Цисти на јајчници

Најголем дел од жените ќе се сретнат со некој вид цистична промена на јајчникот во одреден период од својот живот, без да почувствуваат одредени симптоми. Најчести се функционалните цисти, кои се создаваат како последица на нарушување на нормалните циклични промени во јајчниците и во овулацијата. Настануваат доколку нормалните фоликули не успеат да прснат во текот на овулацијата, при што течноста останува и фоликулот продолжува да расте, со што настанува перзистентна фоликуларна циста. Според д-р Бобан Сарџовски, гинеколог акушер во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, тие вообичаено исчезнуваат без никаков третман за неколку недели до неколку месеци.

Најчесто цистите не даваат никакви симптоми и се откриваат при рутински ултразвучен преглед, но кај оние што имаат симптоми, во зависност од нив, може да се одреди за каков тип промена станува збор.

Други видови цисти

Ендометриотични или чоколадни цисти – ендометриозата на јајчниците значи постоење на ендометриум во са­миот јајчник (дел од матката кој циклично се менува во тек на еден менструален циклус) и во тек на мензис крвави во самиот јајчник. Со тек на време добива темноцрвена (кафеава) боја и затоа овие цисти се нарекуваат и чоколадни. Жените што имаат ендометриоза може да имаат проблем со забременување, хронични болки во долниот дел од стомакот поврзани со менструалниот циклус, како и болки при сексуален однос.

Дермоидни цисти - претставуваат едни од најчестите тумори што се ја­вуваат кај помлади пациентки и содржат ткива од други делови на телото, на пример коска, коса, ’рскавица во цистичната структура на јајчникот.

Неопластични цисти на јајчниците - израснуваат од несоодветен, прекумерен и неконтролиран раст на клетките на јајчникот. Малигните неоплазми може да се формираат од сите типови клетки на јајчникот, но најчести се од површниот епител. Понекогаш може промената на јајчникот да е последица и на метастаза од тумор кој потекнува од друг орган.

Полицистичен синдром на јајчни­кот - ова е едно од најчестите хормонал­ни нарушувања кај жената. Дијагнозата се поставува при ултразвучна детекција на јајчник, обично е поголем од нормалниот, со многу мали фоликули, повеќе од 12 на јајчник. Кај овие жени освен присуството на цистите, присутни се и хормонални нарушувања, нередовни менструални крвавења, знаци на зголемена продукција на андрогени хормони (појава на акни, масна кожа, зголемена влакнавост), отсуство на овулации, неплодност, дијабетес.

Симптоми и дијагноза

Циклична болка поврзана со менструацијата обично нѐ насочува на ендометриоза. Остра и силна болка, која се јавува одеднаш, укажува на прскање на цистата или на нејзино извртување. Ако постојат поголеми цистични формации, може да се појават и симптоми од околните органи на кои притиска цистата и да се појават проблеми со мокрењето доколку цистата притиска на мочниот меур, но и проблеми со празнењето на цревата доколку цистата притиска на дебелото црево. Во понатамошните иследувања се вклучуваат: туморски маркери, компјутерска томографија, магнетна резонанција и тест за бременост, доколку постои сомневање за бременост надвор од матката.

Третман

Конзервативен - бидејќи функционалните цисти се најчести, не претставуваат закана за здравјето на пациентката и вообичаено самите исчезнуваат, па третман на овие цисти ретко кога е потребен. Потребно е нивно ултразвучно следење и евентуално хормонска терапија за да се регулира менструалниот циклус и да се превенира формирањето перзистентни фоликуларни цисти.

Оперативен - во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ постои најсовремена лапароскопски минимално инванзивна опрема со која без класичен рез на стомакот, односно преку неколку отвори од 5 до 10 мм на стомакот на пациентката се влегува во стомачната празнина со камера и директно се ви­зуализираат органите. Во текот на овој преглед се прави процена на цистата, на јајчниците и на другите органи, по што со микрохируршки инструменти цистата се отстранува, а отстранетото ткиво потоа се анализира и се одредуваат видот на цистата, степенот на болеста и потребата од евентуален понатамошен третман. Доколку станува збор за големи малигни промени, се пристапува кон класичен оперативен пристап.

Над 400 приватни специјализанти стапија во штрајк

Над 400 приватни специјализанти изутринава стапија во генерален штрајк и не ги извршуваат работните обврски на скопските клиники и останатите болници и амбуланти низ државава. Тие бараат зголемување на надоместот што им се исплаќа  во изнес од 26 илјади денари, на ниво на просечна плата на доктор во јавна здравствена установа, здравствено осигурување, како и решавање на статусот што сега им е со договор на дело. Штрајкот ќе го прекинат, како што најавија, само доколку добијат писмена гаранција за исполнување на барањата. 

- За жал, се решивме на овој чекор бидејќи Министерството за здравство нема слух за решавање на нашите проблеми,  изјави доктор Христина Илиоска Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина, трета година. 

Таа потсети дека по протестот во март, имале средба со министерот за здравство на која им било ветено дека нивните барања ќе се најдат на седница на Влада., но  дека засега немаат никаков одговор. 

Како што соопшти Илиоска Чешлароска, добиле повик од претставник во Министерството за здравство и им било кажано дека денеска во 14 часот  ќе се одржи средба во Влада.

-Петмина наши претставници ќе бидат на таа средба, но, немаме информација кој се ќе присуствува и дали ќе бидат прифатени нашите барања. Штрајкот продолжува, се додека не добиеме писмена официјална гаранција дека барањата ќе бидат исполнети, нагласи Илиоска Чешлароска.

Тамара Пејоска, специјализант на пластична и реконструктивна хирургија, прва година, рече дека работно максимално се посветуваат, а се ставени во разочарувачка деградирачка позиција. На протестот беше нагласено и дискриминирањето при остварување на мајчинство и породилно отсуство, бидејќи тогаш се укинува надоместот. Сите овие луѓе, беше кажано на протестот, имаат желба да останат во државата, да работат и да се грижат за пациентите.

ИЈЗ: Нови 44 случаи на голема кашлица од 5 до 11 април, вкупно 443 заболени

Нови 44 случаи на голема кашлица се пријавени од 5 до 11 април, со намалување од 10,0 отсто споредено со претходниот седмодневен период. Најголем дел од случаите се пријавени во Скопје. Пријавени се случаи и во Битола - четири и по еден случај во Куманово, Кратово и во Крива Паланка. Возраста на заболените се движи од еден месец до 75 години, а најголем број случаи се од возрасната група од 10 до 14 години. Од новите 44 случаи, два се хоспитализирани, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објавен попладнево.

- Заклучно со 11 април, во Северна Македонија се регистрирани вкупно 443 случаи на голема кашлица, со инциденца од 24,1/100 000 жители. По однос на место на живеење, најголем број лица живеат во Скопје - 355 или 80,1 отсто со зафаќање на шеснаесет различни општини. Од територијата на ЦЈЗ Куманово се пријавени 25 лица, од ЦЈЗ Битола 19, 17 лица од ЦЈЗ Тетово, од ПЕ Гостивар - пет и од ЦЈЗ Кочани и ПЕ Кратово по три случаи. По два случаја се регистрирани во Крива Паланка, Дебар, Струга, Пробиштип, Велес и во Струмица, а по еден случај е регистриран од Кичево, Прилеп, Кавадарци и од Гевгелија, пишува во извештајот.

Од вкупниот број регистрирани случаи - 433, 263 или 59,4 проценти не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација. Од случаите кои се комплетно вакцинирани, просек на поминато време од последната доза вакцина до заболување, изнесува 12,9 години.

Од заболените, хоспитализирани се 60 лица и тоа 49 од нив на возраст до четири години.

Дадени се вкупно 39.031 доза вакцина што содржи компонента против голема кашлица во периодот од 18 јануари до 11 април. 

Овие намирници го зајакнуваат имунитетот и ги ублажуваат симптомите

Иако пролетта носи многу прекрасни работи и позитивна енергија, луѓето кои страдаат од алергии се на мета на алергиите и така започнува нивната агонија. Алергиите се резултат на преосетливост на имунолошкиот систем, што предизвикува ослободување на штетни хистамини. Тие можат да влијаат врз целото тело, особено на кожата, очите, носните прооди и белите дробови.

Симптомите на алергија се јавуваат кога вашето тело реагира на алергените во телото со производство на хемикалијата наречена хистамин која помага да се потисне алергенот. Имуниот систем предизвикува алергиска реакција преку производството на антитела на имуноглобулин Е (IgE) кои предизвикуваат широко распространети симптоми.

Пример симптоми

- течење на носот, сугреб, чешање, затнат нос

- исип на кожата, црвенило, сувост, лупење или чешање

- печење или чешање во устата и усните

- отекување на јазикот, усните, грлото или лицето

- гадење и повраќање

- грчеви во стомакот

- кашлица

Овие се најдобрите прехранбени продукти кои треба да ги вклучите во својата исхрана за да се справите со алергиите:

1. Белиот лук

Природен антибиотик кој помага во борбата против инфекции, вируси, дури и алергии. Дневното консумирање или цедење на сок од две сурови чешки од овој моќен антиоксидант може да го засили имунитетот.

2.Лимон и лимета

Одлични за засилување на имунитетот и се користат за разни заболувања, вклучувајќи ги и алергиите, бидејќи се полни со витамин C и антиоксиданти кои го засилуваат имунитетот. Водата со лимон го прочистува телото од нечистотии. Помешајте сок од лимон со маслиново масло како дресинг за салата.

3. Зелените лисни зеленчуци

Спанаќ, кељ, зелка и рукола се одличен извор на важни витамини, минерали, антиоксиданти и ензими кои помагаат во детоксикацијата и намалувањето на воспалението.

4. Храна богата со пробиотици

Пробиотичката храна (кефир, кисело млеко, кимчи, јогурт, сирење, мисо и комбуха) го подигнуваат имунитетот и може да помогнат во регенерацијата на оштетената цревна мукоза.

5. Кокосово млеко

Најдобрата алтернатива на кравјото млеко, бидејќи не содржи млечни производи, лактоза, соја, ореви и житарки.

6. Путер од бадеми и семки

За луѓе алергични на кикиритки и путер од кикиритки, путерот од бадеми е безбедна и здрава алтернатива која обезбедува здрави незаситени масни киселини, влакна, минерали како и рибофлавин и магнезиум, па дури и некои антиоксиданти.

7. Ленено семе, чија, семе од тиква и сончогледово семе

Одлични извори на здрави масти и влакна.

8. Коприва

Листот на коприва природно ги контролира хистамините, затоа се препорачува од страна на се повеќе лекари да се земе лиофилизиран препарат пред почетокот на сезоната на поленова грозница. Може да се користи и како чај или во форма на тинктура, вклучувајќи и хомеопатски лекови.

Популарно