Што значи да се има добра гума на автомобил?

Пневматиците или гумите претставуваат најважниот елемент во процесот на пренос на енергијата од возилото врз патната подлога и директен учесник во влечно динамичките и кочните својства на моторното возилото. Тие се поставени на наплатка и формираат склоп или тркало.

Историјата на пневматикот почнува од крајот на 19 век, и неговата употреба првично била во велосипедите a неколку години подоцна и во возилата. За пронаоѓач на пневматикот се смета ирецот John Boyd Dunlop. Првичните изведби на пневматиците биле најразлични од полна еластична гума, пневматик со доплнителен внатрешен пневматик (гума) наполнет со компримиран воздух до современите пневматици кај кои меѓу наплатката(бандажот) и пневматикот (гумата) нема друг механички елемент т.е се наоѓа само флуид најчесто компримиран воздух.

Во однос на конструктивната изведба најкотистени се два типа пневматици и тоа : дијагонални (слика 1) и радијални (слика 2). Името го добиваат по носечкиот слој (каркаса) кој е исплетен (поставен) дијагонално или радијално.

гг

ггг

Инаку три карактеристични делови го составуваат секој пневматик и тоа: газечки слој или протектор, меѓуслој или брекер и носечкиот слој или каркаса според кој пневматикот го добива типот радијален или дијагонален.

Денес најчесто употребувани се радијалните пневматици иако се покомплексни за изработка, и нивната цена е повисока. Но нивните влечно динамички и кочни карактеристики се далеку подобри од дијагоналните пневматици. Тие исто така покажуваат и подобри резултати во однас на управливоста на моторното возило.

По однос на изведбата на газечкиот слој протектор или трагата (шарата) на пневматикот разликуваме три типа и тоа: симетрични ( symmetric ), асиметрични( assymetric ) и еднонасочни ( directional ).

г

Симетричните пневматици се наједноставни, составени се од две исти половини и се најефтини. Нивни добри карактеристики се добра управливост и стабилност на права и сува патна подлога, додека полоши карактеристики покажуваат на влажна патна подлога. Генерално се конструираaт за градски возила кои не поминуваат големи растојаниа.

Асиметричните пневматици покажуваат добри карактеристики во секакви временски услови. Тие се составени од различен внатрешен и надворешен дел кој покажува различни перформанси во различни услови. Внатрешниот дел на асиметричниот пневматик има својство брзо да ја одведува водата притоа не дозволувајќи создавање на ефектот (aquaplaning), додека надворешниот дел има улога за правилно движење, добра управливост и стабилност во свијоци (кривини). Овие пневматици за разлика од симетричните се поскапи.

Еднонасочните пневматици обично имаат трага или шара во форма на буквата V. Нивната конструкција е таква да овозможува непречено и брзо истиснување на водата од патната подлога и неможност за создавање на ефектот (aquaplaning). Овие пневматици обично се користат кај спортски возила и во услови на прекриеност на патната опдлога со снежна покривка.

Во однос на временскиот период кога се експлоатираат пневматиците постојат генерално три типа пневматици и тоа: летни, зимски и за секоја сезона. Нивната разлика е во тоа што летните пневматици обезбедуваат подобри влечно динамички и кочни карактеристики при поголеми надворешни температури, додека пак зимските пневматици најдобрите перформанси ги постигнуваат во услови при намалени (минусни) температури.

Некое решение за добри перформанси и во летни и во зимски услови се пневматиците за сите сезони или (all season tyres), но нивните карактеристики неможат во целост да ги доловат карактеристиките на летните и зимските пневматици во екстремни услови. Соодветните ознаки или пиктограми кои ги содржат пневматиците со кои е определен типот се: троврвно планинче со снегулка за зимски пневматици и M+S ознака обично за пневматиците за сите сезони.

Минималната длабочина на шарата кај пневматиците користени во возилата во Р.Македонија е 1,6 мм за категориите М1 и N1, 1мм кај моторциклите и 2 мм кај другите категории на возила. Овие одредби не се применуваат за тракторите, мотокултиваторите и нивните приколки. Каналите на пневматиците може да се продлабочуваат ако пневматикот ја содржи ознаката “ REGROOVABLE” но овие пневматици не можат да се користат кај возилата за превоз на опасни материи и неможат да бидат поставени на управувачка оска. Пневматиците за категориите М1 и N1 неможат да се продлабочуваат.

Пневматиците имаат многу значајна улога кај моторните возила во услови на експлоатација да го одржуваат правецот на движење, да обезбедуваат доволна влечна сила во различни услови на експлоатација, да обезбедат добри перформасни во услови на запирање (кочење) . Тие исто така треба да обезбедат безбедно експлоатирање на возилото и во оптоварена состојба, да ги апсорбираат нерамнините од патната подлога да овозможуваат бесшумност во процесот на тркалање и.т.н.

Регулативите кои ги опфаќаат барањата ( дозволено ниво на шумност при тркалање,атхезиона сила во услови на влажна подлога и.т.н) за одобрување, соодветните називи и ознаки на пневматиците главно се опфатени во регулативите ECE R 30, ECE R 54 и ECE R 117.

БИДЕЈЌИ ПНЕВМАТИЦИТЕ СЕ ДЕЛ ОД МОТОРНИТЕ ВОЗИЛА КОИ СЕ ПОД ПОСТОЈАНО ОПТОВАРУВАЊЕ И ВО УСЛОВИ НА ЕКСПЛОАТАЦИЈА И ВО УСЛОВИ НА МИРУВАЊЕ НА ВОЗИЛОТО, ТРЕБА ДА СЕ ОБРНУВА ОСОБЕНО ВНИМАНИЕ НА НИВ И ТИЕ ДА БИДАТ СЕКОГАШ ВО ИСПРАВНА СОСТОЈБА, БИДЕЈЌИ НИВНАТА НЕИСПРАВНОСТ ИЛИ НЕПРАВИЛНО КОРИСТЕЊЕ МОЖЕ ДА ДОВЕДЕ ДО СООБРАЌАЈНИ НЕЗГОДИ , ПОВРЕДЕНИ И ЖРТВИ ВО СООБРАЌАЈОТ.

Автор: Игор Митревски, дипломиран машински инженер

Коментари

Популарно