Крајот на светот почнува на скопските улици!

Едно од прашањата што веќе неколку годни ми се врти во глава и никако не можам да му најдам одговор е: Дали во светов има повеќе добро или лошо? Знам дека мора да постои некоја рамнотежа, инаку се би се распаднало на најситни парчиња, но кој води? Доброто или злото, кој е во предност?

01-atomska-bomba-500x330

Дилемава ја имам споделелно со повеќе пријатели, но никој нема одговор. Иако повеќето веруваат дека злото е во предност, сите без исклучок веруваат дека доброто сеуште постои и дека и тие се дел од помалкубројната гарда што го брани светов од пеколна апокалипса. Не знам за човек кој ќе се стави во „лошите“, секој за себе мисли дека е на страната на доброто, но истите признаваат дека со светото во моментов владее злото. Тогаш, кои се они злите? Ако злото владее, како тоа сите ние сме добри?

До пред извесно време мојот одговор на вакавата констатација беше дека за ова се виновни медиумите. Всушност и вчера на ФБ мои пријатели споделуваа пост за Ламар Одом, од кој медиумите направија сензација, наместо истиот по предозирање со дрога да биде тргнат од секој медиум, а да даде простор на некој што навистина заслужува.

12141628_10153183231408994_7332115167359307025_n

Но, екс кошаркарот не е исклучок, туку правило. Секогаш кога некој познат актер, пејач, спортист... ќе има потреба од внимание треба само да направи глупост. Мајли Сајрус направи кариера од тоа, слично како и Кардашијан, Париз Хилтон и многу други. Доказ дека лудилото доаѓа и кај нас се реалните шоуа на Балканов. Во моментиве најгледана телвизија во екс СФРЈ е Happy, токму затоа што пренесува емисии каде главни јунаци се старлети и типчиња без никаков морал. За да биде ситуацијата полоша од лани, организаторите се одлучија како херој на шоуто да го престават поранешниот ганстер Кристијан Голубовиќ! Тој лик е еден од најпопуларните јавни личности на Балканов!!! И се би било во ред доколку ваквите програми не ги гледаат деца, но тоа не е така. Сега на просторите во цела СФРЈ има дечиња кои сакаат да бидат како Кристијан, зошто мама и тато навиваат за него, а секоа дете секогаш ја бара подршката од своите родители. Едноставно, нели? Медумите сервираат криминалци и старлети за идоли, а родителите не ги заштитуваат децата, па ќеркичката уште на 13 години сонува за вградување силикони и разголени фотки, а синчето за свој „role model“ го има ганстерот! Замислете ако оваа генерација растена без старлети, т.е. славни проститутки и пропали улични мафијашиe е каква што е, каква ли ќе биде генерацијата што расте со „Фарма“, „Парови“, „Големиот брат“. И не треба многу имагинација за да ја предвидите иднината, нели?

Сепак, колку и да е реален одговот дека медиумите се виновни за нереалната слика, дека злото е во предност и дека ако си „кретен“ полесно ќе поминеш во животот, односно ќе бидеш богат и славен, оваа теза не е потполна. Ако медиумите даваат искривена слика за реалноста и ако сите ние, обичните граѓани сме добри, како за само неколку месеци неколку деца загинаа на скопските улици? Кој ги уби нив? И оној шофер на камион кој ја остави мајката со мртво дете во раце на улица цели 4 часа и тој ли е од добрите? Или „фраерот“ кој дрво пијан ја прегази Фросина на Партизанска е во добрите? Или жената што со телефон во рака прегази дете на пешачки? Фантомот што прегази жена кај Зебра. Алачки... И за нив ли се виновни медиумите? И нивната приказна ли ја извртеа? НЕ! Овој пат медиумите ја избраа правата страна и редовно предупредуваат, пишуваат, молат да се вози внимателно. Бараат од полицијата да искочи на терен. Граѓанските иницијативи , здружениа, фејсбук групи и поединци СЕКОЈ ДЕН молат да се престане, но... Не сакам да пишувам бројки и статистика, затоа што загубата на човечки живот никогаш не е бројка, но оние кои заминаа се само дел од сите кои биле во слична ситуација и за дел од секунда, за неколку сантиметри успеале да и побегнат на смртта и преплашени да се вратат дома. Секојдневно слушам потресни приказни за тоа како некој ќе го згазела кола на пешачки, а и мене неколку пати ми се случува да морам да скокам по пешачки за да избегнам будала во кола на мобилен!

И пак се враќам на истото прашање. Ако сите сме добри, кои се овие фантоми што возат 200 пијани и зборат на мобилен? Или сметаат дека возењето низ градов не влегува во целокупната оценка? Навистина не ми е јасно како за празник човек не може да прииде во Црква од верници, а на 100 метра подолу истиот тој што палел свеќа поминува на црвено! Као свеќата ќе го испере? Ќе побара прошка од Бог и се ќе биде ок? Молитвите ќе го спасат? Четири саати мајката го држела безживотното тело на својата ќеркичка и плачела, се молела, ја барала назад... Некогаш е доцна за молитви, а свеќите се палат на подолниот сталаг во Црква. Тогаш знаете дека злото победило!

Многу пророци предвидуваат АРМАГЕДОН, дури и во Библијата се пишува за судниот ден, но битката нема да се води само во 24 часа! Битката веќе трае и сите ние мора да одбереме страна. Не, не само на муабет, туку со дела. Па да видиме, на која страна не има повеќе и кој ќе ја добие вечната војна!

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно