Најмалку 500 милиони адреси на Yahoo се хакирани

Image

Американската интернет компанија „Yahoo!“ објави во четвртокот вечерта дека 500 милиони адреси на нејзините корисници кон крајот на 2014 година биле хакирани веројатно од организација којашто е поврзана со некоја држава.

Хакерите украле лични податоци, како што се датуми на раѓање, имиња, електронски адреси, броеви на телефони и лозини, се наведува во соопштението на „Yahoo!“. Банкарските податоци не биле зафатени, тврдат од компанијата, и наведуваат дека тесно соработуваат со американските власти надлежни за кибернетичкиот криминал.

„Со истрагата не е пронајден ниеден елемент кој покажува дека таа организација е во моментов присутна во информатичкиот систем на Yahoo!“, се додава. Меѓутоа, не се наведува името на организацијата, ниту на земјата која е осомничена за хакерскиот напад.

Компанијата вели и дека ги контактирала загрозените корисници. Им препорачуваат на корисниците кои не ги менувале лозинките од 2014 година да го сторат тоа што поскоро. Корисниците се повикани и да ги анализираат своите сметки и да утврдат евентуални сомнителни активности.

Од „Yahoo!“, исто така, им препорачуваат на корисниците да не отвораат, ниту да ги вчитуваат прилозите кои доаѓаат од сомнителни електронски адреси и повикуваат на претпазливост пред кое и да е барање на лични податоци.

Компанијата потсетува и дека во последно време зачестени се нападите во информатичките системи на технолошките групи кои ги изведуваат организацијата со поддршка од државата.

Коментари

Популарно