СДСМ и ВМРО немаат решение - што сега?

Пред година и половина и потпишувањето на договорот во Пржино, пишував за победниците и хероите и газењето на уставот. Како тогаш се фотографираа со Хан, во натпревар кој поголема насмевка ќе има на фотката. Пишував дека пржинскиот договор е можеби полош од Рамковниот и дека нема да ни донесе ништо добро. Ни рекоа дека само така може да се реши политичката криза, со избори како финале и крај на лудилото, но...

Пржино ни донесе неуставно СЈО, чистење на непостоечки фантоми од избрачкиот список, фашистички закон за медиуми (контролиран од опозицијата), парализирана држава со неуставни миниситри од опозиција и технички премиер. Ни донесе предвермени избори и ни донесе пракса да се крши Уставот секогаш кога на некого тоа ќе му се види како „добра идеја“. Можеби на обичниот граѓанин зборот Устав му е стран, па затоа еве дефиниција:

Национален устав ги дефинира основните политички принципи на нацијата и ги воспоставува моќта и одговорноста на секоја влада. Исто така гарантира одредени права на народот.

Значи со кршење на уставот се кршат основните политички принципи на нацијата, но и одоговрноста на владата. И најстрашното, се кршат правата на народот! Со еден збор, БЕЗАКОНИЕ!!! Кога владее безаконие, никој не одговра, а правила на игра нема. Без правила, играта нема победник, т.е. сите се победници, а публиката секогаш поразена.

Се започна уште пред Пржино. Прв правилата на игра ги скрши Заев и СДСМ со непризнавање на изборните резултати од изборите во 2014 година, со тврдење за 500.000 фантоми. Подоцна ќе се утврди дека фантоми немало, но никој нема да одговара. Следен чекор беа „бомбите“. Нелегално стекнати прислушкувани материјали, чие поседување е кривично дело. Емитувањето на истите е уште поголемо кршење на правилата, но Заев помина не казнет. Место тоа на улица излегоа пленумите и Шарената револуција и удрија по полицијата, речиси во ист момент кога во кумановска Дива Населба, влетаа терористи. Владата на ВМРО реши дека народот на скопските улици се платеници на Сорос, чија цел е да ја бутне легално избраната власт. Но, не ги казни, а под притисок на Европа и САД, се потшиша Пржино, односно се скрши уставот. За избори почекавме повеќе од една година во која се случи и аболицаја од страна на Иванов, за истата неколку дена подоцна да биде повлечена. Кога конечно се случија, следеше славјето на двете македонски партии. Заев излезе на улица и славеше победа со два мандата разлика пред ДПМНЕ, но официјалните резултати покажаа дека славел победа на ВМРО. Вечерта во еуфорија изјави, а од тогаш секој ден го повторува, дека покажале пред светот како се соборува „режим“ со пенкало и глас. Ги заборави повредените полицајци и фарбаните згради. Ги заборави прислушкуваните материјали и блокираното Скопје со месеци. Со пенкало и глас? Кога конечно сфати дека не победил, следуваше постизборен циркуз во ДИК. Кочанот и ливчето засекогаш ќе ми останат во меморија. Сепак, обидот за промена на победникот донесе и нешто позитивно. Конечно, задоцнето и под притисок од губење на власта, ДПМНЕ реши да се сврти кон оние кои им го дадоа мандатот – ГРАЃАНИТЕ. Никола Груевски при ризик засекогаш да ја заврши својата политичка кариера, од пред канцелариите на ДИК изјави дека нема да дозволат повеќе мешање од надворешниот фактор при носење на државни одлуки. Со ова призна дека Пржино е голема грешка. И кога конечно се понадевав дека барем едната опција сфати дека нејзиниот легитимитет доаѓа само од оние кои ги избрале, а нивните обврски произлегуваат од Уставот, се случи Албанската платформа и ново кршење на уставот. Најпрво, по старата пракса Претедателот Иванов, не уставно му го додели мандатот на победникот, во случајов  ВМРО, без гаранција дека имаат мнозинство во парламентот. ДПМНЕ не успеа, па Иванов реши да го следи Уставот и побара потписи како доказ за мнозинство во собранието, како услов за доделување на мандатот, но и гаранција за зачувување на унитарноста на Македонија. Таквата гаранација повторно е неуставна, а со тоа и одбивањето да се додели мандатот на Заев, кој донесе 67 потписи. Иванов рече дека негова работа како претседател е да ја штити Македонија и нејзиниот интегритет. Точно, но само во граници определени со уставот, а во овој случај тоа не е така. Дали мене или на вас ви се допаѓа неговата одлука, е една работа, но дали има право на истата е сосема друга. Фановите на Реал Мадрид ќе се радуваат на гол постигнат од офсајд против Барса, но тоа не значи дека истиот е легитимен. И конечно во сегашноста. Македонија имаше избори, но нема нова Влада. Шарените веќе не се на улица, но таму се сега други луѓе. Овој пат СДСМ вели дека се пратени од противникот, а ВМРО дека се граѓани кои ја штитат државата. Фантоми во избирачкиот список немаше, ниту има. Речиси се е исто како пред две години, само праксата да се гази Уставот е нова.

