Бејби бум во Штип, во 2017 досега родени дури 126 бебиња

Бејби бум се случува во Штип каде минатиот месец се покажал како особено бериќетен за брачните двојки. 101 бебе во најладниот месец од годината се родени на одделението за Гинекологија и акушерство во штипската Клиничка болница. Медицинскиот персонал не го крие задоволство од напливот на нови жители на Штип, објави Канал 5.

– На одделот за новороденчиња во Клиничката болница во Штип минатиот месец, повеќе од пријатно бевме изненадени, освен родителите секако. Породивме 101 родилка, и на свет дојдоа исто толку бебиња. Верувајте вакво нешто за прв  пат се случува, бидејќи досега просекот одвај достигнуваше 4 родени бебиња, а сега се 101, информира примариус доктор Марина Гацова – специјалист педијатар.

Позитивниот тренд продолжил и во првите десет дена од овој месец. До вчера родени се 26 бебиња, што статистички гледано далеку е над просекот на родени бебиња во овој период од годината.

– Засега вкупно родени се 126 бебиња. Оваа бројка е повод за радост не само кај новопечените родители, но и меѓу нас , медицинскиот персонал, дополни д-р Гацова.

Ако на овој дел од македонскиот Исток,  линија на наталитетот бележи  раст,  Малешевијата, особено Пехчево и Берово се градовите каде ваквите поводи за радост повеќе години ги нема.

Коментари

Популарно