Сообраќај или бојно поле

Во сообраќајот, Македонија ги дели истите цивилизациски вредности со развиените земји. Имаме пристап до идентични возила, имаме и речиси идентична легислатива, репресивната политика ни е тука негде, инфраструктурата сериозно ни заостанува ама сепак се трудиме да држиме каков-таков чекор. Се е тоа во ред се додека не се погледне статистиката, се гине како на бојно поле, од црно поцрно, од лошо полошо. Зошто?

f1-2200x1200

Сообраќајните црни хроники станаа дел од нашето секојдневие. Се гине на сите страни, а жртви се сите категории на учесници: пешаци, велосипедисти, мотоциклисти, возачи и патници на моторни возила, се гине и со работна механизација и со земјоделски машини. Луѓе со тешки телесни повреди има дваесетина пати повеќе. Кај многу семејства учеството во сообраќајот претставува горко и болно искуство. Што да се преземе, за почеток само да се ублажат (колку морбидно) барем за некој процент трауматичните бројки? Дали можеме да го избегнеме претпоследното место во Европа (полошо е само во Албанија) како земја со најголем ризик по учесниците во сообраќајот?

Ако сакаме да преживееме, секако треба под хитно да дејствуваме. Но најпрвин треба да се направат сериозни анализи за состојбите, потоа да се изготви сеопфатна програма за зголемување на безбедноста и на крајот – а тука сме хендикепирано неспособни – да се направи акциски план со прецизни задачи за сите чинители во опшеството. Дефинитивно, акциите од типот: недела на пешаци, ден на мотоциклисти, ден на возачи, ден без возила,… освен како прилика за сликање на надлежните, воопшто не придонесуваат да се чувствуваме побезбедно и не им видовме ама баш никаков аир. Туѓите искуства секогаш се драгоцени, ама нели ние се си знаеме како треба, … само се нема пари!

2-300x168

Катастрофална состојба

Крајно неповолната состојба која актуелно ја живееме е сплет од наталожени, многубројни негативни околности. Светот и технологијата отидоа предалеку за да можеме да им парираме со нашите балканизми. За загрозување на безбедноста жестока борба водат бајатото однесување, лошата инфраструктура, отсуството на минимум возачка па и човечка култура, погрешната репресивна политика.

Само една илустрација. Млад и неискусен возач се докопал до некое (полу)исправно старо возило со 140-150 коњи и во убаво и еуфорично друштво одат до блиско излетничко место. Во (полу)пијана состојба вози назад со безобразно голема брзина, патот е оштетен и полн со ударни дупки, контрола нема,… и синџирот потребен за трагичен завршеток на излетот е затворен.

Утредента читаме по хрониките дека надлежните водат истрага за несреќата. Утеха за блиските нема, за властите се си е според законот и прописите … е па тогаш кој е виновен? Сите, или можеби никој? Поразително е што целиот систем одамна ни е веќе за пензионирање. Еве зошто: како прво и основно, на момчето не треба да му се дозволи возење на таков автомобил, техничката исправност на возилата никаде не е тема за пазарење, потоа треба да му се каже дека ако полиција го фати во пијана состојба нема тате-бате интервенции, патот по кој се вози треба да е во технички пристојна состојба, постојат мал милион технолошки уреди брзиот возач да биде предупреден (камери, радари, предупредувачи на брзина, видео сигнализација,…) и на крајот ако едно место се покаже како небезбедно да се преземат инфраструктурни интервенции.

5-300x195

Сето тоа чини пари но никој не тврди дека безбедноста на сообраќајот е евтина работа а понапредните општества од нашето одамна ја имаат апсолвирано темата околу превенцијата и настанатите штети. Можеби примерот е претежок но е земен од реалното секојдневие. Има безброј примери и на подрастични несреќи како и такви каде што само наклонетоста на фортуната спречила трагичен биланс.

Чаре?

Во сериозните општества се води Државна стратегија за строга контрола на безбедноста на сообраќајот. Едукацијата почнува од најрана возраст, родителите даваат личен пример, легислативата е јасна и прецизна, обучувањето на идните возачи ги прати сите технолошки достигнувања, возилата се држат под строга контрола на техничката исправност, потоа патната инфраструктура постојано се осовременува, кај контролата на сообраќајот доминантна е превентивната а не казнената компонента.

3

Сега е јасно дека од тоа цивилизациско ниво ние сме прилично далеку, а од друга страна достапни ни се технолошки најсофистицираните возила. Што освен тие возила има кај нас? Ништо, освен “загребување“ по некои од овие чинители. Затоа катастрофалната безбедносна состојба никого и не изненадува.

За зголемување на безбедноста не постои волшебно стапче. Потребна е темелна реформа во сите сегменти, па потоа можеме да се надеваме дека состојбите ќе се помрднат – од трагично накај прифатливо лошо?! За опипливи подобрувања ќе треба да помине време, многу време! Лошите навики се искоренуваат само со изградба на здрав и оддржлив современ систем. Импровизациите тука не возат. Патот на мачо однесувањето искомбинирано со балканска снаодливост и курназлак, води право кон состојбите од кои потоа тешко се излегува. Токму тој самоубиствен сообраќаен миг го живееме денес. И гинеме како во војна.

Агрон Сулејман autoinfo.mk

Коментари

Популарно