(ВИДЕО) Страшна исповед на патник во американскиот авион: Жената до половината висеше надвор...

Патниците кои што го преживеаа летот на авионот на американската авиокомпанија "Southwest Airlines" на кого му експлодираше моторот за време на летот, го опишаа хоророт низ кој што поминале.

Откако моторот на авионот кој што летал од Њујорк до Далас експлодирал, шрапнели го оштетиле трупот и искршиле еден од прозорците. Една жена која што седела веднаш до прозорот била сериозно повредена од експлозијата, а за малку и ќе излетала од авионот.

Половина од нејзиното тело веќе било надвор од авионот, по што патниците реагирале, ја грабнале и ја повлекле назад во авионот. Како што раскажуваат некои патници за американските медиуми, сцените биле страшни, а крв имало насекаде.

„После експлозијата авионот започна нагло да паѓа, некои започнаа да паничат, беше прилично морничаво“, изјави Тимоти Бурман за американските медиуми.

„Одредено време бевме надвор од контрола, а пилотот се мачеше да го исконтролира авионот. Сите мислевме дека паѓаме. Сопругата и јас мислевме дека ќе умреме. Навистина сме благодарни што го преживеавме тоа“, изјави Бурман.

„Стујардесите започнаа да трчаат, настана хаос. Сите се насочија кон дупката каде што беше авионот. Не знаевме што да направиме, дали да ставиме нешто врз дупката или не. Мирисаше на чад“, раскажува тој.

Како што авионот се приближувал кон пистата, стујардесите соопштиле дека патниците треба да се подготват за удар. За среќа, пилотите успешно го приземјиле авионот на пистата.

„Десетина минути бевме без еден мотор. Од 2500 на 1500 метри се спуштивме прилично брзо, но после тоа беше полесно. Пилотите и екипажот одлично ја завршија работата“, изјавил еден од патниците.

Во авионот кој што летал на редовна линија од Њујорк до Далас имало околу 150 патници и членови на екипажот. Во несреќата загинала Џенифер Риорден која што иако била спасена од тоа да излета од авионот, сепак им подлегнала на повредите, а потешко биле повредени 12, а полесно 7 лица.

Коментари

Популарно