ВО ПОЛОШКО ОТКРИЕНИ 10 НЕПРИЈАВЕНИ СТРАНСКИ ДРЖАВЈАНКИ

Десет странски државјанки на возраст од 19 до 38 години кои непријавено претстојувале биле затекнати при акциска контрола на полицијата на три угостителски објекти во Полошко, информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

Според неговите податоци, акциската контрола била спроведена прексиноќа од полноќ до два часот и при тоа во угостителскиот објект „Ерди бос“ во Желино биле откриени четири државјанки на Албанија, две албански државјанки биле откриени при контролата во „Нота“ во Чегране, додека при контролата на „Виена“ во Гостивар биле откриени четири државјанки на Србија. Контролирани биле уште два угостителски објекти, по еден во Гостивар и Боговиње, но тука немало странски државјанки.

„Под сомнение дека десетте странски државјанки го злоупотребиле туристичкиот претстој, односно дека работели како пејачки и танчарки и на други начини ги забавувале гостите тие биле приведени и кусо задржани во полициските станици во Тетово и Гостивар по што биле предадени за понатамашна постапка на Отсекот за прекуграничен криминал, миграција, странци и реадмисија“, посочи Јосфовски.

Оваа акција, како што рече, е дел од постојаните активности на СВР Тетово за откривање и законско санкционирање на странските државјни кои непријавено претстојуваат и работат на подрачјето, но и откривање на нивна можна вклученост во трговија со луѓе и други криминални дела.

Православните верници го слават Велигден

Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.

Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.

Пожар во Дом за стари лица во струмичко Банско

Пожар синоќа избил во Дом за стари лица во село Банско, Струмичко. Нема повредени лица, предизвикана е само материјална штета, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според Регионалниот центар за управување со кризи – Струмица, пожарот бил пријавен околу 23.30 часот. Во гаснењето на пожарот интервенирале седум пожарникари со две противпожарни возила. Пожарот целосно е изгаснат во 50 минути по полноќ.

– Прво биле евакуирани лица од катот каде што бил пожарот, потоа од долните катови. По целосното гаснење на пожарот, евакуираните лица полека се вратени на местата, собите од каде што биле евакуирани. Причината за пожарот и материјалната штета дополнително ќе бидат утврдени, појаснуваат од ЦУК.

Во денешното соопштение се наведува и дека изминатото деноноќие имало вкупно 1.759 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи – 112 во ЦУК.

За изборите на 8 мај акредитирани 1078 домашни и 770 странски набљудувачи

За вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори на 8 мај акредитирани се вкупно 1999 набљудувачи, преведувачи и странски новинари. Најмногу  акредитирани се домашни набљудувачи - 1078. Изборите ќе ги следат и 770 странски набљудувачи за чии потреби се ангажирани и 85 преведувачи. За известување од изборите, според податоците на Државната изборна комисија, акредитирани се 66 странски новинари. 

Најмногу домашни набљудувачи акредитирало Здружението за развој на општествено -  социјални иновации „ВАКЕ УП“ Скопје - 752, потоа Фондација Ромите за демократија - 151, Цивил - 82, Центарот за безбедносни истражувања - 46, Институтот за меѓународни односи и стратегии Охрид - 20, Националниот ромски центар Куманово - 14, Здружението за промоција и развој инклузива Куманово - 12 и Македонскиот центар за културен развој - еден набљудувач.

Специјалната мисија за проценка на изборите на ОБСЕ/ОДИХР има акредитирано 410 набљудувачи, 14 експерти и 31 преведувач, најмногу од странските набљудувачи. Парламентарното собрание на ОБСЕ (OSCE PA) има акредитирано 138 набљудувачи, Амбасадата на Соединетите американски држави во Скопје - 68 набљудувачи и 33 преведувачи, Парламентарното собрание на Советот на Европа - ад хок комисијата за набљудување на претседателските избори во Република Северна Македонија - 33 набљудувачи и 20 преведувачи, Иницијативата за дијалог и демократија Силба 30, Централната изборна комисија - Република Косово - 13, Европскиот парламент - 12 и други.

За информирање од изборите се акредитирани и 66 новинари и медиумски работници од најголемите балкански и регионални медиуми, но и од Ројтерс, Асошиејтед прес, Ал Џезира, Франс прес...

Првиот круг од претседателските избори на 24 април го набљудуваа 1601 набљудувач односно 915 домашни и 544 странски набљудувачи, како и 84 преведувачи и 58 странски новинари. 

Популарно