Чија е Македонија: На Македонците или на ...?

Нешто повеќе од пет и пол месеци Македонија е под водство на СДСМ и Зоран Заев. Премиерот и партијата што ветија „живот за сите“ засега го подобруваат само сопствениот и на оние блиски до нив. Од таму не се намалија патните трошоци за пратениците, па ете деновиве некој кој боеше згради со кондоми со боја, летал до Аргентина со бизнис класа, мерцедесот сеуште си го користат, во влада вработија 120 „шарени“ задолжени за реклами и лаги на владеачката гарнитура, итн... Од друга страна, вредно работат на реализирање на Албанската платформа (да, да, знам дека не постои) и „подобрување“ на македонската надворешна политика, распродавајќи се она што не е нивно. Но, за нешто да биде позитивно или негативно, треба да постои критериум на оценување или истото да биде предмет на јавна оцена. Во политиката таков критериум не постои, а кај нас јавноста како и секогаш е поделена.

Од кога почнав малку од малку да разбирам политика се чудам, како е можно нешто што за некои е свето, на пример името  Македнија, за другите да е потполно неважно. Сум имал многу дебати во животов на тема историја и идентитет со секаков тип на луѓе и ме чудел контрастот на ставови. Но, минатата недела го гледав профсорот Нано Ружин на Тв и се ми стана јасно. Поранешниот амбасадор на Македонија во Шведска и НАТО, освен што тресеше глупости во дебата на телевизија, успеа, секако не намерно, да ми го даде одговорот на мојата дамнешна дилема, за што сум му бескрајно благодарен. Кога веќе не научив ништо од него кога ми беше професор на факултет, еве ми се оддолжи.

Ружин, во емисијата објаснувајќи зошто и како Македонија безусловно мора во НАТО и ЕУ, недвосмислено се огради од историјата на Македонија и се она што значи наш идентитет. „Оставете историја, гледајте кон иднината“. Оваа изјава не е прв пат да ја слушам до сега, но за прв пат сфатив што се крие зад неа. Идентитетот на Македонците, кој секако се влече и од историјата, за него е небитен, затоа што тој човек не го чувствува! Во тоа е целата поента! Нано Ружин и сличните на него (Борјан Јовановски, Грчев, Заев, Димитров...) не знаат што е тоа идентитет. Барем не идентет на нација, на народ. За нив, се започнува и завршува со нив! Затоа Грчев ќе ви каже дека Македонија настанува во СФРЈ, а Борјан Јовановски дека Бугарија не била фашистички окупатор, додека Заев во име на добрососедство ќе менува учебници... И додека на оние кои имаат македонски идентитет сето ова им е чудно, дури и незамисливо, на Ружин и другарчињата сето ова им е потполно рационално. Од таму и оние изјави на блиски „аналитичари“ на СДСМ дека нацијата е веќе небитна и дека сите сме „граѓани на планетата Земја“, па и изјавата на Заев за бугарска телевизија дека „Самоил не бил Бугарин или Македонец, туку син на Бога“.

