Швајцарскиот суд во рок од четири дена осудил убиец - дали судството во Македонија некогаш ќе биде вака ажурно?

Во каква катастрофална состојба е македонското правосудство, знаеме сите. Судењата траат вечно, за исти кривични дела во различни судови се добиваат различни казни, голем дел од прекршителите не ја одлежуваат казната.

Спротивно на тоа, постојат држави каде правосудството функционира, а на тоа покажува последниот пример од Швајцарија. Во петокот, на 16 март, завршил процесот во кој Томас Н. бил обвинет за убиство на четири лица, кривично дело за кое бил осуден на доживотен затвор.

Интересно е тоа што обвинението било прочитано во понеделникот, на 12 март, а во вторникот започнал процесот на сведочење на двајца психијатри. Судскиот совет пресудил четири дена подоцна.

Значи, швајцарскиот суд, за еден од медиумски најследените судски процеси во современата историја на земјата, завршил за помалку од една недела. Притоа, на обвинетиот не му биле повредени никакви права и ништо во врска со судењето не било сомнително. 

Убиецот уапсен по петмесечна истрага

Станува збор за едно од најстрашните злосторства што се случиле во современата историја на Швајцарија. Сè започнало со повик до противпожарната служба на 21 декември 2015 година во градот Руперсвил (кантон Аргау) поради пожар во куќата.

Противпожарната служба пронашла четири тела, за кои подоцна било утврдено дека биле убиени пред избувнувањето на пожарот. Биле убиени 48 годишната Карла Шауер, нејзините два сина, 13-годишниот Давин и 19-годишниот Дион и 21-годишната девојка на Дион, Симона Фас.

После петмесечна истрага, бил уапсен Томас Н., а истрагата покажала дека влегол во куќата на семејството Шауер, претставувајќи се како школскиот психолог и веднаш го зел 13-годишниот Давин како заложник.

Се заканувал дека ќе го убие ако Клаудиа не ги врзи постариот син и неговата девојка. Кога мајката ги врзала, тој побарал пари од мајката. Карла отишла во најблиската банка и подигнала колку што можела повеќе пари. Кога се вратила во куќата, Томас Н. ја врзал и неа, а потоа брутално сексуално го злоставувал 13-годишниот Давин. Кога се задоволил, ги заклал сите, и подметнал пожар за да ги сокрие трагите.

„Примитивно злосторство лишено од било каква емпатија“

Но во тоа не бил успешен бидејќи полицијата пронашла ДНК докази со кои го поврзале Томас Н. со ова застрашувачко четирикратно убиство. Кога ја пребарале неговата куќа, тие пронашле повеќе докази, но и докази дека подготвувал слични убиства, односно на мета имал и други семејства.

Претседателот на судскиот совет, Данеил Аешбах злосторствата на ТОмас Н. во читањето на пресудата ги опишал како „примитивни, ладнокрвни и без емпатија“, а освен доживотна казна и задолжително психијатриско лекување, бил осуден и да плати судски трошоци во износ од 540.000 швајцарски франци, како и отштета од 700.000 швајцарски франци на семејствата на жртвите и трошоци за адвокатите. 

Во секој случај, целото судење на швајцарскиот суд се случило во рок од четири дена, што од македонска перспектива изгледа ккао научна фантастика. Во нашата земја судењата траат со години, предметите талкаат низ судските лавиринти, а судството и правдата често се два сосема спротивни концепти. 

Со овој случај Швајцарија докажува дека правдата може да биде брза и достижна. Во Македонија, бавна и недостижна.

Коментари

Популарно