Вака ќе изгледа новата Влада - еве која партија кој ресор го сака

Работните групи на политичките партии, барем официјално, не се сретнале во текот на денот за да ги дискутираат начините за соработка во новата власт. Сепак, објави Алсат-М, комуницирањето меѓу нив продолжува, а владината програма на СДСМ е основата врз која се дискутира и врз која се разгледувани одредени детали, кои биле точка на интерес на партиите на Албанците.

За утре се очекува средба на лидерите Зоран Заев и Али Ахмети каде ќе се отвори и дискусија за поделба на министерствата. Извори на Алсат-М информираат дека СДСМ внатре во партијатата веќе одлучиле за ресорите и имињата кои ќе раководат со нив. Неофицијално се зборува дека со МВР ќе раководи Оливер Спасовски, со Министерството за одбрана, Радмила Шеќеринска, со МНР, Никола Димитров, а со Министерството за финансии, Драган Тевдовски

РЕСОРИТЕ И КАДРИ НА СДСМ:

ОЛИВЕР СПАСОВСКИ, МВР

РАДМИЛА ШЕЌЕРИНСКА, ОДБРАНА

НИКОЛА ДИМИТРОВ, МНР

ФРОСИНА РЕМЕНСКИ, ТРУД И СОЦИЈАЛА

ЉУПЧО НИКОЛОВСКИ, МИНИСТЕР ЗА ЗЕМЈОДЕЛСТВО

ДРАГАН ТЕВДОВСКИ, МИНИСТЕР ЗА ФИНАНСИИ

Алсат-М исто така дознава дека ДУИ ќе има ист број на ресори како и во владата на ВМРО ДПМНЕ. Сепак, во партијата на Ахмети се уште нема конечна одлука за можните имиња за соодветните министерства. Како што дознаваме, имињата кои кружат се Артан Груби, Теута Арифи и Изет Меџити. Се дознава дека на ДР – ДПА му е гарантирана позицијата на вицепремиер, едно министерство и заменик – министер.

РЕСОРИ И ФУНКЦИИТЕ НА ДР – ДПА

ВИЦЕПРЕМИЕР

МИНИСТЕР

ЗАМЕНИК – МИНИСТЕР

Како што се дознава, овој пат Албанците се откажеле од Министерството за образование и го побарале здравство. Изворите објаснуваат дека „Движењето Беса“ се уште нема донесено одлука дали ќе биде дел од новата влада или не.

Нерешителноста на Беса, како што дознава неофицијално Алсат-М, е поради досега познатите причини и поради големиот број на функции кои ги бараат, а целта е да не се изгуби гласачкото тело пред локалните избори и поради истрагите кон одредени субјекти кои се осомничени дека се финансирани од Турција.

Инаку, откако партиите ќе постигнат договор, мандатарот во Собрание ја доставува програмата на владата и предлогот за состав на владиниот кабинет. Законодавецот има рок од три дена за да го стави на дневен ред гласањето на новата влада, која добива зелено светло со обично мнозинство.

ПРОЦЕДУРИ ЗА ИЗБИРАЊЕ НА ВЛАДА

МАНДАТАРОТ ЈА ПРЕДЛАГА ПРОГРАМАТА И СОСТАВОТ НА ВЛАДИНИОТ КАБИНЕТ

СОБРАНИЕТО ИМА РОК ОД ТРИ ДЕНА ДА ЈА ИЗГЛАСА ВЛАДАТА

ПОТРЕБНО Е ОБИЧНО МНОЗИНСТВО ОД 61 ГЛАСА

Додека новото парламентарно мнозинство работи на завршување на преговорите и формирање на новата влада, високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, на 24 мај на неформална вечерва во Брисел ги поканила премиерите на шестте балкански земји, Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија. Дали Македонија во Брисел ќе биде претставена од Емил Димитриев или од Зоран Заев, зависи од динамиката на преговорите и од гласањето на Владата.

Коментари

Популарно