Неподвижно момче од Прилеп се напило од лековитата вода во Велес и проодело!

Во стариот дел на Велес, близу месноста Долни Дуќани, се наоѓа извор на вода. За неа постои верување или легенда дека е лековита. Соседите ја уредиле, поставиле чаши, па секој што сака може да се напие. Изворот е на улицата „Максим Горки“, спроти куќата на Касапови.

За „чудото“ да биде поголемо, на десетина метри подолу се наоѓа уште еден таков извор, кој, според раскажувањата, има исто така лековито дејство.

Приказната што малкумина ја знаат, а која се поврзува со можното лековито влијание на водата од овие извори, почнува со жена од Прилеп. Таа, наводно, ја открила лековитата моќ на едниот од изворите, а за него дознала преку сон. Така барем вели велешанецот Ѓорѓи Стефанов, кој живее близу изворот. Тој, како што тврди, лично ѝ помогнал на жената од Прилеп да го уреди првиот од двата извора. Еве што се случило:

– Дојде жена на свои 40-45 години и започна да го уредува местото. Изворот беше обраснат во треви, имаше пијавици. Тие се лепеа за неа, за рацете, нозете, но таа неуморно работеше повеќе дена. Од мене побара штици, ѝ ги дадов за да го уреди кладенецот. Ми раскажа дека се вика Трајанка и дека е од Прилеп. Си имала мака што ја довела тука. И тоа на сон ѝ се јавил глас – раскажува Стефанов. Трајанка, според кажувањето на Ѓорѓи, имала син, кој бил легнат в кревет, неподвижен. Таа и нејзиниот сопруг го носеле детето кај разни лекари, но чаре не се нашло. Биле и надвор од земјава, но синот останал да лежи неподвижен. – Една ноќ на сон ѝ се јавил глас кој и порачал да оди во Велес. Ѝ рекол дека на место помеѓу три цркви и пат кој води веднаш по првата, лево има кладенец. Таа сонот му го раскажала на сопругот, кој не сакал да ја слуша. Тој им верувал на лекарите, не сакал да верува во вакви работи. Жената под влијание на мажот го занемарила сонот. Но, по некое време, сонот пак се повторил. Тоа било знак за Трајанка да го фати првиот автобус за Велес. Благодарение на јасните назнаки од сонот веднаш го пронашла изворот, иако никогаш не била во Велес – објаснува Ѓорѓи. Работела сама три-четири дена, го исчистила изворот, кој дотогаш никој не го користел, го уредила местото и се потпишала за спомен, при што ги додала и денот и годината кога работела. И денес кај изворот стои, 6 октомври, 1974 година, Трајанка Тасеска. Трајанка се поздравила со соседот Ѓорѓи и заминала за Прилеп. После некое време повторно се вратила во Велес, кај изворот. Тогаш повторно го сретнала Ѓорѓи и, како што тој тврди, му раскажала за чудото што ја чекало дома:

Синот, кој го оставила неподвижен и легнат во кревет, кога се вратила ја чекал седнат. Жената, како што вели Ѓорѓи, му дала да се напие од водата, по што детето почнало да се движи полека, само, без ничија помош. Оттогаш за ова место останало верување дека е лековито. Сепак, според верувањата и легендата што е поврзана со жената од Прилеп, не може кога било да се пие од оваа вода. Таа, според кажувањата, може да се користи само во среда, односно само тогаш ја има лековитата моќ. Дали е тоа така, не може со сигурност да се тврди. Малкумина велешани знаат за ова место и ретко кој ја знае приказната што е поврзана со изворот. Подолу, пак, од тој извор, на десетина метри има и друг кладенец. Се нарекува „Св. Недела“ и, според верувањата, служи за лекување други болести. – Тука се доаѓа само во недела. Луѓето си ги мијат рацете и нозете оти се верува дека водата лекува рани. Дејствува само во недела, пред сонце. Луѓето се мачкаат и заздравуваат – тврди соседот Ѓорѓи. Без оглед на легендите, жителите од оваа велешка улица веруваат дека двата извора се лековити. Доколку ги прашате каде се наоѓаат срдечно ќе ви помогнат. Дали ќе се миете или ќе пиете од водата и дали ќе верувате во легендите за лековитоста на овие извори, е ваш избор.

Сите ја знаат „Ѓурѓовден“, но малкумина ја знаат тажната вистина за песната

Православните верници денес го прославаат Ѓурѓовден- празникот врзан со најголем број обичаи што постојат во народното верување.

Песната Ѓурѓовден била создадена во возот на смртта кој патувал од Сараево до Јасеновац.

Затворениците во вагони без храна и вода почнале да паѓаат во криза од страв и несигурност. Во општиот хаос еден од нив за кој се вели дека бил член на Сараевска „СЛОГА“ од гордост и инает, запеал… Ова е тврдење на новинарот Вукашин Беатовиќ.

Еве како оди приказната: Мај шести во 1942 година– студено утро во Сараево. Полицајците им наредиле на ИТЗ да ги подготват заробените Срби. Во четири часот наутро во градот колони на затворениците од Јајце касарната и другите затвори ги собрале на железничката пруга во Сараево.

Колоната била околу три илјади претежно млади луѓе. Меѓу нив и домаќини заедно со нивните синови, како и муслимани кои ги поддржувале Србите или се изјасниле како Срби. Чуварите извикувале „Како сте Срби? Ве носиме на бесплатна екскурзија во Јасеновац”.