Лошата вест за вас кои не се сложувате со политиката на СДСМ е дека овие ликови имаат подршка кај дел од народот. Иако, дел од оние 400.000 гласови кои ги доби СДСМ на последните избори се всушност гласови против ВМРО ДПМНЕ, остатокот се гласови од граѓани кои се сложуваат со мотото „Во НАТО и ЕУ по секоја цена“. Всушност и за нив, како и за носителите на оваа политика, цената е многу прифатлива, затоа што кога не чувствуваш идентитет, немаш никаков проблем да го размениш за „подобро утре“. Кога Кирил и Методиј, Делчев, Сандански, Самоил, па ако сакате и Александар Макеоднски, за вас се потполно неважни, зошто би имале проблем да ги размените за влез кај силните и моќни? Ако светот започнува и завршува со вас, а идентитет влечете од моменталните „вредности“ во светот, што ви е гајле дали Бугарија била фашистичка или не? Што ако како окупатори на оваа територија испоубиле илјадници Македонци? Тоа вас не ве допира. И не само што не ви е гајле, туку и ви пречи кога на некој му е, бидејќи ве спречува во исполнувањето на своите цели. Ако не се смени името, Македонија не може да влезе во друштво на убавите. Затоа овој дел од граѓаните веднаш би го срушиле споменикот на Александар Македонски, би ги подариле Кирил и Методиј, Самоил, Илинденското востание, па и јазикот на Бугарија... Би дале се што не го чувствуваат за свое, на оној кој ќе го побара, само да стигнат онаму каде тие веруваат дека ќе им биде убаво. За нив се ирелевантни сите жртви, вековното ропство, крвта со која е платено денешново парче земја кое се нарекува Македонија, затоа што не крвавеле тие. Од крв ја споменуваат само онаа на челото на Заев на 27ми Април.  Кога постар човек ја искуба Шекеринска за коса, се дигна лавина од осуди и лелек, па министерката шеташе со протеза на вратот со недели, но кога ќе ги споменете неброените Македонци во минатото кои ги дале своите животи за Македонија одговорот е: не се враќајте наназад. Да не се разбереме погрешно, кубењето за коса на Шекеринска беше/е брутален чин кој мора да се казни, но истиот е неспоредлив со судбната да речеме на Карпош и неговите востанијци! Сепак, Шекеринска не ја боли судбината на Карпош, ниту пак на било кој Македонец во историјата. Таа ја чувствува само сопствената болка. Се започнува и завршува со неа!

Има вакви примери уште многу и можам да напишам уште 5-6 страни, но сигурен сум дека и на вас ќе ви текнат. Не е поентата во тоа да читате еден саат, туку да разбереме дека во Македонија постојат вакви луѓе и НЕ, не се малку. Идејата на мојов текст не е да им судам, туку да објаснам зошто сме онаму каде сме. Судот ништо добро нема да ни донесе, затоа што тоа се Македонци (иако не се горди на тоа) колку што сум и јас. Сум читал текстови во кои се навредувани и нарекувани безрбетници, безкичмењаци, квислинзи и како уште не, но ништо добро од тоа. Тие си ја тераат својата агенда, за која веруваат дека е единствената и исто колку што вие не ги разбирате нив, толку и тие не ве разбираат вас. За нив е неразбирливо чувството на припадност, идентитет, МАКЕДОНШТИНА. Неразбирливо е како идентитетот не ви дава да „одите напред“. Како некој си таму Комити, Илинденци, Карпошовци, Словенски просветители, Антички Македонци, Словени... ви се поважни од вашата иднина? Тоа што без нив ние би немале со што да тргуваме сега е неважно, важно е сега да влеземе во НАТО, кај убавиот западен свет (кој секако не си ја продава својата историја). Токму затоа, секоја расправија или убедување со овие луѓе е сулуда и никогаш нема да донесе компромис. Не можете да му објасните на слеп човек од раѓање како изгледа жолтата боја. Не можете на глув да му нацртате како звучи „Слушам кај шумат шумите“. И не, не можете на овие наши сограѓани да им објасните дека без историја, без името, без јазикот, без идентитет не постоиме, затоа што тие постојат без него од кога се родени. Се што можете да направите е да бидете погласни од нив. Сега на социјалните мрежи и по медиуми, на следните избори, на референдум, на улица! Тие своето го направија, дојдоа до власт на улица со рушење на ВМРО ДПМНЕ, но и на цел систем на вредности, сега е вашиот ред. Ако тие без национален идентите беа толку упорни и истрајни, што ве спречува вас? Ако сакате да го споменувате Делчев, Петров, Рацин, Гули, Сандански, Кирил и Методиј, Самоил, па и Александар, време е да се однесувате барем малку како нив и да застанете во одбрана на своето, бидејќи никој друг нема да го направи тоа за вас.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно