Еве кој и како ги нападнал новинарот и камерманот на А1он во Скопје

Скопјанецот М.K. (37) е осомничен дека ги нападнал новинарот и снимателот на интернет-порталот „А1 он“ на протестот на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, на 27 минатиот месец, информира МВР. Според полицијата, против напаѓачот и претходно биле поднесувани кривични пријави за имотни деликти и за нарушување на јавниот ред и мир.

Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу вчера во седиштето на Здружението на новинарите на Македонија изјави дека не е исклучена можноста кривичната пријава да се дополни со докази и за други инволвирани лица во нападот.

Новинарот и снимателот беа нападнати од две лица што со боксови и клоци ги нападнале од зад грб додека снимале видеоматеријал од протестот. Од силината на ударот снимателот се онесвестил, а новинарот добил сериозни повреди.

Од МВР потврдуваат дека М.K. заедно со уште едно лице ги нападнале двајцата новинари.

- Kривичното дело се случило околу 18.45 часот на улицата Македонија, поточно пред порта „Македонија“, по завршување на протестниот марш. Во моментот кога снимателот и новинарот одлучиле да снимаат како повеќе лица од порта „Македонија“ фрлаат летоци во форма на банкноти и со текст на македонски и на албански јазик, им пришол М.K. со уште едно непознато машко лице и од нив побарале да се легитимираат. Оштетените одбиле, кажувајќи им дека немаат потреба да им се легитимираат ним бидејќи тие не се службени лица - стои во соопштението на МВР.

Бидејќи М.K. бил незадоволен од реакцијата на новинарите, физички го нападнал А.Т. удирајќи го со тупаници и клоци по главата и телото, а снимателот В.Ж. бидејќи бил наведнат и ги снимал летоците, добил удар во задниот дел од главата, по што добил уште еден силен удар со нога по вратот поради што паднал во бессознание.

- Единицата за насилен криминал обезбедила информација дека можен напаѓач е М.K и по извршениот преглед на видеоматеријалот од безбедносните камери на ГТЦ и извршената споредба со претходно објавена слика на интернет со фотографија од евиденциите на МВР на РМ, било потврдено дека станува збор за М.K., кој е познат сторител на имотни деликти и нарушител на јавниот ред и мир - стои во соопштението на МВР.

Коментари

Популарно