Кој сака да ни го земе КК Работнички?

Светот оддамна го изгуби сјајот. Соновите останаа само на децата, надежта пополека се гаси. Тргнавме во погрешна насока. Не е ова само мој став, туку реална слика за човештвото. Иако постојат држави во кои системот на државата функционира речиси перфектно, истиот не гарантираат среќа без систем на морални и општествени вредности. Тие оддамна ги изгубивме. Останаа само оние ретки моменти на светлина, моменти на радост кои луѓето често ги сфаќаат како среќа. Кратки мигови на исполнетост и позитивна енергија, енергија која ќе ја трошиме до следниот убав настан, до следниот момент на внатрешна и надворешна хармонија.

DSC_55541

Колку и да се ретки ваквите моменти, сепак и тука и денес сеуште постојат. Некој од нас ќе ги пронајдат во хоби, други во работата, семејството, партнерот, спортот...но секогаш ќе бидат поврзани со љубов. Без љубов нема среќа, нема дури ни радост. Нема светлина.

И што кога некој ќе се дрзне по таа љубов? Што кога некој ќе посака да ја сруши љубовта која ни била извор на светлина и радост? Љубов и однос кој ние сме ги граделе со години, со децении, срушени за миг! Која е правилната казна? Знаете лесно е да се изгради фирма, зграда, бизнис, клуб, требаат само пари. Тешко е да се освојат емоции, да се изгради бренд. Тука парите помагаат, но не се ни блиску до доволни. За да испровоцирате љубов од симпатизери и вие треба да вложите многу љубов. Тој е рецептот, нема друг.

Тоа бил рецептот и на Славко Матовски. Иако, ретко кој денеска ќе се сети дека токму тоа е човекот кој во 1946 година го формирал КК Рабонички, господинот Матовски, намерно или не, ги поставил темелите на еден од најголемите македонски спортски брендови. Бренд кој ќе донесе многу светлина во ова наше сиво Скопје. Клуб кој ќе биде живот на генерации и генерации љубители на кошарката. Токму така, верувале или не постојат луѓе кои живеат со и за Работнички. Љубовта градена 68 години ги води низ животот. И наеднаш мрак!

Не може ваква љубов, толку лесно да згасне, но зошто некој воопшто посегна по неа? На кого тоа му пречи КК Работнички и среќни скопјани? Сега во прв план се става комесарот, кој пред само неколку дена реши да го врати клубот во најнизок ранг во Македонија, а од утре повторно ќе треба да решава за судбината на најтрофејниот македонски колектив. Кој му даде таква моќ и тоа два пати? Зарем не докажа човекот дека не ги знае или не сака да ги следи правилата и законите на кои функционира КФМ? Како сега да ја смени одлуката која ја донесе во еден здив? А ако ја смени, ќе одговара ли и како? Сепак, најважното прашање е дали е тој виновникот или комесарот е само пиун во игра на многу посилни играчи кои за свое игралиште го избраа кошаркарскиот терен и вечното градско дерби Ранотнички – МЗТ.

Зарем до таму дојдовме? Да тргнеме по љубовта на народот, по ретките извори на светлина во ова темно време, со цел да.... Која и да е целта, сигурен сум дека е потполно неоправдана и безмислена, погрешна и секако злобна. Која е праведната казна за овие пијавици и кој да ги казни? Оние кои веруваат во Бог, ќе кажат дека казната еден ден ќе ги сигне, а јас ќе се задоволам со следнава реченица:

Во овој свет не можете да дадете ваква изјава секој ден, затоа гордо и со големи букви за крај: ЉУБОВТА ПОБЕДИ! РАБОТНИЧКИ!!!!!!

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно