрезентација, Зоран Бошковски.

Тепачка помеѓу две сестри во Скопје

На 15.09.2024 во 12.15 часот во СВР Скопје, 48-годишна жена од Скопје пријавила дека, по претходна расправија, била физички нападната од нејзината сестра А.Б.(47) од Скопје, која употребила и тврд предмет.

По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок, соопшти МВР.

Нова промена на цените на горивата од полноќ

Од полноќ поевтинуваат горивата од половина до денар ипол, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика. 

Според новата одлука на РКЕ, Еуросупер БС-95 поевтинува за половина денар, Еуросупер БС-98 за еден денар, а Дизелот и Екстра лесното масло за домаќинство за денар ипол. 

Новата цена на Еуросупер БС-95 ќе биде 73,5 денари за литар, Еуросупер БС-98 ќе се продава по цена од 75,5 денари за литар, а дизелот по цена од 67 денари за литар. Новата цена на Екстра лесното масло за домаќинство ќе биде 66 денари за литар. 

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,989 ден/кг и сега ќе изнесува 41,328 ден/кг.

Грчка компанија го укинува летот Скопје-Сараево од 29 ноември

Грчката авиокомпанија „Ејџијан ерлајнс“ од 29 ноември ќе ги прекине летови меѓу Скопје и Сараево, по повеќе од една година оперирањето на оваа релација, објави специјализираниот портал „Екс Ју авијација“.

Ејџијан ерлајнс, стои во објавата, првично планираше да ја опслужува линијата три пати неделно во ноември и декември и двапати неделно од јануари. Потоа планираше летови до 7 декември, со ограничена работа за време на празничниот период од крајот на декември до почетокот на јануари, но сега ги отстрани сите летови од крајот на ноември.

Продажбата на билети на линијата за летната сезона во 2025 година исто така е прекината.

На крајот на август „Екс Ју авијација“ објави дека „Ејџијан Ерлајнс“ во зимската сезона ќе го намали бројот на летови на линијата Атина - Скопје и ќе ја опслужува четирипати неделно, што е намалување во однос на шесте летови неделно во претходната зимска сезона. Линијата Скопје-Атина, по десетгодишен прекин, профункционира од ноември 2018 година.

Популарно