ЧАДОРОТ стана симбол на отпорот против промената на името, идентитетот и уставот

Конечно дојде и тој ден. Македонскиот народ искочи на улица без политичка партија, во одбрана на своето! На снег, на студ, ЧАДОРОТ стана симбол на отпорот против промената на името, идентитетот и уставот.

Не сакам да шпекулирам со бројки, никогаш тоа не бил мој фазон, но вчера во Скопје најмалку 10.000 Македонци го изненадија светот, ги изненадија нашите политичари, па дури и медиумите. Никој не очекуваше ваков одзив. Дури ни организаторите не очекуваа толку народ на такво невреме. Но, на бурата со бура се одговара, а токму тоа вчера се случи. Мирно, достоинствено, без партиски пароли ... црвено жолто, со љубов и верба, Македонците порачаа дека нема предавање без борба, а борбата до прва следува. Следната рунда е веќе во недела, на 4ти Март (13:00 часот), во 14 светски метрополи и повторно во Скопје. Овој пат на плоштадот Македонија под „Воинот на коњ“. Воинот кој пред 3 века ја покори Грција, сега може да биде метафора за нова победа на Македонците. Од нас ќе зависи. Од оние 10.000 Македонци од вчера, но и од другите кои вчера не можеа да помогнат. Битката е започната, исходот ќе го решиме самите. Секој за себе, секој од себе. Без лидери, без политика и партии. Заедно, обединети под едно знаме. МАКЕДОНСКОТО.

И додека Грција и Европа изненадено пренесуваат за новата ситуација на терен, додека збунето го гледаат нашиот измачен народ како излезе од апатија во одбрана на своето, македонските политичари останаа сами. Од другата страна на преговарачката маса, без никаков допир со оние кои ги гласаат и чии интереси мора да ги застапуваат. Не е тоа ништо ново. 27 години на политичката сцена во Македонија не се појави ниту еден политички субјект кој имаше храброст да застане пред и со народот! Затоа сме каде што сме. Дури и оној кој постојано се фалеше со подршката од народот и кој добиваше и по 63 пратеници, кога дојде моментот да застане во одбрана на Македонија, го потпиша „Пржино“. Одби да сноси одговорност за сите свои грешки и го остави народот сам да си ја брани државата. Но, секој ќе си ја добие својата казна или награда. Така ќе биде и со сегашните лидери на државата, затоа што на крајот, народот решава кој е патриот, а кој предавник. Не помагаат ПР спинови, не помагаат ниту тапкања по рамо од странци, ниту деманти. Рекол премиерот за Ројтерс дека предлозите се негови или на Нимиц, сеедно е. Искрено, со неговиот англиски и не би зачудило ако не се разбрал со новинарот. Ја не знам како тој воопшто преговара со Грците и Нимиц, ако воопшто некој нешто го прашува. Едно е да не ти текне некој збор, но да измислиш нов, е тоа е веќе ново ниво на антилингвистика. Дрскоста оди до таму што истиот тој „Енглез“ во истото интервју ни го објаснува значењето на англискиот збор „nationality“. На истиот ден кога Македонците сами излегоа на снегот да се борат за опстанок, Заев лаже дека промена на националноста значи промена на државјанство и сето тоа без промена на Уставот?!!! Истиот ден градоначалникот на Струга со помош на СДСМ го крши Уставот со промена на статусот на општината, со што Албанскиот станува втор официјален јазик! Неколку дена претходно вицепремиерот Османи решава да не ја преставува Македонија на балсканска средба, затоа што Косово не е покането на истата, а Заев го подржува во истото! Поминаа 27 години, а Албанија не ја признала Македонија под уставно име, но Османи нема проблем со тоа. Немал ниту еден политичар од албанскиот блок во Македонија, но за Косово срце даваат. Во Македонија живаеат, работат, земаат плата, но името одма би го смениле без референдум, а за Косово ако треба и во војна би влегле! И ова е ок за Заев (Груевски)? Како што е во ред да го земе во коалиција човекот кој го исмеваше на секој предизборен митинг. Амди со себе носеше морков и зајак, за да се подбива со Заев, но на Зоран тоа не му пречи кога е во прашање ВЛАСТ и поголемо мнозинство во собранието. Бајрам барем си призна, дека неговата цел секогаш е власт и ништо друго. Која е целта на Заев? Веќе е очигледно и ќе стане уште појасно, дека целта на премиерот не се поклопува со онаа на народот. И тогаш ли ПР тимот ќе спинува и демантира? Тоа ли е планот Б, кога планот А вчера тресна од земја?

Колку само нашите политичари живеат во некој паралелен свет, без никаков допир со реалноста, зборува и денешната изјава на оној кој го ословуваат како претседател на Собранието, Џафери. На неполни 24 часа по протестот, на кој народот кажа дека нема апсолутно никаква доверба во ниту еден политичар или политичка опција, тој денеска зборува за меѓупартиски средби со меѓународно посредство! СДСМ и ВМРО ДПМНЕ ќе се договореле за законот за јазиците (албанскиот јазик)! Ќе се договореле да го дополнат деловникот во собранието! Истиот оној при чиј „избор“ се поништи деловникот, сега ќе го дополнува?! ДПМНЕ да се врателе во собранието и што? Во чие име ќе решаваат сите 120 таму? Уште ли не им е јасна пораката или глумат дека не се случило? Ајде во недела да им објанисме. Повторно мирно и достоинствено, без инциденти и само под едно знаме! Сите заедно, без партии, без политичари, без сендвичи, без скриена добивка и профит. СЕКОЈ за себе и сите за Македонија!

П.С. Иако, директна поврзаност во настаните нема, сепак сето ова започна со двестате интелектуалци и нивниот проглас. Ви благодарам што му покажавте на народот дека некогаш и 200 се доволно за да почне лавината.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно