Еве господине Заев столче за вас. - А не, јас на Пенс у скут ќе му седам

Втори Август 2017 година, Македонија ги одбележува најголемите два празника во својата историја. 114 години од почетокот на Илинденското востание и 73 години од Првото заседание на АСНОМ. Еден датум, а два поводи за славје. Сепак, никој не слави. Мачен е овој празничен ден во Македонија.

Во Крушево никогаш попразно, на Пелинце бетер. Скопје пусто, а во Чаир ниту едно истакнато македонско знаме. Заев во Црна Гора го суша заменикот претседател на САД, Пенс, како го плаши Балканот со лошата Русија, а пропагандата по медиумите и социјалните мрежи го величи премиерот. „Рамо до рамо до Пенс“ е еден од насловите! Па зар у скут да му седне на конференција? „Еве господине Заев столче за вас. А не, јас на Пенс у скут ќе му седам“!!! (Тоа би било добар наслов.... хммм.)

Поминаа 114 години од Илинден и 73 од АСНОМ, а Македонија не била во полоша состојба. Политичката криза која три години ја тресеше државата, дури сега почнува со наплаќање. Цехот допрва ќе го платиме сите. Ок, некои ќе лапнат процент во прв момент, но на крајот и тие ќе платат. Оние кои себе се гледаат како победници со составувањето на новата влада, пополека тргнаа кон целта и личните интереси. Тука не зборувам за Заев и министрите. Ниту за политичарите од било која партија воопшто. Со нив сум одамна на чисто. Едно истражување вели дека 90% од политичарите во светот се психопати, но јас сум сигурен дека тој процент кај нас е над просекот. Токму затоа моето гласачко ливче најмалку 10 години останува неискористено. Она што ме разочарува е народот, или барем дел од народот. Оние најгласните. Победниците.

Шират тези, небулози, лаги... го прават тоа дрско и горди се на себе. Читам денеска дека треба да учиме од Борко Борисов и Талат Џафери кои се поклониле пред гробот на Гоце Делчев и на „Мечкин камен“. Ни одржале лекција со тоа што се поклониле пред нашите херои. Во две реченици се шири опасна лага и се навредува целиот наш идентитет и ниво на свест. Прво, Борисов не се поклонил пред нашиот херој Гоце Делчев, туку пред бугарскиот Гоце Делчев! Според бугарската историја Гоце е Бугарин! Значи, не само што не покажал поштовање кон нас како држава и народ, туку бесрамно ја краде историјата, а вие го фалите! Второ, Талат Џафери нема право да се обрати на „Мечкин камен“ затоа што е нелегитимно избран. Криминално. Ако се тргне ова на страна, спикерот не се поклони пред нашите (Македонците) херои на мечкин камен. Туку пред хероите од Илинден меѓу кој имало и Албанци! Во обид да се покажете како големи луѓе, европејци, либерали, космополити, испаѓате ѓубре, автократи и дискриминатори. Вие им го одземате учеството и заслугите на Албанците во Илинденското востание!

Заев бил премиер со визија и наместо кон историјата гледал кон иднината, при потпишувањето на договорот со Бугарија. Време било да гледаме напред. Борисов вели „ако гледате назад додека одите, ќе паднете“. Ок. Тогаш зошто во договорот се обработува историјата и ќе се формира комисија за утврдување на историски факти кои треба да се вметнат во образовен процес? Ако не гледаме назад кон историјата, од каде потребата да ја менуваме? Или ние (Македонците) не треба да гледаме назад и треба да си ја предадеме историјата (попат и малцинството) за да одиме напред? Тоа ли е визијата?

Гледам добар дел од „Бирото за запослување во Влада“, познато како Твитер заедница, уште се замара со Груевски. Дечки толку ви е капацитетот или за тоа ве платија? Груевски многу одамна не е премиер. Си имаме нов. Визионер е. Пополнети се местатаза советници, ако не ве примиле досега слободно плукајте по нив. Или видете со Бетмен да ви среди некоја комисија у ВМРО ДПМНЕ.

По карактер сум оптимист, но ситуацијава е премногу темна за надежта да опстои. Можеби, само можеби, во зачеток е формирање на трета, неисполитизирана (барем засега), колективна свест. Пензионирани професори, поранешна новинарка и уште неколку паметни луѓе со интегритет и морални вредности, по социјалните мрежи имаат огромен број на следбеници. Можеби конечно во Македонија се раѓа „интелегенцијата“. Рано е да се зборува, но обично се така тивко почнува.

За крај, тотално на друга страна од Европа, но поврзано со Илинден, односно Комитите. ФК Вардар на прагот на историја и плејоф за ЛШ што носи сигурен пласман во групната фаза во ЛЕ. Со 1-0 од Скопје црвоно црните се единствената шанса овој 2ри Август да го паметам по добро. Ајде момци! За вас, за нас, за црвено црна, за Комити, за ИЛИНДЕН!

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно