Цисти на јајчници

Најголем дел од жените ќе се сретнат со некој вид цистична промена на јајчникот во одреден период од својот живот, без да почувствуваат одредени симптоми. Најчести се функционалните цисти, кои се создаваат како последица на нарушување на нормалните циклични промени во јајчниците и во овулацијата. Настануваат доколку нормалните фоликули не успеат да прснат во текот на овулацијата, при што течноста останува и фоликулот продолжува да расте, со што настанува перзистентна фоликуларна циста. Според д-р Бобан Сарџовски, гинеколог акушер во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, тие вообичаено исчезнуваат без никаков третман за неколку недели до неколку месеци.

Најчесто цистите не даваат никакви симптоми и се откриваат при рутински ултразвучен преглед, но кај оние што имаат симптоми, во зависност од нив, може да се одреди за каков тип промена станува збор.

Други видови цисти

Ендометриотични или чоколадни цисти – ендометриозата на јајчниците значи постоење на ендометриум во са­миот јајчник (дел од матката кој циклично се менува во тек на еден менструален циклус) и во тек на мензис крвави во самиот јајчник. Со тек на време добива темноцрвена (кафеава) боја и затоа овие цисти се нарекуваат и чоколадни. Жените што имаат ендометриоза може да имаат проблем со забременување, хронични болки во долниот дел од стомакот поврзани со менструалниот циклус, како и болки при сексуален однос.

Дермоидни цисти - претставуваат едни од најчестите тумори што се ја­вуваат кај помлади пациентки и содржат ткива од други делови на телото, на пример коска, коса, ’рскавица во цистичната структура на јајчникот.

Неопластични цисти на јајчниците - израснуваат од несоодветен, прекумерен и неконтролиран раст на клетките на јајчникот. Малигните неоплазми може да се формираат од сите типови клетки на јајчникот, но најчести се од површниот епител. Понекогаш може промената на јајчникот да е последица и на метастаза од тумор кој потекнува од друг орган.

Полицистичен синдром на јајчни­кот - ова е едно од најчестите хормонал­ни нарушувања кај жената. Дијагнозата се поставува при ултразвучна детекција на јајчник, обично е поголем од нормалниот, со многу мали фоликули, повеќе од 12 на јајчник. Кај овие жени освен присуството на цистите, присутни се и хормонални нарушувања, нередовни менструални крвавења, знаци на зголемена продукција на андрогени хормони (појава на акни, масна кожа, зголемена влакнавост), отсуство на овулации, неплодност, дијабетес.

Симптоми и дијагноза

Циклична болка поврзана со менструацијата обично нѐ насочува на ендометриоза. Остра и силна болка, која се јавува одеднаш, укажува на прскање на цистата или на нејзино извртување. Ако постојат поголеми цистични формации, може да се појават и симптоми од околните органи на кои притиска цистата и да се појават проблеми со мокрењето доколку цистата притиска на мочниот меур, но и проблеми со празнењето на цревата доколку цистата притиска на дебелото црево. Во понатамошните иследувања се вклучуваат: туморски маркери, компјутерска томографија, магнетна резонанција и тест за бременост, доколку постои сомневање за бременост надвор од матката.

Третман

Конзервативен - бидејќи функционалните цисти се најчести, не претставуваат закана за здравјето на пациентката и вообичаено самите исчезнуваат, па третман на овие цисти ретко кога е потребен. Потребно е нивно ултразвучно следење и евентуално хормонска терапија за да се регулира менструалниот циклус и да се превенира формирањето перзистентни фоликуларни цисти.

Оперативен - во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ постои најсовремена лапароскопски минимално инванзивна опрема со која без класичен рез на стомакот, односно преку неколку отвори од 5 до 10 мм на стомакот на пациентката се влегува во стомачната празнина со камера и директно се ви­зуализираат органите. Во текот на овој преглед се прави процена на цистата, на јајчниците и на другите органи, по што со микрохируршки инструменти цистата се отстранува, а отстранетото ткиво потоа се анализира и се одредуваат видот на цистата, степенот на болеста и потребата од евентуален понатамошен третман. Доколку станува збор за големи малигни промени, се пристапува кон класичен оперативен пристап.

Коментари

Популарно