Возот на свети Ѓорѓија од Сараево отиде во Јасеновац. По патот затворениците во вагоните без храна и вода почнале да паѓаат во криза на страв и несигурност.

Во општиот хаос еден од нив запеал „Пролече на моје раме слече – џурџевак зелени – свима осим мени“.

Поради песната чуварите ги затвориле вратите од вагоните, а затворениците останале без воздух во тесните вагони стиснати еден до друг. Од три илјади колку што тргнале од Сараево до Јасеновац стасале само две илјади, а стотина од нив успеале да ја преживеат тортурата. Благодарение на преживеаните денес се знае за овој настан.

Под импресија на оваа приказна, Горан Бреговиќ ја направил песната „Ѓурѓовден“. Песната оттогаш стана глобален хит која се пее на повеќе јазици. Но, многу малку денес знаат за позадината на оваа песна, за возот на смртта и судбината на овие луѓе.

Православните верници денеска слават втор ден Велигден и Ѓурѓовден

Денес, освен вториот ден од Велигден, се празнува и Ѓурѓовден, празник во чест на Свети великомаченик Георгиј Победоносец, празникот на обновувањето на природата и на животот воопшто.

Празникот на светиот великомаченик Георгиј познат како Ѓурѓовден се празнува на 6 мај според новиот или на 23 април според стариот календар.

Тој се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и целото население во Македонија што од друга страна значи дека во неговата основа е празнувањето на природата, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.

Денес е Велика Сабота - денот меѓу смртта и воскресението

Сабота, значи покој. Велика Сабота е ден на покојот, ден на Покојникот, ден на Најголемиот покој и на Најголемиот Покојник. Велика Сабота е денот меѓу смртта и воскресението, меѓу Петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста. Денот на Големиот Покој е времето кога Христовото тело е во гробот. Покојникот е внатре од вчера. Овој е втор ден на нашата жалост, тага и молк. Ден на длабоко молчание, созерцание и покој. Овој е денот на оплакувањето на Покојникот. Тогаш, Мајка Му – Пресветата Богородица и жените мироносици, по погребението, Го оплакувале Господа Исуса Христа. Денес се изразува болката, тагата и жалоста на Пресвета Богородица. За нас, па, ова е ден за сози на љубовта и благодарноста.

Велика Сабота е определена како Ден за чување на гробот. Денес сите сме крај Христовиот гроб. Се поклонуваме пред Плаштаницата, на која е претставено телото Господово при погребението, и положено во гробот. Тоа е украсениот гроб Христов, на сред црква, пред кој стоиме и молчешкум се молиме. Се протнуваме под неа на колена, со понизност. Го чекаме Воскресението. Ова е ден за прославување на неискажливата љубов од Богочовекот кон луѓето. Велика Сабота е ден на исчекување, ден на свештен трепет пред Христовото Воскресение. Смртта не може да Го задржи самиот Живот – Животодателот. Саботата е денот кога, во почетокот, Бог, откако го завршил создавањето на светот и човекот, видел дека е сè добро и се успокоил, се одморил, отпочинал и овој ден станал ден на покојот. Исто така и Христос го завршил Своето богоспасително дело до Петокот попладне и во Саботата, успокоен, во божествен покој лежел во гробот, заспан во смртен сон. Велиме заспан, затоа што и Он така рече за умрената девојка која ја воскресна од мртвите, а на луѓето што плачеа им рече: „Девојката не е умрена, туку спие“ (Матеј 9, 24; Марко 5,39; Лука 8,52). 

Велика Сабота е крајот на празничноста на саботата, оттогаш престанува саботата да биде основниот празник, бидејќи потоа ќе се празнува неделата – денот на Воскресението и спасението, денот на христијанството и на новата ера, денот по Христа. Денес одбележуваме три вашни настани: упокоението и престојот на Христа во гробот, чувањето на гробот со стража и Христовото слегување во адот (пеколот) и отворање на рајот. Богослужбата е поврзана со содржините од Библијата. Најпрво, пред плаштаницата, се читаат текстови од пророкот Језекиил: пророштвото за воскресението од мртвите (Језек. 37,1-14), а по нив, Апостолот ни кажува за тоа дека треба да го отфрлиме стариот квас, „оти Христос, Пасхата наша, се закла за нас“ – „Христос нè искупи од клетвата на Законот“ (1. Кор. 5,6-8; Гал. 3,13-14) и најпосле, Евангелието говори за запечатувањето на гробот и поставувањето стража (Матеј 27,62-66). На Литургијата, пак, се чита Евангелието за Христовото воскресение (Матеј 28,1-20) и богослужбено оттогаш започнува Воскресението.

Во Ерусалим, на Велика Сабота, во гробот Господов, катагодина се случува чудо: Бог го дава Светиот благодатен оган на Ерусалимскиот патријарх и преку него, на сите луѓе. Од гробот Христов, верниците го разнесуваат огнот до сите домови во Светата Земја, а поклониците (аџиите кои биле таму) го носат низ целиот свет. Цел свет се осветлува со светлината на Христовото воскресение и светлината на Христа – Сонцето на правдата и радоста. На трпезата строг пост. Велика Сабота е единствената сабота во годината, кога постот е строг и не се јаде зејтин. Но, за поткрепа на оние што се на целодневната молитва, допуштено е и вино.

Популарно