„Албанската платформа“ ќе ни се гледа како одлична работа за некоја година

Кога минатата недела напишав текст до наслов: „СДСМ и ВМРО немаат решение – доаѓа војна?“, ми се потврди една трагична констатација. Голем дел од нашите сограѓани мразат да читаат, а камо ли да размислуваат. Се фокусираат на наслови, без да ја отворат статијата. Тоа бара многу труд и способност да се концетрираш на читање на текст барем 10-15 минути. Научени се да слушаат некого или некој медиум и тоа да го прераскажуваат како вистина и свое мислење. ТРАГЕДИЈА!

Јас ги разбирам оние кои политика не ги интересира. Секоја си има свои интереси во животот. И мене на пример не ме интересира уметничко лизгање. Ама ич не ми е гајле кој е најдобар на сличуги и што се може да изведе на мразот. Искрено, ни политика не љубам многу и посреќен сум кога можам да пишувам на други теми, но ситуцијава во последниве 2 години не остава многу простор за тоа. Лудилото кое не зафати од бомбите наваму, ме натера да бидам во тек со секое случување кај нас, па и надвор. Тоа не ме прави експерт или аналичар, туку човек кого го интересира вистината. Јас немам политички афинитети, ниту политички идоли, или илузии дека можам сам нешто да променам кај нашиве политичари, но вистината секогаш е мој приоритет. Ако ништо друго, не сакам да ме лажат во животов, посебно не политичари или медиуми.

Политиката по правило се обидува да ја изобличи вистината и да ја релавитизира. Всушност некои дефиниции за вистината ќе кажат дека истата е усогласено мислење (во идеална форма консензус) на мнозинството. Значи, ако сите се сложиме дека небото е зелено, од утре е зелено! И земјата „била рамна“ со векови, но сега е елипсовидна, иако има нови теории на заговор дека всушност е рамна... Како и да е, земјата може да е само рамна или само елипсовидна, не може да е двете! Што значи дека има само една вистина, без разлика на нашиот консензус, кој може да биде спротивен на реалноста. Токму оваа дефиниција на консензус, на усогласено мислење, за вистината е она што медиумите го користат при моделериње на реалноста. Сето ова е олеснето доколку народот пред кој се презентира не сака да размислува. Научен е да му верува на одбраниот медиум во кој на некој начин стекнал доверба и сега секоја информација од таму ја прима како факт, односно вистина. Некогаш за ова допринесува гневот кон одредена ситуација во државата, светот или пак личност/и, партија итн. Па така, ако јас имам негативно мислење за СДСМ или Заев, секоја информација со негативна конотација за наведените ќе ја прифатам како точна, а медиумите кои тоа го објавуваат, како реални и објективни. Секако, во процесот мојот мозок нема да потроши ниту еден џул енергија, бидејќи истиот ќе биде исклучен. Доколку од некој друг медиум добијам спротивна информација, истиот ќе го обојам како про Заев и про СДСМ, а новинарот за платеник. Познато ви изгледа? Освен тоа, информациите од мојот омилен медиум ќе ги прераскажувам како факти и вистина, а овие од другата страна ќе ги исмевам. За дебата секако нема да бидам спремен, затоа што за истата треба мозок и размислување, ама ако сум доволно гласен никој и нема да сака да дебатира со мене.

Пред неколку недели потрошив 10тина коментари со еден читател на мој текст, обидувајќи се да му докажам дека Албанија ја нема признато Македонија под уставно име и секако не успеав. Секој мој аргумент, линк од било кој сајт и до било кој податок, тој го негираше со тоа што ме дескредитираше како платеник на ВМРО ДПМНЕ. Човекот не се ни обиде да ги отвори очите и реши да остане слеп на сите аргументи и факти. Не го интересира реалноста, туку усогласената вистина во неговиот круг. Нешто слично ми се случи и на денот пред изборите, кога на една група луѓе кои отворено кажаа дека ќе гласат за СДСМ, се обидов да им објаснам дека глас за Заев е глас за двојазичност. Не затоа што јас го мразам градоначалникот на Струмица, туку поради тоа што тој тоа отворено го кажа неколку пати. На тоа добив прекор да престанам да ги следам Сител и Курир, иако на луѓево им дадов линк до неколку видеа на ЈуТјуб на кои Заев го кажува токму тоа! Џабе! Имаат видео, имаат очи, уште да сакаат да ги отворат.

Пред нешто повеќе од еден месец читав текст за истражување во областа на медицина, при кое истражувачите дошле до заклучок дека при промена на некој наш став, мозок треба да потроши многу енергија, па затоа често личноста ќе одбие да го направи тоа. Со други зборови, полесно е да продолжиме да веруваме во она што сме верувале, дури и кога потсвесно знаеме дека е лага. Полесно е да ја браниме лагата и да си одбереме круг на луѓе кои веруваат во истата, место да го вклучиме мозокт. Со два збора МРЗЛИВИ СМЕ! Значи кај нас е проблемот. Не е во медиумите, политичките партии, гласноговорниците. Ние одбираме да веруваме во она што сакаме и на оној кој сакаме. Не се криви СДСМ и ВМРО, Заев и Груевски, туку сите оние кои слепо ги следат, без намера да вклучат мозок. Колку повеќе такви има, толку полесно ќе им биде на сегашните и идните политичари да си прават што сакаат.

Ако не ви пречи да бидете во оваа група на луѓе, тоа е ваш избор и јас не ви судам. Доколку ви пречи и сакате да ја знаете вистината, првото нешто што треба да го запомните е дека не е битно кој тоа зборува, туку што збоува. Без разлика колку ви е драга или антипаична личноста на ТВ или во било кој медиум, јавен настап, важни се податоците и аргументите што ги нуди. Ако навивате за СДСМ, не значи дека не треба да ги пратите оние медиуми кои партијата ги бои како провладини, напротив, мора да ги следите и да ги проверите нивните аргументи. Ако медиумот кој е омразен во вашиот круг ви презентира видео на кое Заев од Швајцарија порачува дека ќе исзчезе од рамките на Рамковниот договор и на телевизија во Македонија на прашање на водителот вели дека ќе го смени уставот за да се воведе Албанскиот јазик како втор службен, зарем е битно кој ги чита вестите? Истово важи и ако сте симпатизер на ДПМНЕ, а во однос на „соросовите“ медиуми. Не е важно кој ја финансира Телма, ако на дневник презентираат видео на кое Груевски вели дека ВМРО нема да учествува на прегласувањето во Теарце, а една недела подоцна учествува. Зарем е важно од кого зема плата новинарот во дневникот?

Денеска е 21 век и секоја инфомација е достапна до вас, доколку се потрудите да ја најдете. Ако ги имате сите потребни информации ќе ја знаете и вистината. Тоа е единствениот пат! Нема друг. Доколку го чекате некој друг да ви ја презентира вистината, без да потрошите нималку време на размислување ..... Албанската платформа ќе ви се гледа како одлична работа за некоја година.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно