Косово ќе формира своја армија

Претседателот на Косово, Хашим Тачи вчера изјави дека набрзо пред Парламентот ќе се најдат измените и амандманите на Законот за безбедносните сили на Косово, со цел да се трансформираат во Војска на Косово.

– Сакам да разјаснам дека во следните денови, во согласност со моите уставни овластувања, ќе биде преземена акција неопходна за легална трансформација на долго очекуваната Војска на Косово, која ќе стане реалност, благодарение на дополнување на Законот за безбедносните сили на Косово, изјави Тачи на церемонијата за одбележување на „Епопеја за ОВК“ во касарната „Адем Јашар“и во Приштина.

Тој додаде дека „Косово мора да ја унапреди улогата и должноста на Војската на Косово“ за да се заштити „суверенитетот и територијалниот интегритет, но и да се сочува мир и националните интереси“.

– Соседните земји, кои имаат своја војска, мора да разберат дека трансформацијата на косовските безбедносни сили во војска е чекор што е целосно нормален за суверени и независни држави. Мисијата на КФОР ќе продолжи да функционира како и до сега и ова трансформацијата нема да влијае врз нивната мисија, посочи Тачи.

На церемонијата присуствуваше и премиерот Иса Мустафа, кој го прогласи петти март за ден кога „доброто го победува злото, а вистината фикцијата“.

– Горди сме на нашите безбедносни сили во кои гледаме војска, сила која гарантира мир и стабилност не само во регионот туку и пошироко, идна членка на Северноатлантската алијанса, посочи Мустафа.

Коментари

Популарно