Сочувство…

Три работи се значајни, или ако сакате три пораки испрати референдумот во Општина Центар. Првата е директно и најизворно легитимирање на барокот. Скопје 2014 доби граѓански печат, онаков каков што ниту ВМРО-ДПМНЕ имаше можност да му даде. Референдумот кој требаше да го делегитимира најоспоруваниот проект на власта се покажа како негова валоризација во оправдана инвестиција. Особено важно е што промотори на тоа се Андреј Жерновски и комплетната опозиција. Што треба сега Жерновски да направи како што би направил секој демократски политичар? На првата седница на Советот на Општина Центар да стави на дневен ред точката за промена на изгледот на ГТЦ, па после ако сака и оставка нека поднесе на функцијата градоначалник на општината. Кога веќе го легитимираше на референдум, зошто и да не го озакони.

slika-marjan

Втората порака е поврзана со демократијата и начинот на кој ја разбираат и особено како ја практикуваат нејзините гласноговорници во Македонија. Настрана тоа што сами организираа и сами се преброија. Многу посуштествена е сликата од мозаикот демократски фери и слободен изборен процес што “демокративе” го составија. Во него појдовна точка е целта, а до нејзе се стасува по макијавелистички коцки кои градат слика на авторитарност, закани, уцени. Што беше тоа изборен мок? Примети некој викендов? Колку и каде почнува, а каде завршува слободното право, ако некого јавно го покажувате со прст дека не излегол и не гласал. Спомна некој нешто за “добронамерните” посети на “граѓанските активисти” од 15 до 19 часот по домовите на оние кои не излегле на гласање? Дали откако ќе отворите врата, реченицата, “Добар ден, да Ве потсетиме дека имате уште малку време да излезете на Референдумот. Грувески е готов, не дозволувајте да бидете негови поддржувачи”, е дел од “демократскиот” прирачник на Павелшатевска, или пак е дел од Евангелието на Месијата? За јавноста поважно од тоа да слушне како власта планирала изборни опструкции е да види како опозицијата демонстрира изборни притисоци. И виде.

Со тоа се поврзува и третата и најважна порака од референдумот за ГТЦ, кој требаше да биде референдум за Македонија. Ако прашањето беше тоа, еве го резултатот. Како и да ги броите гласовите, тие се комплетно делегитимирањена политиката на опозицијата. Колку и да броите опозицијата е дебел минус. Што би рекол боксерот, Жерновски го нокаутираше Зоран Заев. Особено нокаутирачки за опозицијата е што овој пораз, овој дебакл на таа деструктивна политика, доаѓа во општината во која по дифолт има нели најмногу слободумни, а најмалку “општетствено корумпирани”, како што во СДСМ ги дефинираат земјоделците. Општина Центар пред само две години беше никулец на слободата и предвесник на падот на Груевски. Во таква состојба и во перманентна тромесечна кампања за разобличување на власта преку секојдневно презентирање на телефонски разговори, во себеубедување дека Груевски е делегитимиран по сите основи, дека во фотелјата од неговиот кабинет седи само како резултат на инает, а не на поддршка од јавноста, тогаш резултатот од референдумот за ГТЦ, како референдум за Македонија, во најлоша варијанта за опозицијата требаше да биде со излезност од над 60% и од нив 95% кои позитивно би се изјасниле. Со ваков резултат, во кој по така “делегитимирана власт” Жерновски мака мачеше да се преброи со истите гласови од 2013 година, опозицијата сериозно треба да се преиспита дали “Евангелието по Веруш”, (во кое во стихот 24:8 е запишано, “Црпнатиот ќе обезбеди црпнение за сите, следете го слепо”) е ерес. А кога учењето е ерес, тогаш и Месијата е лажен.

Одамна напишав дека Зоран Заев има проблем со самоидентификацијата. Она што загрижува е што никој сериозно не сфаќа дека тој сериозно верува во тоа што го зборува. Во секој случај, Македонија преживеала многу, ќе го преживее и ова. Доколку Заев заврши неславно во политичката кариера, има големи шанси да постигне голем успех во исцелителската професија. Тука нема многу конкуренција. Само треба да биде подобар од Иван Исцелител…

“Сочувство…И тебе… ”. Така се поздравувале опозициските верници од референдумден до надеждојавление, опишано во житието за светите соросомаченици.

Марјан Николовски – Новинар за Денешен.мк

Коментари

Популарно