Заев веќе најави дека сега нему му е ред на неуставна одлука. Ќе се гласа Влада без мандат од претседателот! И онака тој имал споредна улога, вели градоначалникот на Струмица. Тоа што во уставот пишува дека само претседателот може да даде мандат е небитно за СДСМ. Всушност приказната оди и подалеку. Заев пред неколку дена јавно на ТВ изјави дека ако народот (оној на ВМРО) не им дозволи да влезат во собрание, тие Влада ќе си изгласаат на друго место. Веројатно кога нема да можат да влезат во Владата, ќе си ја водат од друго место! Па ќе си имаме паралелна држава. Една влада на ВМРО ДПМНЕ, и друга на СДСМ. БЕЗАКОНИЕ!!!!

Пред 24 часа, лидерот на СДСМ на својот Фејсбук профил објави видео од негово интервју во Хрватска, на кое се уби од лажење. Вели дека платформата е напишана во Скопје, што БЕСА апсолутно го негира. Вели дека платформата била позната пред избори и дека граѓаните биле информирано за што гласаат, што исто така е бесрамна лага. На крај вели тој нема проблем да потпише дека врз Албанците е вршен геноцит во времето пред и по втората светска војна на територија на Македонија, иако врска нема кој го вршел. Дали биле Германци, Срби, Бугари.... него му е сеедно, битно е да потпише. Се за власт, па макар и паралелна. Знам дека СДСМ освои 436.000 гласови на изборите пред некој месец. Знам дека добар дел од тие гласови народот ги даде токму за Заев, но моето мислење за градоначалникот на Струмица е дека на човекот му треба помош. Едно е да лажеш во Хрватска, сосема друго да се фалиш со истото на Фејсбук! Хрватите на знаат, па може и ќе помине, но нема човек во Македонија кој не знае кога се појави платформата на Албанските партии! Психички и морално разумен човек, не би го објавил ова видео!

За крај, најлошата вест. Излез од сиуацијава нема, иако двете партии нудат нешто такво. ДПМНЕ вели дека само нови избори ќе не вратат на правиот пат, но забораваат дека СДСМ нема да ги признае резултатите. Тоа веќе го најави Оливер Спасовски при гостувањето во Телма пред неколку дена, иако Заев вели дека на СДСМ му одгвараат избори, пошо нели секако ќе победат (јас не се сеќавам кога тоа се случило последен пат). Од друга страна за СДСМ единствено решение за состојбава е нова влада со Заев како мандатар. Тоа што повеќето Македонци негодуваат, што дури и дел од оние кои гласаа за нив се против платформата на албанските партии, што СДСМ нема мандат да преговара за знаме, химна, грб.... тоа воопшто и не е важно. Да им беше важно, ќе објаснеа што се договориле со ДУИ и што точно прифатиле за потписите на албанските партии. Немаше да лажат дека преговорите за платформата воопшто не почнале, а од друга страна Заев во Хрватска да зборува дека геноцидот, за кој се зборува токму во платформата, за него не е проблем!

Ние македонците сме стар народ. Сме поминале низ се и сешто. Сме владееле со голем дел од светот, но и не газеле разни војски. Персија, Рим, Византија, Турција, Германија, Бугарија, Грција, Србија.... ја лееле македонската крв по ова парче земја. Но, никогаш во историјата, НИКОГАШ, Македонецот не крварел од Македонец. Искрено стравувам дека сме многу блиску до тоа. Овој пат нема да ни бидат криви, соседите или ЕУ и САД, туку самите ние кои си го газевме она што ни ветуваше мир. УСТАВОТ! Сега кога Уставот не не штити и кога правилата на игра веќе не постојат, кога нема судија, секој одговара за сопствените постапки само пред себе. На секој од нас му е препуштено да одлучи по кој пат ќе тргне. Дали ќе следи партија или она што му вели совеста. Дали ќе го гледа сопствениот ќар или пак доброто за државата за која гинеле генерации. Оставете ги боите, не е важно дали припаѓате на „шарената“ или на „црната“ револуција. партиското знаме не е решение, туку напротив - проблемот. Крајно време е да се сплотиме и заедно да најдеме излез. Балашевиќ пееше „Путуј Европо“, но по војната, а тогаш беше доцна...

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно