Македонија се расплака на својот 25ти роденден

Со векови Македонците се бореле со окупатори и во туѓи војни за своја држава. Последната таква била втората светска војна, по која Македонија како рамноправна членка ќе влезе во федерацијата на Југословените. Сепак, независна и самостојна држва, по векови крв и страдања, конечно на 08.09.1991 година, или точно пред 25 години. Сонот се оствари и....

den-na-zalost

Читам денеска многу текстови на темава, најчесто политички. Кој колку украл, продал, погрешил, кој спасил, изградил, патриотски „застанал на браникот“. Искрено, јас браникот не сум го видел. Врска немам каде е, ниту како изгледа. Читам доста било од едните или другите, време било да... Едните исти фрази, исти „експерти“, исти слепи идеи. Ах да ве чуе од негде Гоце Делчев, па да ве додаде до Питу Гули... Векови ни требаше како народ, да вратиме само делче од она што ни припаѓа, а само 25 години да се поделиме меѓусебе и да ја избришеме големината на она што некогаш значело името Македонија и Македонец.

Често среќавам текстови за споредба од она време во СФРЈ и денешното. Како било тогаш, а како е денеска. Не сум сигурен дали ќе беше различно ако СФРЈ не се распаднеше и што ќе се случеше во тој случај, но знам дека распадот на таа држава допре многу подлабоко од едноставна промена на границите. Не зборувам тука за пари и економска моќ. Секој знае дека обичниот работник, онаа средна класа, живееше многу подобро во старата држава, но тоа не е пример во Словенија. Тие и денеска економски се силни, но дури и Словенците (добар дел од нив) се каат и носталгично се сеќаваат на СФРЈ. Да не ме разберете погрешно, и во Југославија имаше многу негативни страни. Не беше ништо совршено, но јас и немам намера да пишувам за државата на Тито, туку за она што ние го „постигнавме“ самостални и независни.

За 25 години независна Македонија, народите кои живеат на ова мало парче земја успеаја да:

1. Ја уништат економијата. Да, ги знам сите оние тези дека нашата тогашна економија можела да функционира само како дел од онаа на СФРЈ, но знам и дека истите се смешни.

2. Го распаднат општесвениот вредносен систем и да го уништат моралот кај речиси сите поединци. Пред 25 години се знаеше што значи општествен суд, морал, што значеше совест. Денеска општествена вредност се парите, кои не најчесто (95%) се заработеи на криминален, не морален начин, а за кои збогатениот не чувствува никаква совест. Совеста најчесто ја убива со: Ако не крадев јас, ќе украдеше некој друг. Општеството (поголемиот дел) тоа не само што не го осудува, туку го оправдува и го прогласува „богатиот криминалец“ за идол.

3. Го распаднат семејството како основна општествена клетка. Додека во „старата држава“ добро се знаеја семејните вредности, денеска семејствата и браковите ги има колку да ги има. Стапката на разводи е зголемена како долгот на Грција, мама и тато служат како банкомати. Родителите со изговор дека се многу зафатени своите деца ги гледаат само за викенд и тоа ако баш мораат, а маливе шетаат со мобилни телефони по 500 евра. Мајките одбиваат да дојат (процентот е застрашувачки) за да не им виснат градите, а татковците најчесто се во кладилница.

4. Го уништат образованието и спортот. Системот оставен од СФРЈ во образованието беше далеку од добар. Се учеа податоци кои беа толку не потребни што на никој не му беше гајле ако ги научиш (освен на професорот при испрашување). Истите бројки на пример за тоа колку овци има Швајцарија, беа стари најмалку 25 години, а со тоа и многу „релевантни“. Да, учевме глупости, многу непотебни глупости, но учевме. Образовниот систем не учеше да учиме. Денеска, имаме дипломирани дефектчиња кои не знаат таблица множење и едвај читаат. Морале да научат да читаат, ради Фејсбук и Твитер. Научиле дури и латиница. Штета што Фејсбук не поставува задачи со множење како проверка дали сте човек, ќе научеа и тоа. Во образованието се вработи дел од тој нов кадар и го до уништи. Сега на наставничките не им се работи, на професорите име преку глава се, а учениците... нив ги интересира само оценката, затоа што од неа зависи новиот АјФон.

Во спортот се сведовме на чуда. Од време на време ќе се појави некој тим, поединец или репрезентативен состав што ќе не изненади позитивно. Но, тоа трае многу кратко, затоа што системот е направен за да ги убие овие позитивни аномалии. Веднаш се менува селектор, се величат ликови во федерациите и се малтретираат спортистите.

5. Ја убијат културата и уметноста, дури и онаа комерцијалната.

6. Да се закрвават брат со брат. Дури и кога некој ќе успее да направи пари на чесен начин и притоа да помага на другите. Да успее да изгради семејство и да ги воспита и образува своите деца онака како што треба, околината едвај чека да пропадне. И не само чека, туку навива. Љубомората е најчесто чувство во Македонија. Никој повеќе не се срами што е љубоморен. Сите го прават тоа. Сега да се биде љубоморен е ин. Уште повеќе посакувано е да ти бидат љубоморни. Погледнете само колку статуси имаат вашите пријатели на Фејсбук за „оние кои им љубоморат“. Тие статуси се посветени на нивните Фејсбук пријатели за кои „поетиве“ имаат впечаток дека им љубоморат. Зошто им се тогаш пријатели? Па, за да им љубоморат! Затоа се сите оние фотки од одмор, плажа, скијање, кола, јадење, кафе, пијачка..... за да им љубоморите, а после да ви пишат статус дека не има гајле дали им љубоморите! Јасно е сега? Проѕирно нели? Па да де, такво ни е општеството.

Познавам еден куп Македонци за кои Киро Лазаров е просечен играч, Пандев дрво, Панчев постигнал се на среќа, Тоше бил сељак, Манасков кретен, Леб и Сол не знаеле да пејат, Кирил и Методиј не описмениле никого, Александар Македонски бил Грк, Марко Цепенков неписмен итн итн итн. Нивни идоли денеска се криминалци што возат Мерцедеси и вртат згодни гуски на кои даркфејс им е природна положба на лицето. Тие новокомпонирани фраери немаат образование, ниту семејство (барем не функционално), морал го користат во реченица само кога сакаат да кажат дека морале да направат нешто(морално било), од култура знаат за Цеца, а од уметност за фотки на фејсбук. Тоа се нашите нови општествени лидери. Тие ни ја водат државата.

Добар дел од вас ќе се пронајдат во текстот (така вели статистиката), а малкумина ќе ја разберат мојата болка и гнев од моменталната ситуација и уште повеќе од иднината. Демократија е систем во кој владее мнозинството, а во денешна независна и самостојна Македонија мнозинството реши дека ова е патот. Македонецот реши да ги сруши сите вредности за да создаде хаос во кој безредието ќе го користат сомнителни ликови на кои местото им е на „Голи оток“ зошто „така е полесно“ и затоа што „сите така прават“. Оние кои не можеа да издржат се отселија, а остатокот се научи да одбива одговорност и секогаш некој друг да му е крив, па дури и кога неговиот 23 годишен син не знае колку се 3 Х 8.

Среќен 25ти роденден Македонијо

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно