Г. Петар: Средбата во Тирана е директно мешање во внатрешните работи на Македонија

Она што се случи во Тирана е директно мешање во внатрешните работи на едно општество, на една држава, на Република Македонија, рече во гостувањето во „Око“ со Горан Петрески митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски, г. Петар.

„Ако така ја правиме оваа наша држава, односно секој според своите чувства што ги има и ако некој си бара матична држава надвор од Македонија и бара совети надвор од Македонија, тогаш оваа држава нема перспектива“, вели г. Петар.

Владиката Петар додаде и дека мора да се стави крај на преговорите и договорите со луѓе политичари кои вршат влијание надвор од нашата држава за мешање во внатрешните работи на нашата држава.

„Тоа е сериозен проблем, а оној што не мисли дека треба да ја штити унитарноста на оваа држава, тој не е ни вистински граѓанин на оваа држава, туку нејзин уривач“, вели владиката Петар.

Црквата е еден поголем дел од општеството и она што се случува во општеството, тоа се случува и во црквата, рече владиката Петар и додаде:

-Верниците кои и припаѓаат во црквата а и ние како политички суштества, свештените лица, владиците, свештениците, монасите итн., сите ние припаѓаме на ова општество и ние не сме исклучени од општеството. И ако има проблеми во општеството, тоа значи дека истите тие проблеми се присутни и во самата црква како дел од општеството“, додаде г. Петар.

„Мислам дека требаше многу поодамна ние како црква да излеземе со свое соопштение, со ставови, со мислења, во врска со состојбите што се во нашето општество“, рече владиката Петар.

Владиката Петар потенцира дека кога станува збор за МПЦ, таа не е ограничена само на една нација, само за Македонците, туку таа е за сите православни без оглед на која нација и припаѓаат и без оглед на социјалната положба.

„Ние како црква сме должни, имајќи го предвид минатото, да бидеме коректор на многу нешта, но секако дека и за некои наши недоследности треба да прифатиме кога ќе бидеме на некој начин критикувани или кога ќе ни биде укажано дека нешто не е во ред во нашите редови“, рече г. Петар.

Коментари

Популарно