Стефанов: Перо Антиќ е размазено дете кое многу лаже!

Новиот тренер на МЗТ Скопје Аеродром и поранешен директор на кошаркарската репрезентација на Македонија Врбица Стефанов денешниот прес пред дуелот од АБА лигата со унгарски Шолнок го искористи и проговори за навредите упатени кон него од Перо Антиќ. По преземањето на тренерската позиција на македонскиот првак од страна на Стефанов, Антиќ упати преку социјалните мрежи срамни и ниски удари, кон соиграчот од репрезентацијата.

vrba-pero_thumb_medium500_281

- Перо Антиќ сака да биде централна вест во медиумите. Него најмногу го боли тоа што никогаш нема да биде најдобар играч во Македонија. Сите многу добро го знаат редоследот, тука е Петар Наумоски, па сите останати. Можеби игра во НБА, може да заигра и во вселенска НБА-лига, џабе ќе му биде. И претходно бев провоциран, но не враќав… Сега тој успеа да ме вознемири и мене и моето семејство, истакна Стефанов.

Тој сега само потврди дека конфликтите со Антиќ се причината за неговото повлекување од позицијата директор на репрезентацијата, која го постигна најголемиот успех на македонскиот спорт 4.место на Европското првенство во Литванија во 2011 година.

- Лагите на Антиќ и неговото размазено однесување во репрезентацијата ги увидов и ми беше јасно дека не ми е место таму и си заминав. Во федерацијата знаат дека Антиќ во повеќе наврати лажеше во име на играчите, вадејќи се дека се премногу изморени за да тренираат во Венецуела. Тој се обидуваше да манипулира, се уште го прави тоа, но решив повеќе да не молчам. Македонија треба да ја знае вистината за Перо Антиќ, порача Врбица.

На прес-конференцијата, Стефанов ја искоментира и случката пред ЕП 2009 година во Полска кога Антиќ беше вратен во репрезентацијата.

- Јас и Илија Мерџановски како мали деца го молевме тогашниот селекторот Јовица Арсиќ да го остави во националниот тим откако со бокс го удри Аврамовски за време на подготовките. За се што прави и што провоцира мора да знае дека се зезнал, затоа што со тоа само дополнително ме мотивира, рече Стефанов

Дебито на клупата на македонскиот шампион Стефанов ќе го има во сабота против Шолнок. – Кусото време не е никакво оправдување. Ќе се обидеме да дадеме максимум, а најважно е да имаме добра атмосфера, порача новиот тренер на Штрковите.

Натпреварот МЗТ Скопје Аеродром – Шолнок се игра утре со почеток во 21 часот во СЦ „Јане Сандански“.

Коментари

Популарно